Македонија
ДОМ: Укинувањето на членот 62-а од Законот за градењето отвора прашања за начинот на заштита на правата на граѓаните во иднина
„ДОМ со загриженост го следи начинот на решавање на предизвиците во областа на градежништвото. Неодамнешното укинување на членот 62-а од Законот за градење може да послужи како пример зошто е важно да се пристапи кон системски реформи, наместо кон парцијални интервенции“, велат од ДОМ.
„Членот 62-а имаше за цел да им овозможи на граѓаните да го изразат своето мислење во врска со нови градби кои можат да влијаат на нивниот живот и имот. Неговото укинување отвора прашања за начинот на заштита на правата на граѓаните во иднина.
Веруваме дека за стабилен и праведен развој на градежништвото, потребни се темелни и долгорочни решенија, вградени во сеопфатни законски рамки. Свесни сме дека постојат подготвени нацрт-текстови за нов Закон за градење и Закон за заштита на културното наследство, кои нудат можност за создавање на таква рамка.
Апелираме до Владата и Собранието: Да го преиспитаат пристапот на парцијални измени и да се фокусираат на донесување на нов Закон за градење и Закон за заштита на културното наследство на здрава основа, користејќи ги како појдовна точка веќе постоечките нацрт-текстови.
Да обезбедат транспарентен и инклузивен процес на подготовка и донесување на овие закони, со цел да се создаде правна рамка која ќе ги штити правата на граѓаните, ќе обезбеди одржлив развој и ќе ја унапреди правната сигурност во областа на градежништвото.
Во рамките на новите законски решенија, да се обезбедат механизми за заштита на правата на граѓаните во однос на влијанието на новоградбите.
Веруваме дека преку заеднички напори и фокусирање на системски решенија, можеме да создадеме подобро законско опкружување за сите“, се наведува во соопштението на ДОМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја денеска делови од Чаир, Бутел и Шуто Оризари
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08.00 до 11.00 часот корисниците од дел од улицата Бајрам Шабани и дел од улицата Чаирска, општина Чаир;
· во периодот од 09.00 до 10.00 часот корисниците од објектите околу Фитофарм-Визбегово, општина Бутел;
· во периодот од 09.00 до 12.00 часот корисниците позади бензинската ОКТА во Шуто Оризари, општина Шуто Оризари.
Македонија
Делови од Карпош и Шуто Оризари денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на улицата Демирхисарска бр 13 прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улицата Демирхисарска, од 17:30 часот до завршување на дефектот, општина Шуто Оризари.
Од ЈП Водовод и Канализација исто така известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-100мм на ул. Софиска 7, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Бриселска, Петар Драганов, Његошева, Копенхагенска и Стокхломска, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Македонија
Утрото постудено и магливо, преку денот сончево со мала до умерена облачност
Утрото постудено со услови за појава на магла по одделни котлини и речни долини. Преку денот времето ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 16 до 21 степен.
Во Скопје, утрото постудено, во делови од котлината магливо. Преку денот времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 18 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на висок воздушен притисок следува период на стабилно и суво време со постудени утра, а дневната температура ќе биде во пораст, особено во деновите од викендот. Претпладне по одделни котлини и речни долини ќе има услови за појава на магла.

