Економија
Мицкоски: Во првиот квартал од годината за 5 проценти е зголемен извозот на земјоделски производи

Премиерот, Христијан Мицкоски, во одговор на новинарско прашање како и дали се следи извозот на земјоделски производи поврзано со Полог, кој важи и е претежно земјоделски крај, информираше дека Владата, токму во земјоделство вложи исклучително многу, при што се вратија и старите долгови. Изрази ветување дека Владата ќе продолжи со поддршка на земјоделците и во следниот период.
„Да, апсолутно. Исклучително многу вложивме и во делот на земјоделието. Кај земјоделците, навистина, доста трансфери се направија изминатиот период и се вратија долгови од минатото. Веќе од оваа година ќе почнеме тековно да ги сервисираме обврските“, рече тој.
Премиерот напомена дека е направен голем чекор напред, со тоа што во првиот квартал од годината речиси за 5% е зголемен извозот на земјоделските производи.
„Во првиот квартал од оваа година, скоро за 5% е зголемен извозот на земјоделски производи. Кај тутунот се постигна историски рекордна цена, и кај останатите земјоделски производи. Но, исто така и во овоштарството. Така што можам да кажам дека тука е направен голем чекор напред. Но, тука не застануваме – продолжуваме понатаму. Убеден сум дека во периодот којшто следи ќе постигнеме уште подобри резултати, бидејќи тоа влегува во бруто-домашниот производ, и тоа е многу важно за да се развиваме во правилна насока. А ние, како Влада, ќе продолжиме да ги поддржуваме земјоделците“, објасни премиерот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Новиот Закон за енергетика објавен во „Службен весник“ – започнува официјалната примена

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информира дека новиот Закон за енергетика е објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“, со што по предвидениот рок од денот на објавувањето и официјално започнува неговата примена.
„Овој системски, реформски и европски усогласен закон беше изгласан во Собранието со силна поддршка, претставувајќи нов темел на енергетската политика во земјата – закон со кој темелно се регулира овој сектор и кој нуди визија за чиста, праведна и одржлива енергетска иднина“, велат од Министерството.
Од таму велат дека со имплементацијата на новиот закон, Македонија добива јасна и стабилна рамка за: значајно зголемување на уделот на обновливи извори во финалната потрошувачка, повисока енергетска ефикасност и намалување на загубите, отворен пазар и активно учество на граѓаните како производители и потрошувачи на енергија, заштита на ранливите категории и намалување на енергетската сиромаштија и предвидлив амбиент за домашни и странски инвестиции во нови енергетски капацитети.
Законот доби поддршка и од Секретаријатот на Енергетската заедница, што, според Министерството, е силна потврда за посветеноста на нашата држава кон европските енергетски стандарди и интеграција во заедничкиот пазар на ЕУ.
„Официјалната примена на законот претставува почеток на конкретни активности за дигитализација, модернизација и зелена трансформација на енергетскиот сектор, во насока на еколошка, економска и социјална одржливост“, велат од Министерството.
Економија
Групата за соработка со пратеници од разни партии, но со ист став за зајакнато пријателство со Кина

Пратеничката група на Собранието за соработка со парламентот на Народна Република Кина се сретна со Чен Џоу, заменик-министер на Меѓународниот оддел на Централниот комитет на Комунистичката партија на Кина.
Претседателката на групата, Олга Лозановска, во воведното обраќање истакна дека иако сме географски оддалечени, односите меѓу двете држави се пријателски и се развиваат во духот на меѓусебното разбирање и заемното почитување. Нашата земја го афирмира ставот за постоење на една Кина, владата на НР Кина е единствената легитимна влада на кинескиот народ, а Тајван е неделив дел од кинеската територија, рече Лозановска.
Традиционалното формирање на оваа група за соработка е само показател на интересот за воспоставување, негување и продлабочување потесни меѓупарламентарни врски, кои ќе влијаат врз унапредување на севкупните политички, економски и културни односи меѓу двете држави.
Од своја страна, Чен Џоу ја сподели импресионираноста од првата посета на земјата. Кина го почитува развојниот пат на нашата земја и ги разбира и поддржува нашите напори за интегрирање во ЕУ. Заложбите на земјите за една Кина се темелни во градењето на сите односи со Кина, потенцира Чен.
Соработката со законодавниот дом и со партиите играат важна улога во градењето на билатералните односи и во таа насока радува фактот што во групата за соработка членуваат пратеници од разни партии, но со ист став за зајакнато пријателство со Кина. Во овој контекст се напорите за идно проширување на пријателските размени на Комунистичката партија на Кина со политичките партии во земјата почитувајќи ги меѓусебните разлики. Преку тие партиски канали и размена на искуства на сите нивоа ќе се придонесе кон зајакнување на севкупните билатерални односи.
Членовите на пратеничката група, Садик Сулејмани и Димитар Апасиев, исто така имаа можност да изразат чест од одржувањето на средбата. Сулејмани ги нагласи бизнис-односите и можноста за нивно олеснување, а Апасиев имаше пофални зборови за моделот на социјализмот со кинески карактеристики.
Присутните беа согласни за продлабочување на меѓусебната соработка на повеќе полиња, како економија, трговија, енергетика, бизнис, инфраструктура…, но и засилени односи во образованието, размената на млади, туризмот. Двете земји покажуваат интерес за културата, а тоа се покажува и преку постоењето и популарноста на катедрите за македонски јазик на неколку кинески универзитети.
Од двете страни беше изразена благодарност и до Амбасадата на Кина за континуираните заложби за унапредување на односите меѓу двете држави и традиционалното пријателство.
Економија
Доживејте ја Будимпешта во полна брзина со картичките Visa на Халкбанк

Халкбанк АД Скопје, во соработка со Visa, ја започнува наградната игра „Доживејте ја Будимпешта во полна брзина со картичките Visa на Халкбанк“ – ексклузивна можност за еден добитник да отпатува во Будимпешта и да биде дел од уникатно искуство со Visa Cash App Formula 1 Racing Bulls тимот.
Наградната игра ќе се реализира во периодот од 20 мај до 20 јуни 2025 година, а право на учество имаат сите физички лица кои во тој период ќе направат минимум пет трансакции со Visa дебитна или кредитна картичка издадена од Халкбанк, во вкупен износ од најмалку 10.000 денари. За учеството да биде валидно, потребно е и да се пополни електронската пријава за согласност, достапна на официјалната веб-страница на Банката.
Во извлекувањето што ќе се одржи на 25 јуни 2025 година ќе влезат сите пријавени учесници кои ги исполнуваат горенаведените услови и имаат активна Visa картичка на денот на извлекувањето. Само трансакциите направени во рамки на наградниот период и само пријавените корисници ќе бидат земени предвид при изборот на добитникот.
Со оваа иницијатива, Халкбанк и Visa нудат повеќе од награда – нудат вистинско доживување. Без дополнителен напор, без сложени процедури – само со секојдневно користење на Visa картичката, добивате шанса за незаборавно патување исполнето со адреналин, енергија и нови спомени, во еден од највозбудливите европски градови. Деталите се на официјалната веб страница на банката, а ако ги исполнувате условите, вие сте веќе на половина пат до Будимпешта.
(ПР)