Македонија
Набавена медицинска опрема вредна 13 милиони евра никогаш не е ставена во употреба
Медицинска опрема вредна 13 милиони евра не е ставена во употреба во медицинските установи, утврди Државниот завод за ревизија. Тоа најмногу се должи поради недостиг на човечки ресурси и необезбедени просторни и други услови.
„23% од опремата во вредност од 810.354. илјади денари (13 милиони евра) не е ставена во употреба, а 9% во вредност од 337.472 илјади денари (5,5 милиони евра) не се користи во полн капацитет и/или не се користат дополнителните функционалности кои ја зголемиле вредноста на опремата, што влијае на рационалното користење на јавните средства“, пишува во извештајот на тема „Искористеност на современа медицинска опрема“.
Со ревизијата е опфатен периодот од 2021 година до 2023 година, при што е опфатен период пред и период по завршување на ревизијата до денот на изготвување на овој извештај.
Со ревизијата опфатени се надлежните државни институции и ЈЗУ каде што се вршат здравствени услуги со современа медицинска опрема (КТ, ангиографи, акцелератори, мамографи со ТС, ПЕТ/КТ и апарат за роботска рехабилитација).
Ревизорите утврдиле дека е остварен напредок во поглед на обезбедување на регионална распределеност на новата медицинска опрема во јавното здравство и зголемување на вкупниот бројот на здравствени услуги во последните три години. Но, како што се наведува, и понатаму дел од опремата во ЈЗУ, не е ставена во употреба или не е доволно искористена, најмногу поради недостиг на човечки ресурси и/или необезбедени просторни и други услови, поради што и понатаму за дел од услугите не е обезбедена доволна регионална достапност, односно задоволување на потребите за здравствена заштита.
„Обезбедувањето на нова современа медицинска опрема за ЈЗУ, како со буџетски средства така и преку проекти, не секогаш е направено врз основа на критериуми за утврдување на приоритети за потребите и соодветна анализа и координација од аспект на обезбедување на потребните просторни услови, придружна опрема и стручен и обучен кадар за работа со истите“, пишува во извештајот.
Поради тоа 23% од опремата во вредност од 810.354. илјади денари (13 милиони евра) не е ставена во употреба, а 9% во вредност од 337.472 илјади денари (5,5 милиони евра) не се користи во полн капацитет и/или не се користат дополнителните функционалности кои ја зголемиле вредноста на опремата, што влијае на рационалното користење на јавните средства.
Од друга страна, во поголемите ЈЗУ интензивно се користат амортизирани уреди, кај кои настануваат чести дефекти што влијае на зголемени расходи за сервисирање и намалена достапност на здравствените услуги. Тоа доведува до висока концентрација на побарувачката за здравствени услуги во здравствените установи во Скопје, што влијае на регионалната достапност и континуитет на услугите.
Според извештајот, бројот на вкупно извршени услуги со КТ е зголемен, но бројот на редовно објавени термини е намален поради воспоставена пракса најголем дел од услугите да се вршат врз основа на упати без термин или итни упати, а при тоа нема реални
податоци за оправданоста на ваквите упати.
Исто така, утврдено е дека зголемувањето на бројот на здравствени услуги и медицинска опрема не е проследено со сразмерно зголемување на бројот на здравствени работници во ЈЗУ кои ги опслужуваат овие апарати.
Утврдено е дека постојат значајни разлики во евиденциите за извршените услуги помеѓу ЈЗУ, Мој Термин и Фондот, што има за ефект нереални податоци за услугите во Мој Термин, помалку прикажани услуги кон Фондот и најмалку 15.177 илјади денари (247 илјади евра) помалку наплатена партиципација од ЈЗУ.
Тоа се должи на нецелосно евидентирање на услугите од страна на ЈЗУ во Мој Термин како единствен национален систем за евиденции во здравството. Во услови на невоспоставени листи на чекање за подолг период, отсуствуваат податоци за реалната побарувачка на услуги, а поради неусогласени евиденции за извршените услуги во ЈЗУ, Мој Термин и системот на Фондот, не може да се утврди ниту точниот број на извршени здравствени услуги.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на панел во Давос со американскиот секретар за енергетика: „Македонија мора да стане активен играч во енергетиката“
Премиерот Христијан Мицкоски денеска учествуваше на панел за енергетика во рамки на Светскиот економски форум во Давос, заедно со секретарот за енергетика на САД, Крис Рајт. Тој изјави дека зад себе има успешен и инспиративен ден со средби со мултинационални компании од областа на енергетиката, здравството и високата технологија.
„Претставивме можности за инвестиции во македонската економија – нешто што значи додадена вредност за граѓаните“, рече Мицкоски во видео-обраќање.
Во фокусот на денот, како што рече, бил панелот на кој учествувале водечки светски енергетски компании. „Разговаравме за очекувањата и плановите за развој на енергетиката, особено во производството на електрична енергија“, кажа Мицкоски, кој притоа истакна три клучни поенти од панелот:
Побарувачката на електрична енергија ќе расте два и пол пати побргу од вкупната побарувачка на енергија во светот во наредните години. „Македонија не смее да биде нем набљудувач, туку активен чинител“, порача тој, повикувајќи на рестарт на проекти како Чебрен, Галиште и Бошков Мост.
Во следните десет години, светот ќе треба да изгради капацитети што ќе произведуваат 40.000 терават-часови електрична енергија – што е 5.500 пати повеќе од целата потрошувачка на Македонија, и приближно колку што трошат САД, Канада, ЕУ и Јапонија заедно. Причина за ова е експанзијата на вештачката интелигенција и дата центрите што работат исклучиво на електрична енергија.
Македонија треба да ја диверзифицира економијата и од фокус на автомобилската индустрија да стане значаен играч во енергетиката, користејќи ги постојните ресурси и потенцијали за обновлива енергија.
„Убеден сум дека можеме да успееме како држава во оваа насока“, изјави премиерот.
Македонија
МВР го пронајде возачот кој се снимаше додека вози со 293 километри на час
Министерството за внатрешни работи делуваше по објавата на шокантно видео на социјалните мрежи, на кое се гледа како возач управува со патничко моторно возило со неверојатни 293 километри на час на автопатот Скопје–Гевгелија, во близина на Неготино. На тој дел од патот максимално дозволената брзина е 120 километри на час.
Возачот, А.Д. (36) од село Елово, скопско, веднаш бил идентификуван, пронајден и повикан од полицијата.
„Тој е санкциониран согласно законските одредби“, велат од МВР.
Министерството повторно апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, за зачувување на безбедноста на сите граѓани.
Фото: МВР
Македонија
Утре снежни врнежи, наместа снежната покривка ќе се зголеми и до 25 сантиметри, најавува УХМР
Облачно време со повремени локални врнежи од снег се очекува утре низ целата земја. Пообилни врнежи ќе има во западните делови, каде што висината на снежната покривка на планините и на некои повисоки места ќе може да се зголеми и до 25 сантиметри. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде помеѓу -8 и -2 степени, додека максималната ќе достигне од 0 до 6 степени, јавува УХМР.
За Скопје се најавува претежно облачно време со повремени врнежи од снег со послаб интензитет. Во Скопје, исто така, ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се движи околу -6, а максималната ќе биде до 2 степени.
Во наредните денови се очекува период на променливо облачно време со пораст на температурите. До сабота ќе продолжи претежно стабилно време, со појава на магла во поодделни котлини. Од сабота кон крајот на денот повторно се очекуваат локални врнежи од дожд, односно снег на планините и повисоките места.

