Македонија
Општина Центар објави повик за изработка на мини мурали и графити поврзани со македонското писмо и јазик

Општина Центар ги поканува сите креативци, уметници и културни здруженија од територија на Центар да учествуваат во новиот јавен повик за изработка на мини мурали и графити на јавни простори. Овој повик е дел од Програмата за култура за 2025 година и има за цел да го разубави визуелниот изглед на општината и да го потенцира културниот и јазичниот идентитет.
Градоначалникот Горан Герасимовски информира дека проектите на конкурсот треба да ја истакнат значајноста на македонското писмо и јазик или да бидат посветени на културните обележја и настани значајни на локално ниво.
„Преку проектот ‘Мини мурали и графити’ создаваме нови можности за локалните уметници и внесуваме боја и живот во урбаниот простор. Уметноста на јавните површини не само што го разубавува градот, туку носи и пораки кои ги сплотуваат граѓаните. Нашата цел е Центар да биде отворено платно за креативноста. Право на учество имаат поединци, регистрирани здруженија и правни субјекти со седиште во Општина Центар,“ вели Герасимовски.
Подносителите на пријава на јавниот повик може да предложат локација за изработка на муралот/графитот по сопствен избор. Доколку посочената локација претставува ѕид од фасада на станбена зграда, потребно е учесниците да приложат согласност од сопствениците на објектот.
Пријавата со комплетната документација треба да се достави во еден оригинален примерок, пополнета електронски, потпишана и заверена од одговорно лице на апликантот. Документацијата може да се поднесе по пошта на адреса: Општина Центар – Скопје, Сектор за јавни дејности / Одделение за култура, ул. „Михаил Цоков“ бр.1, 1000 Скопје, или лично во Архивата на Општина Центар (барака 6), секој работен ден од 9:00 до 15:00 часот, со назнака: „Јавен повик за цртање на мурали и графити на јавен простор на подрачјето на Општина Центар“.
Поднесувањето на пријавите е отворено пет дена од денот на објавување на повикот на веб-страницата на Општина Центар (www.centar.gov.mk). Финансиската поддршка ќе се додели согласно квалитетот, обемот и оригиналноста на предлог проектите, во вкупен износ од 295.000 денари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски во Северна Рајна – Вестфалија: Ново поглавје во нашето партнерство

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, вчера и денес престојува во работна посета на германската покраина Северна Рајна – Вестфалија. Во рамки на посетата, министерот оствари средба со својот домаќин, министерот за сојузни, европски, меѓународни работи и медиуми и шеф на државната канцеларија на покраината, Натанаел Лимински, како и со државниот секретар Марк Шпајх.
Во фокусот на разговорите беа одличните билатерални односи и динамичната соработка што се развива во изминатиот период. Министерот Муцунски истакна дека Северна Рајна – Вестфалија е исклучително доверлив партнер на нашата држава – како во политичката и економската сфера, така и во поддршката на европската интеграција. Тој изрази благодарност за принципиелната и континуирана поддршка од покраината, како и за личниот ангажман на министерот Лимински во унапредувањето на политичката, економската и институционалната соработка.
„Оваа покраина е седиште на многу водечки германски компании и дом на бројна македонска дијаспора – фактори што дополнително ги зацврстуваат нашите односи. Заеднички изразивме уверување дека оваа посета отвора ново поглавје во нашето партнерство и дека ќе продолжиме со конкретни активности за унапредување на политичките и економските врски“, изјави министерот Муцунски по средбата.
Во рамки на работната посета, министерот Муцунски оствари и средба со Феликс Нојгарт, директор на Агенцијата за трговија и инвестиции на Северна Рајна – Вестфалија. Разговорите беа посветени на можностите за понатамошно интензивирање на трговската соработка, реализација на нови инвестиции во стратешки сектори, како и на продлабочување на партнерствата во области како што се енергетиката, туризмот, напредните технологии и дигитализацијата.
Дополнително, беа разгледани поволностите што ги нуди нашата држава за странските инвеститори, како и подготвеноста на Владата да биде активен и сигурен партнер во реализацијата на нивните проекти. Соговорниците се согласија дека постои реален потенцијал за унапредување на трговската и економската соработка во наредниот период.
Во рамки на посетата, министерот Муцунски вчера ја посети и македонската заедница во градот Солинген, каде оствари средба со бројната и активна дијаспора.
Македонија
Ставревска Панајотова: Националниот парк Шар Планина е простор каде луѓето и природата живеат во рамнотежа

Шар Планина, има огромно значење за еколошката рамнотежа, не само во Македонија, туку и на ниво на целиот Балкански Полуостров
Шар Планина е еколошкото срце на Македонија и со одговорно однесување сите можеме да придонесеме за нејзино зачувување за идните генерации, вели Aнела Ставревска Панајотова, раководителка на одделението за заштита на природа во ЈУ Национален Парк Шар Планина.
„Создавањето на Националниот парк Шар Планина беше пречекано со мешани реакции од локалното население, што е сосема очекувано кога станува збор за воведување на нешто ново. Од една страна, многу жители ја поддржуваа идејата за заштита на природата, бидејќи препознаа дека паркот носи можности за развој на еко-туризам, нови работни места, поддршка за традиционалното сточарство и подобра инфраструктура. За нив, националниот парк е шанса за промоција на регионот и зачувување на животната средина за идните генерации. Од друга страна, дел од населението имаше загриженост, особено во врска со ограничувањата за користење на шумите, пасиштата и водите, кои со години наназад им служеле за преживување и традиционална економија. Во последните години, соработката се подобрува. Локалните жители сѐ повеќе се вклучуваат во заштитата на планината затоа што практично нема големи промени во користењето на земјиштето и природните ресурси освен што се намалени недозволените активности. Тие се клучен партнер во мониторингот на природата, во спречување на криволовот и нелегалната сеча, како и во промоцијата на културното наследство. Националниот парк треба да е простор каде луѓето и природата живеат во рамнотежа, а сите оние кои ги гледаат ресурсите и Шар Планина со економски фокус наместо низ призмата на одржливост, треба за секогаш да останат незадоволни“ вели таа.
Шар Планина, додава таа, има огромно значење за еколошката рамнотежа, не само во Македонија, туку и на ниво на целиот Балкански Полуостров.
„Шар Планина е главен водоснабдувачки регион – тука извираат многу реки како Радика, Вардар (преку Треска), Пена и други. Овие води се клучни за пиење, земјоделство, индустрија и одржување на екосистемите во пошироката област. Всушност, и изворот Рашче кој е од витално значење за снабдување на вода за пиење на Скопје се храни од шарските води. Од аспект на биодиверзитетот, има големо значење за Европа. Со над 2000 видови растенија и многу ретки животни, планината е една од најбогатите биолошки зони во Европа. Таа служи како засолниште за загрозени видови, особено за балканскиот рис, златниот орел, дивокозата, но и многу ендемични растенија кои не постојат на друго место“ објаснува Ставреска Панајотова.
Пивара Скопје преку платформата „Наша гордост, наша одговорност“ потпиша Меморандум за соработка со ЈП Национален парк „Шар Планина“ за заеднички активности, кои ќе придонесат за заштита и унапредување на ова непроценливо природно богатство.
Една од овие активности беше еко-акцијата за чистење на излетничкото место Лисец на Шар Планина, која се одржа на 7 мај. Во акцијата учествуваа 23 волонтери, кои заедно со вработените од Националниот парк и партнерите од „Саубермахер“, собраа цели 1.300 килограми отпад – резултат, кој не само што говори за посветеноста на учесниците, туку и за важноста од заедничка акција за заштита на нашите планини.
ПР
Македонија
Тројца пациенти сместени на Пластика сè уште имаат отворени рани: им требаат преврски, а понатаму можеби и трансплантација на кожа

Два месеца по пожарот во дискотеката во Кочани со 62 загинати и 200 повредени, на Клиниката за пластична хирургија има тројца пациенти, кои сè уште имаат отворени рани, а во странство се единаесетмина. Директорката на Клиниката за пластична хирургија, Јасмина Ѓоргиевска-Павловска, вели дека имаат многу длабоки изгореници и потреба од продолжено лекување.
„Им требаат преврски, третмани, можеби понатаму кај некои од нив ќе треба и трансплантација на кожа. Ќе бидат соодветно третирани. Сите знаеме дека тие пациенти почетно беа во многу тешка состојба, сите беа испратени во странство и прашање беше дали ќе останат живи. Благодарни сме им на сите земји што ги прифатија и ги лекуваа. Екстензивноста на повредите кај овие пациенти, кои се потешки и кои се враќаат меѓу последните, е поради тоа што се со многу длабоки изгореници, со многу длабоки рани и кај нив ќе треба подолг третман. Секако, рехабилитацискиот период кај нив ќе биде малку подолг. Со заеднички сили и од нашите тимови и со трпение од пациентите за кусо време ќе можеме да кажеме дека се затворени раните. Мора да потенцирам дека овие повреди се со доста голем интензитет и длабочина на изгорениците“, рече денес директорката Ѓоргиевска-Павловска.
Таа нагласи дека сите пациентите ги имаат телефонските броеви од сите лекари и може да ги бараат во секој момент кога имаат потреба од одговор на некое прашање, преглед или соодветен третман. Лекарите се организирале за сите да имаат приближно ист број пациенти за да може соодветно да им се посветат.
Освен тројцата на Пластика, во земјата се лекуваат уште двајца пациенти во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ и двајца во болницата во Кочани. Директорот на Фондот за здравствео осигурување, Сашо Клековски, вели дека за пациентите сместени во Кочани се очекува да дојдат за третман во Скопје.
Во болницата во Кочани 40 пациенти се на физикална терапија и триесетина се на терапија со плазма збогатена со тромбоцити, но по многубројните забелешки дека нема доволна грижа за повредените изминативе денови, Министерството за здравство од утре почнува реевалуација на состојбата на сите пациенти, и оние што се вратени од лекување во странство и оние што се лекуваа дома, за да се утврдат нивната состојба и потребата од понатамошна рехабилитација.
Директорот Клековски, пак, најави дека повторно ќе го поканат тимот од Израел, кој беше во Скопје на почетокот на трагедијата, за да даде мислење за понатамошната грижа на пациентите. Покрај тимот од Израел, кој допрва ќе биде поканет, во Кочани е дојден тим од Бугарија, кој ќе направи индивидуални проверки кај сите повредени кај кои има потреба од компресивни ракавици.