Македонија
Претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, во официјална посета на Македонија

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, денеска ќе биде домаќинка на претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ, кој ќе престојува во официјална посета на земјава.
Хрватскиот претседател ќе биде пречекан со највисоки државни и воени почести на церемонија во Кабинетот на претседателката, по што ќе следи тет-а-тет средба на претседателите, а потоа и пленарен состанок на македонската и хрватската делегација.
Во рамки на посетата, претседателот на Република Хрватска ќе положи венец на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Апасиев на средба со Тајасев – заменик претседателот на КПРФ

Во рамки на посетата во Москва, делегацијата на Левица заедно со бројните делегации од останатите земји, беше дел од свеченостите организирани од страна на КПРФ.
„После говорот на претседателот Апасиев во Паркот на победата, беше посетен главниот митинг кај споменикот на Карл Маркс (пред театарот Баљшој), по што делегациите се упатија и положија цвеќе кај споменикот на ,,Непознатиот војник” и Вечниот пламен, кај ѕидините на Кремљ“, соопштија од партијата.
Свеченостите беа завршени со работна средба на делегацијата на Левица и потпретседателот на КПРФ – пратеникот Казбек Куцукович Тајсаев, во канцелариите на Руската Дума.
„На пријателската средба, која помина во срдечна атмосфера, се разговараше за досегашната соработка меѓу двете партии, беа опфатени актуелните теми кои ја задираат европската и регионалната политика, како и за можностите двете партии да допринесат во развојот на соработката помеѓу младите на Македонија и на Русија“, соопштија од Левица.
Од партијата додаваат дека, на покана на Министерството за надворешни работи на Руската Федерација, Апасиев заедно со лидерите на идеолошки блиските партии утре ќе присуствува на Парадата на победата организирана по повод 80 години од Големата победа над фашизмот.
Македонија
Муцунски на состанок со министрите од ЕУ: Сега е време за дела, не само за зборови

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, на покана на неговиот полски колега, министерот за надворешни работи Радослав Сикорски, учествуваше на неформалниот работен ручек на министрите за надворешни работи на земјите-членки на Европската унија и земјите кандидати и потенцијални кандидати за членство во ЕУ (формат GYMNICH), кој се одржа во Варшава, Полска.
Состанокот, организиран во рамки на претседавањето на Република Полска со Советот на Европската унија, претставува обновување на форматот на неформални средби помеѓу ЕУ и земјите-кандидати, по подолга пауза во неговото редовно одржување.
Темата на состанокот беа актуелните предизвици во европската надворешна и безбедносна политика, со посебен акцент на прашањата поврзани со градењето отпорност кон хибридните закани. Дискусиите беа фокусирани на практични чекори за подобра координација меѓу ЕУ и земјите-кандидати во однос на хибридните закани и влијанието од трети страни.
Во својата изјава пред почетокот на состанокот, министерот Муцунски изрази задоволство од одржувањето на средбата и упати благодарност до министерот Сикорски за вклучувањето на земјите-кандидати во овој процес.
„Во време на геополитичка несигурност, важно е земјите-кандидати да соработуваат со членките во создавањето стратегии за справување со заедничките предизвици. Клучно е што ја претставувам и земја-кандидат и земја која е целосно усогласена со надворешната и безбедносната политика на ЕУ. Затоа, одлуките и предизвиците со кои се соочуваме се заеднички. Драго ми е што денес соработуваме со колегите од ЕУ, и се надевам дека ваквата практика ќе продолжи и во иднина“, истакна министерот Муцунски.
Одговарајќи на новинарско прашање, тој додаде дека земјите-членки очекуваат од Европската Унија да го надмине јазот меѓу очекувањата и практичната испорака.
„Претставувајќи ја мојата земја, уверувам дека сме посветени на реформите, на усогласувањето со правото на ЕУ и на спроведувањето на реформската агенда, како дел од Планот за раст. Но, очекуваме Брисел и земјите-членки да ја исполнат обврската кон Западен Балкан дадена пред многу години. Тоа значи вистинско проширување, но и крај на билатерализацијата на пристапните процеси за земјите од регионот. Слушаме сѐ повеќе за јасна перспектива, но сега е време не само за зборови, туку и за дела“, додаде Муцунски.
Во рамки на еднодневната работна посета на Полска, министерот Муцунски го посети Меморијалниот музеј „Треблинка“, посветен на сеќавањето на жртвите на нацистичкиот логор на смртта. Тој оддаде почит, остави порака во книгата на жалост и се поклони пред споменикот посветен на македонските Евреи кои ги загубиле животите.
Македонија
Утре облачно време, попладне дожд

Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има врнежи од дожд, локално проследени со грмежи. Врнежите ќе бидат пообилни во јужните делови од земјата, информира УХРМ.
Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 11, а максималната ќе достигне од 19 до 26 степени.
Во Скопје, променливо облачно. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 25 степени.
Во наредните денови ќе биде променливо облачно и посвежо со повремен локален дожд. Ќе дува умерен, во сабота повремено засилен северен ветер. Во недела попладне ќе има услови за изолирана појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи.