Македонија
Отворен дневниот центар за деца и семејства во социјален ризик „Гнездо“

Граѓанската организација Новинари за човекови права денеска го отвори дневниот центар „Гнездо“ за деца и семејства во социјален ризик.
Дневниот центар „Гнездо“ е основан со поддршка од Сојузното министерство за труд, социјални работи, здравство, грижа и заштита на потрошувачите на Австрија, а во соработка со невладината ЕКПАТ Австрија.
Ова е прв центар од ваков тип во Македонија, кој ќе функционира како безбеден и поддржувачки простор за најранливите категории граѓани, нудејќи психо-социјална помош, неформална едукација со посебен акцент на деца и млади, правно советување и дневна грижа.
„Овој Центар не претставува само инфраструктурен објект. Тој претставува симбол на солидарност, човечност и вистинска грижа за секое дете и секое семејство во нашата заедница. Тука ќе се обезбедува психосоцијална, образовна, правна и практична помош и поддршка. Тој ќе претставува место каде што секој ќе може да се почувствува слушнат, разбран и поддржан. Тоа се и нашите заложби како министерство, да изградиме мрежа на сигурност и можности, каде што децата ќе имаат пристап до образование, грижа и љубов, а родителите – поддршка, разбирање и алатки за подобра иднина. Суштината на нашата визија за праведно и инклузивно општество се луѓето – особено оние кои најмногу имаат потреба од поддршка“, изјави државниот секретар при Министерството за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Сабриу.
„Во време кога многу семејства се соочуваат со несигурност, а децата секојдневно се изложени на ризици, создавањето на вакви простори е повеќе од потребно – тие се неопходни. „Гнездо“ не е само простор, туку заедница. Тоа е место каде секое дете ќе може да се чувствува безбедно, прифатено и сакано. Место каде што поддршката не е само услуга, туку вредност. Во мојата секојдневна работа, често се среќавам со приказни на деца и семејства кои минуваат низ тешки, болни, понекогаш и невидливи борби. И секој пат кога ќе видите детска насмевка вратена, знаете зошто оваа работа има смисла. „Гнездо“ токму тоа ќе биде – место каде децата ќе бидат видени, слушнати, и најважно – прифатени“, рече в.д. директорот на Меѓуопштински центар за социјални работи на Град Скопје, Хамза Амети.
„Овој простор е повеќе од центар – тој е иницијатива изградена со визија, посветеност и љубов. Наша цел е да создадеме безбедно место, поддршка и систем на помош за целата заедница, особено за децата и семејствата во ризик. Во рамки на „Гнездо“ ќе функционира дневна градинка за 16 деца од предучилишна возраст, две менторски групи за вкупно 28 ученици од основно училиште, како и психосоцијална поддршка за млади и семејства преку тим од стручни лица – социјален работник, психолог и специјален едукатор“, истакна координаторката на проектот, Андреа Накова од Новинари за човекови права.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ДОМ повика зелената транзиција да биде составен дел од стратешкото партнерство со Обединетото Кралство

По повод посетата на министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски на Обединетото Кралство и потпишувањето на Заедничката декларација за стратешко партнерство, Демократска обнова на Македонија (ДОМ) ја поздравува продлабочената соработка меѓу двете земји, особено во делот на економијата, безбедноста и борбата против корупцијата.
Истовремено, Зелената партија ДОМ упатува јавно барање до Владата финансиската рамка од 6 милијарди евра обезбедена во партнерство со UK Export Finance (UKEF) да се интегрираат и приоритетите од стратегијата за одржливост на Велика Британија (UKEF Sustainability Strategy 2024–2029) кои се потенцијален дел од инфраструктурните инвестиции.
Во таа насока, бараат:
– Дел од средствата да се определат за инвестиции во обновливи извори на енергија, енергетска ефикасност, модернизирање на дистрибутивната мрежа на електрична енергија и децентрализирани енергетски системи.
– Да се поттикнуваат проекти за климатска адаптација и зголемена отпорност на локалните заедници кон екстремни временски услови.
– Да се вложува во зелени и циркуларни бизниси, како и во инклузивна економија што создава можности за младите, жените и локалните иноватори.
– Да се гарантира поголемо учество на локалните компании и зелените иноватори во проектите поддржани од британскиот финансиски механизам.
Од ДОМ велат дека со вклучување на одредбите од „Sustainability Strategy“ на Обединетото Кралство, ќе се испрати силна порака дека Македонија ја прифаќа визијата за праведна транзиција, заштита на природата и економски развој кој остава вредност и за идните генерации. Нашата татковина и нашите сограѓан(к)и немаат веќе толеранција за импровизации: инвестициите во инфраструктурата ќе бидат залудни доколку не ја зачуваме животната средина и не создадеме еколошки чиста држава.
Македонија
Граната извадена од езерото кај Пештани

Граната била извадена пред два дена од водите на Охридското Езеро, на плажа во Пештани.
Полицијата од Охрид утроово соопшти дека локацијата била обезбедена, по што гранатата безбедно е подигната за понатамошна постапка.
Македонија
Повеќе улици во Скопје утрово без струја

ЕВН Македонија известува дека утрово без електрична енергија се неколку делови од Скопје.
· во периодот од 05.00 до 13.00 часот, објектите на Сковин, живинарска фарма, Гама Градба, Беровиќ Бетон и Грин Екофарм во Маркова Сушица. ( општина Студеничани )
· во периодот од 08.00 до 11.00 часот, корисниците од ул. Козара бр. 68, Киро Гавриловски бр. 3 и бр. 5, објектот на ОУ Киро Глигоров како и објектите околу него. ( општина Центар )
· во периодот од 08.00 до 13.00 часот, корисниците од ул. 519 и Миодраг Илиќ во населба Керамидница. ( општина Гази Баба )
· во периодот од 08.15 до 13.00 часот, корисниците од ул. Франце Прешерн – непарни броеви, Иван Цанкар – парни броеви и Вангел Дину. ( општина Карпош )
· во периодот од 09.00 до 12.00 часот, дел од корисниците од ул. Момин Поток. ( општина Карпош )