Култура
Македонскиот проект „Страда бруталисима“ на Венециското биенале за архитектура
Со претставување на проектот „Страда бруталисима“ денеска во изложбениот простор „Арсенале – Сале д’Арми“ во Венеција, беше отворен македонскиот павилјон во рамките на 19. Меѓународна изложба на архитектурата – Венециско биенале за архитектурата 2025.
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков на отворањето рече дека да се биде дел од Венециското биенале за архитектура, е можност да се вклучиме во глобалниот разговор за потребата од заемно поврзување и градење хумано општество преку јазикот на формата, на материјалот и визијата.
„Годинава нашата приказна носи наслов „Strada Brutalissima“. Иако насловот сам по себе звучи грубо, тој во себе крие длабока емоција. Емоција која е поврзана со приказна за Скопје, градот кој по земјотресот во 1963 година, благодарение на солидарноста на светот и визијата на многубројни архитекти, избра повторно да се издигне“, рече Љутков.
Според министерот Љутков „Страда бруталисима“ не е само улица, таа е патека низ времето, низ слоевите на нашата колективна меморија. Таа нè потсетува дека архитектурата не е само нем сведок – таа зборува, понекогаш гласно, понекогаш тивко, но секогаш со длабоко значење.
Авторите на проектот, посочи Љутков, не се обидуваат само да ја прикажат архитектурата од тој период, туку преку проектот отвораат дијалог со минатото, но и со сегашноста, со локалното и глобалното, со заборавеното и она што бара ново препознавање.
„За проектот слободно можеме да кажеме дека е предизвик да го погледнеме минатото не со носталгија, туку со отворен ум и подготвеност за негово ново перципирање во контекст на современото општество. Да го преиспитаме нашето наследство не само како артефакт, туку како жива материја – како нешто што и денес може да нè научи и да нè инспирира. Токму во таа нишка што ја поврзува историјата на Скопје со духот на Венеција, градот кој и самиот многу добро ја познава борбата со времето, природата и промените, го лоцираме суштинското значење на нашето присуство овде, на една од најзначајните светски манифестации за архитектура“, рече Љутков.
Со поддршка од Министерството за култура, архитектонското творештво на македонските автори во континуитет се претставува на овој врвен архитектонски настан. Кураторот на проектот „Страда Бруталисиме“ е Благоја Бајковски, доцент на Архитектонскиот факултет при УКИМ во Скопје, кој заедно со Ана Рафаиловска, Невенка Манчева Аџиевска, Марија Антиќ-Николова, Теа Дамјановска и Михајло Стојановски работеа на неговата реализација. Комесари на проектот се Фросина Зафировска и Маја Неделкоска Брзанова, кои заедно со тимовите од Националната галерија и од Архитектонскиот факултет од Скопје, дадоа свој голем придонес за македонското претставување на 19. Интернационална изложба на архитектурата во организација на Венециското биенале кое ќе биде отворено до 23 ноември оваа година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Македонскиот филм „Неми филмови“ меѓу најдобрите анимирани кратки дела за 2025 според „Animation Magazine“
Kраткометражен анимиран филм „Неми Филмови“ на режисерот Крсте Господиновски е вклучен во изборот на Animation Magazine за најистакнати анимирани кратки филмови во 2025 година.
Во текстот „Избор на познавачот: Субјективен критички преглед на најдобрите кратки анимирани филмови за 2025 година“, авторот Крис Робинсон – долгогодишен уметнички директор на Меѓународниот фестивал за анимиран филм во Отава – го наведува филмот како едно од најзначајните остварувања во годишниот преглед.
Робинсон го оценува „Неми Филмови“ како дело што се издвојува по визуелниот јазик, атмосферата и авторскиот пристап, особено преку неговата stop-motion естетика и внимателно развиена визуелна нарација. Како влијателна фигура во светот на независната анимација, неговата препорака се смета за важен сигнал за квалитет и релевантност на филмот.
Култура
Сорентино и филмот „Југо Флорида“ со Андрија Кузмановиќ на репертоарот на „Синедејс“
Денес, на претпоследниот ден од 24 издание на фестивалот Синедејс, во киното Фросина, со почеток од 20 часот ќе биде прикажан филмот “Помилување” во режија на славниот италијански режисер Паоло Сорентино. Филмот “Помилување” ја имаше својата светска премиера на 82 издание на Венецискиот филмски фестивал, со што се отвори и 82-та Мостра. Токму на овој фестивал, актерот Тони Сервиљо ја доби наградата “Волпи” за најдобар актер, а филмот беше номиниран за “Златен Лав”.
На истата локација, во 22.30 часот ќе биде прикажан филмот “Југо Флорида” во режија на Владимир Тагиќ, каде главната улога ја остварува популарниот српски актер Андрија Кузмановиќ. За ова остварување, актерот ја добива наградата “Срце на Сараево” за најдобра улога на Сараевскиот филмски фестивал во 2025 година.
Од останатите филмови на вечерашниот репертоар на фестивалот, во Денснг салата на МКЦ следи и краткиот филм “Зајак” во режија на Ханис Багашов кој се здоби со наградата Најдобар филм на фестивалот на краток филм Дримшорт во Струга и “Еден од оние денови кога Хеме умира” во режија на Мурат Фиратоглу. Во Кинотеката, ќе биде прикажан филмот “За Ева” краткиот филм во режија на Бојан Василев и “Вена” во режија на Кјара Флајшхакер.
Билети за фестивалот може да се набават на официјалната страница www.cinedays.mk.
Култура
Комичното оперско ремек-дело „Севилскиот бербер“ на 13 декември на сцената на Националната опера и балет
На 13 декември 2025 година, со почеток во 20.00 часот, на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе комичното оперско ремек-дело „Севилскиот бербер“ од Џоакино Росини – опера која со својата духовитост, динамика и незаборавни арии со децении ја плени домашната и светската публика.
Изведбата е под диригентската палка на Џанлука Мартиненги (Италија), режијата е на Урсула Хорнер (Австрија), сценографијата на Марија Ветероска, а костимографијата на Марија Пупучевска. Концерт-мајстор е Јане Бакевски, а хор-мајстор Ѓурѓица Дашиќ.

Во солистичката екипа ќе настапат: Роберто де Кандиа (Италија), Николина Јаневска, Чанг Ванг (Кина), Владимир Саздовски, Јанoш Носек (Полска), Злата Тошевска Димовска, Драган Ампов, Кристијан Антовски, Никола Чедомировски, чембало: Анастасија Грговска заедно со хорот и оркестарот на МОБ.

„Севилскиот бербер“ е едно од најпрепознатливите дела на Росини – автор кој со својата музичка виртуозност и карактеристични брзи, ритмични фрази создава неповторлива енергија на сцената. Блеска со брзи дијалози, духовитост и незаборавни музички моменти, меѓу кои се истакнува славната арија „Largo al factotum“, со која Фигаро повеќе од два века го освојува светот. Делото ја раскажува љубовната приказна полна со неочекувани пресврти, тајни планови и духовити недоразбирања, претставени во препознатливиот Росиниев стил – брз, жив и раскошен.

