Македонија
Се воведува „One Stop“ систем на преминот Табановце – Прешево
Министрите за внатрешни работи на Македонија и Србија, Панче Тошковски и Ивица Дачиќ, денеска во Белград потпишаа договор за воспоставување на заеднички контроли на граничниот премин за меѓународен патен сообраќај Табановце – Прешево кој треба да овозможи имплементација на „One Stop“ систем со цел побрз транспорт на луѓе, повеќе трговија, туризам и пријателство меѓу двете држави.
„На мое огромно задоволство го потпишавме договорот врз основа на кој нашите две држави ќе имаат заедничка контрола на граничниот премин Табановце-Прешево со што ќе овозможиме побрз трансфер и проток како на стоки и услуги, така и на луѓе на нашата граница. Со имплементација на системот очекуваме за двојно да се забрза трансферот на луѓе, а по потпишување и ратификација на договорот ќе можеме да започнеме со тест фазата од аспект на техничко решение и се надеваме дека пред почетокот на летната сезона ќе можеме и официјално да го ставиме во функција и да го забрзаме протокот на луѓе.“, потенцираше министерот Тошковски.
Тошковски нагласи дека продолжува и понатаму одличната соработка со српската полиција во борба против сите видови криминал и во текот на оваа летна сезона ќе продолжи проектот за размена на полициски службеници на Србија во Охрид и македонски полициски службеници на настани коишто ќе се одржуваат во Србија.
Дачиќ потенцираше дека целта на овој договор е можност уште повеќе да им се помогне на граѓаните полесно да ги преминуваат граничните премини и со тоа да се олесни протокот на луѓе и материјални добра.
„Денес го потпишавме договорот меѓу двете влади за воспоставување на заеднички контроли за меѓународен патен сообраќај Прешево-Табановце каде воспоставуваме нов процес на работа кој има за цел поедноставување на комплетната процедура на граничните проверки така што полициските службеници на земјата домаќин ќе бидат овластени покрај влезната гранична контрола на својата земја ќе ја извршат и излезната гранична контрола на соседната земја. Така го воспоставуваме „One Stop“ системот со едно место на контрола.“, нагласи министерот Дачиќ.
„One Stop“ системот неодамна беше имплементиран со Косово на граничниот премин Блаце-Елез Хан, ќе следува имплементација и со Република Албанија, така што Македонија ќе го има имплементирано овој систем со сите земји-соседи кои не се дел од Европската Унија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Отворен почесен конзулат на Австрија во Битола
Денеска во Битола беше отворен конзулатот на Австрија, а функцијата почесен конзул ќе ја врши битолчанецот Игор Божиновски. Конзулатот на Австрија се наоѓа на улицата „Виенска“.
На свеченоста која се одржа се обрати австрискиот амбасадор Мартин Памер, македонскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, конзулот Игор Божиновски и градоначалникот на Битола Тони Коњановски.
Градоначалникот Коњановски пред присутните ја истакна важноста на отворањето на уште еден конзулат во Битола, а со тоа и интензивирање на соработката со Австрија.
„Битола од денеска е побогата за уште еден конзулат, сега од пријателската држава Австрија, со што го враќаме епитетот Битола конзулски град“, истакна Коњановски пред присутните гости, дипломатскиот кор, пратеници и други гости.
Со ова Битола има седум почесни и два генерални конзулати.
Македонија
Николоски и Мисајловски во посета на Република Унгарија
Владина делегација предводена од вицепремиерот и министер за транспорт и министерот за одбрана, Александар Николоски и Владо Мисајловски, денеска се во работна посета на Унгарија.
За време на посетата министрите Мисајловски и Николоски остварија средби со главниот советник за национална безбедност, Марцел Биро и со Мате Лога, државен советник во Министерството за национална економија, за економски развој и национални финансиски сервиси.
Денешната работна посета е во насока на зајакнување на меѓусебната севкупна соработка меѓу двете земји особено на полето на одбрана и безбедноста и на економските врски.
Во рамки на денешната посета, како дел од македонската делегација, началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски оствари средба со својот унгарски колега генерал Габор Боронди, а државниот секретар во министерството за одбрана Елизабета Чуповска Ристова оствари средба со заменик-министерот за одбрана, Тамаш Варга.
Македонија
Населбата Бел Камен добива нова водоводна мрежа
Населбата Бел Камен добива нова водоводна мрежа, со што се решава долгогодишниот проблем со водоснабдувањето, изјави градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
„По даденото ветување за време на изборниот период, денес започнуваат градежните активности за поставување на нова водоводна мрежа во должина од повеќе од 600 метри, во соработка со Општина Бутел и ЈП „Водовод и канализација“, со што ќе се обезбеди сигурно, квалитетно и континуирано снабдување со вода за пиење за домаќинствата во Бел Камен“, вели Ѓорѓиевски.
Според него, овој зафат значи сигурно, квалитетно и континуирано водоснабдување за домаќинствата во Бел Камен, чиста вода за пиење во секој дом.
Ѓорѓиевски најави дека по поставувањето на новата водоводна мрежа, ќе следува и реконструкција на улиците.

