Македонија
Tрајко Славески е предлогот на Сиљановска-Давкова за гувернер на Народна банка

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го предложи Трајко Славески за гувернер на Народната банка.
Од нејзиниот кабинет велат дека при носењето на одлуката, претседателката се водела од стручноста и компетентноста, дигнитетот и интегритетот, како и реалната можност за именување на кандидатот.
Се додава и дека изборот бил тежок, со оглед на докажаниот квалитет на сите кандидати.
Трајко Славески е актуелен претседавач со Советот на Град Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова: Културата е најмоќниот ресурс на малите народи и треба да го добие вистинското место во дипломатијата

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во својство на домаќинка, се обрати на третата сесија на Форумот за културна дипломатија, што се одржува под покровителство на поранешниот македонски претседател, Ѓорге Иванов.
Говорници на сесијата беа: поранешниот претседател, Ѓорге Иванов, поранешниот чешки претседател, Вацлав Клаус, поранешниот претседател на ГС на ООН, Волкан Бозкир, Розета Епифани од Кабинетот на претседателот на Советот на министри на Италија и Хенри Џонс, претседател на COFR Technologies и советник на државниот секретар на Арканзас.
Како поборник и поддржувач на културната дипломатија, Сиљановска-Давкова истакна дека културата е моќно миротворно, недоволно искористено дипломатско оружје не само на големите, туку и на малите држави.
Во уметноста таа препознава важен инструмент за разбирање, доверба и пријателство меѓу државите и нациите. Според неа, голем успех за една држава и култура е да стекне почитувачи, припадници на други народи.
Укажувајќи на важноста на културната дипломатија, таа упати на перцепцијата на Гоце Делчев на светот како поле за културен натпревар меѓу народите, препознавајќи во Гоце Делчев, основоположник на македонската културна дипломатија, соопштија од кабинетот на претседателката.
Учесниците дискутираа за шансите на малите држави да влијаат врз справувањето со глобалните предизвици преку културната дипломатија.
Од расправата произлегоа предлози за реформирање на ООН, во функција на дисперзија на моќта, преку зголемување на улогата на Генералното собрание во процесот на одлучување и проширување на членовите на Советот за безбедност.
Свесни за ограничената моќ на малите држави, за доминацијата на реал политиката во меѓународните односи и заострениот конфликт меѓу силата, правото и правдата, учесниците се согласија дека се неопходни алтернативни решенија за влијание, меѓу коишто, регионалното поврзување и соработка, како можен агенс на промени, се наведува во соопштението од кабинетот на претседателката.
Македонија
ДУИ со осуда: Дискриминаторско и моноетничко вработување во филијалата на ЕСМ во Струга и Хидроцентралата во Дебар

„Демократската унија за интеграција со длабока загриженост реагира на најновите вработувања во филијалата на Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) во Струга и во Хидроцентралата во Дебар, каде што е спроведена неприфатлива пракса на етничка дискриминација и исклучување на Албанците“, велат од ДУИ.
„Во филијалата „Црн Дрим“ во Струга, се ангажирани 23 лица со привремени договори за вработување – сите од македонската заедница, а ниту еден Албанец, иако Албанците сочинуваат значителен дел од населението во овој регион.
Истовремено, во хидроцентралата „Шпилје“ во Дебар се реализирани 8 нови вработувања – повторно без вклучување на ниту еден граѓанин Албанец.
Овие случувања укажуваат на координиран и намерен модел на институционална дискриминација и исклучување и претставуваат директен напад врз принципите на правична застапеност и еднаквост при вработување, кои се загарантирани со закон и со Устав.
Уште позагрижувачка е тишината и соучесништвото на остатоците од ВЛЕН во Владата, кои ги гледаат моноетничките вработувања на ВМРО, но не успеваат да обезбедат ниту едно работно место за народот кој тврдат дека го претставуваат.
ДУИ им упатува итен повик на раководството на ЕСМ и надлежните институции да дадат јавно објаснување и да преземат конкретни мерки за исправување на оваа неправда.
Практиките на вработување во јавните претпријатија не смеат да се претворат во алатки за етничко фаворизирање и партиски клиентелизам.
Во една демократска држава, еднаквоста при вработување не е привилегија, тоа е основно право. Затоа не смееме а да молчиме пред ваквото понижување“, се додава во соопштението на ДУИ.
Македонија
Дел од Аеродром и Студеничани денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– од 09:00 до 15:00 часот, корисниците од улицата Тодор Чангов крак – 5, општина Аеродром;
– од 09:00 до 15:00 часот, корисниците на потегот од Китка кон Солунска Глава, вклучувајќи ги и викендиците на Китка и местата: Алдинци, Преслап, Палиград и Караџица, општина Студеничани.