Македонија
Предложен притвор за кичевецот кој утрово со секира си го уби таткото и тешко ја повреди мајка си

Основното јавно обвинителство Кичево поведе истражна постапка против кичевец осомничен за кривични дела убиство и обид за убиство.
„При вршење семејно насилство рано утрово, во дворот на семејната куќа во селото Србјани, осомничениот 47-годишник го лишил од живот својот татко, а се обидел да ја убие и својата мајка. При вербална расправија, со нож и секира најпрво го нападнал таткото, прободувајќи го по телото и удирајќи го со секирата по главата. Потоа и нанел убоди со нож во вратот и на неговата мајка. Од многубројните повреди оштетениот маж починал при укажување прва помош, а жената е пренесена на Ургентниот центар во Скопје во тешка состојба“, извести вечерва Обвинителството.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Кичево вечерва достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот. Осомничениот беше уапсен откога самиот пријавил во Итната медицинска помош дека ги нападнал родителите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Јанев на заокружување на обуката „Истрага на местото на настанот“, насочена кон унапредување на истражните капацитети на полициските сили

Директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев присуствуваше на свеченоста за доделување на дипломите, што се одржа во Центарот за обука на полицијата во Идризово, заедно со помошник министерот за внатрешни работи и началник на Центарот за обука, Влатко Митковски, како и со амбасадорот на Италија во нашата земја, Н.Е. Паоло Палминтери.
Обуката беше реализирана од Вишиот институт за истражни техники на карабинерите на Италија, со организациска поддршка од Италијанската амбасада во Скопје.
Учесниците на курсот имаа можност да стекнат напредни знаења и практични вештини за истражување на место на настан, притоа следејќи современи европски и меѓународни стандарди.
“Посебна благодарност упатувам до италијанските експерти за нивниот професионален ангажман и пренесеното знаење и сакам да истакнам дека како институција, особено ја цениме оваа соработка што претставува значаен чекор кон унапредување на капацитетите на нашата полиција и поддршка на владеењето на правото”, истакна директорот Јанев, додавајќи дека ова е уште еден показател за успешната и стратешки ориентирана билатерална соработка со Италија во областа на безбедноста и претставува дел од заедничките напори за градење побезбедно и посилно општество.
Македонија
Николоски учествува на висок министерски форум во Истанбул

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски денеска и утре учествува на Форум за министри за транспорт што се одржува во Истанбул.
Во планираната агенда е предвидено обраќање на вицепремиерот Николоски на панелот насловен ,, Иновативни можности и решенија за финансирање на транспортни коридори” .
На Форумот ,,Глобална Транспортна Поврзаност” предвидено е да се обрати претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, министерот за транспорт на Турција, Абдулкадир Уралоглу како и други министри од Европа и светот.
На настанот ќе земат учество и бројни министри како што се министерот за транспорт на Шпанија, на Албанија, на Саудиска Арабија, Сингапур, Црна Гора, Обединетите Арапски Емирати, како и многу други високи претставници од институции од областа на транспортот.
Македонија
Сиљановска-Давкова прими припаднички на Армијата кои успешно завршија обука во САД

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ги прими капетанката Неда Волчева и поручничката Сара Тасевска кои успешно го завршија седуммесечниот курс „Maneuver Captain’s Career Course“во Џорџија, САД, организиран од американскиот тренинг центар „Fort Moore”.
На средбата на којашто присуствуваа началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и американската амбасадорка Анџела Агелер, двете припаднички на Армијата ја запознаа претседателката со фазите, содржините и квалитетот на воено-образовната обука и ги споделија нивните натамошни планови, заложби и амбиции за кариерен напредок.
Препознавајќи во нив потенцијал за идни генерали, Сиљановска-Давкова им честиташе на Волчева и Тасевска за успешно завршената обука и изрази уверување дека стекнатите знаења, вештини и експертиза ќе ги применат во интерес на македонската армија.
Според неа, реализацијата на оваа програма претставува влог во македонско-американското партнерство и е посебно значајна за промоција на земјава како лојален и кредибилен сојузник во НАТО.
Признавајќи ги одличните резултати што ги постигнуваат жените, соговорниците се согласија дека нивното партиципирање во меѓународните обуки треба да биде редовна пракса.
Сиљановска-Давкова на средбата ја реафирмираше својата заложба за формирање на Регионален центар за извонредност за жени, мир и безбедност со седиште во Скопје, заради промоција на жените во безбедноста и одбраната во регионот.