Македонија
„Влен“: 9 и 10 мај – црни денови во Куманово, албанските куќи гореа додека министрите на ДУИ се чешлаа
„Во темната колективна меморија на Албанците во Северна Македонија, 9 и 10 мај 2015 година ќе останат засекогаш како денови на жалост и болка. Во Куманово се одвиваше една од најтрагичните и најмрачни настани по конфликтот – крвава акција која одзеде човечки животи, уништи домови и остави длабоки рани во душата на албанскиот народ“, велат од „Влен“.
„Но, ни таа трагедија не беше доволна причина за ДУИ да се откаже од власта – се однесуваа како ништо да не се случило. Тоа однесување не е само навреда за жртвите и нивните семејства, туку јасен показател за целосната отсеченост на таа политичка класа од реалноста на обичниот Албанец.
Декадата што помина од тие настани не значи дека албанскиот народ страда од амнезија. Сите ние, со голема болка, се сеќаваме на тие мрачни денови – напуштени домови, детски трауми, бегства, солзи и страдања кои не може да се заборават. А сепак, функционерите на партијата која се претставуваше како чувар на албанскиот народ, ДУИ, продолжуваа да се чешлаат, да садат коса, да се потсмеваат во јавни институции, и да глумат „кападаи“ додека народот крвави од раните што токму нивната лоша власт ги предизвика.
Настаните во Куманово не се само горчлива страница во нашата историја, туку и јасен доказ за моралниот, политичкиот и институционалниот неуспех на тие што со години ја злоупотребуваа власта во име на Албанците.
ВЛЕН изразува длабоко сочувство кон сите жртви и семејства кои ги изгубија своите најмили во тие црни денови. Воедно, нашата постојана заложба е вистината за 9 и 10 мај никогаш да не избледи, и одговорните за оваа трагедија да се соочат со правдата.
Албанците заслужуваат правда, достоинство и достојно претставување – а не заборав и потсмев“, се наведува во соопштението на „Влен“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) ДИК: Излезноста до 9 часот во четирите општини е 1,12 отсто
Државната изборна комисија на својата веб-страница објави дека до 9:00 часот утринава, излезноста на гласачите во четирите општини каде што се одржуваат повторени избори за градоначалник е 1,12%.
По општини:
– Врапчиште – 1%
– Гостивар – 0,93%
– Маврово–Ростуше – 2,89%
– Центар Жупа – 0,75%
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска, на прес-конференција кажа дека на избирачките места кои се отворени навреме, гласањето тече непречено, без поголеми тешкотии. Поради временските прилики со задоцнување се отворени неколку избирачки места, а едно избирачкото место во Ќафа не е воопшто отворено.
Денеска се гласа на вкупно 215 избирачки места, а право на глас имаат 128.286 избирачи.
Македонија
(Видео) Успешно спасени двајца вработени во мобилен оператор заглавени во снег кај Лазарополе
Двајца вработени во мобилниот оператор А1 синоќа беа заглавени во снег кај село Лазарополе, во близина на базната станица на операторот, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Случајот бил пријавен во 23:30 часот, откако со лицата не можело да се воспостави контакт поради отсуство на мобилна мрежа. Веднаш по пријавата, во акцијата биле ангажирани припадници на Одделот за специјални полициски операции, Одделот за униформирана полиција, како и на Дирекцијата за заштита и спасување.
Со две теренски возила, опремени со санки за снег и спасувачка опрема, екипите се упатиле кон местото на настанот.
„Денеска (11.01.) во 08:30 часот, лицата биле пронајдени и успешно извлечени во добра здравствена состојба. Станува збор за лицата Г.Н. (47) и М.М. (37), двајцата од Скопје, кои се движеле со теренско возило марка „VW Amarok“ со скопски регистерски ознаки.
Тие биле пронајдени на локација позната како „Коритник“, во близина на предавателот на мрежата на А1, на атарот на село Лазарополе“, стои во објавата на МВР.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.

