Македонија
Сиљановска-Давкова прими претставници на влашката заедница
Во пресрет на 23 мај, Националниот ден на Власите, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оствари средба со делегацијата на Организациониот одбор за Националниот ден на Власите, предводена од неговиот претседател, Стерјо Папули.
Истакнувајќи дека сме единствената држава во регионот, но и на светот, во чиј устав се наведени Власите и гарантирани нивните права, претставниците на Власите сметаат дека влашката заедница не е социјално загрозена, но изразуваат загриженост за опстанокот на влашкиот јазик, култура и традиција.
Потенцирајќи ја автохтоноста на Власите, претседателката ја истакна важната улога на влашката заедница во создавањето и развојот на македонската држава.
Таа изрази разбирање за заложбите за негување и зачувување на влашкиот идентитет низ образовниот процес и културните активности, како и поддршка на проектот за отворање на Влашка куќа, како место за различни активности на влашки јазик.
На средбата, претставниците на влашката заедница истакнаа дека и натаму, ангажирано ќе работат на развојот на македонското општество како мултиетничко.
Тие сметаат дека Собранието треба час поскоро да ја ратификува Европската конвенција за регионални и малцински јазици.
Според нив, со Изборниот законик треба да се загарантира по едно пратеничко место за помалите етнички заедници.
Со гордост истакнаа дека годинава се одбележуваат 120 години од признавањето од страна на Отоманската империја на правата на Власите, односно на Влашкиот милет на 22 мај 1905 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно време со температура од 11 до 18 степени
Времето денеска е биде променливо облачно и релативно топло, велат од Управата за хидрометеорологија (УХМР). Претпладне ќе има слаб локален дожд, а по одделни котлини ќе има појава на слаба магла. Кон крајот на денот и во текот на ноќта, првин во западните делови ќе има врнежи од дожд.
На повисоките планини во северозападните делови врнежите ќе преминуваат во снег. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови наместа повремено засилен ветер од западен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 11 до 18 степени.
Македонија
Независниот полициски синдикат утре организира протестен марш во Битола: За закани за тепање и убивање полицајци се оди во притвор
Независниот полициски синдикат (НСП) утре во Битола организира марш за еднакво спроведување на законите кон сите сторители на кривични дела, без селективен пристап по заканите за тепање и убивање полицајци. Маршот ќе почне во 11 часот со јавен собир пред Основното јавно обвинителство Битола од каде ќе се маршира кон хотел „Епинал“, а ќе заврши на плоштадот „Магнолија“.
„Како одговорен синдикат ќе организираме мирен марш со цел да се актуелизира и јавно да се побара доследно и еднакво спроведување на законите кон сите сторители на кривични дела, без исклучоци и без селективен пристап. Повод за маршот се последните јавни изјави и настани во Битола, во кој поединци се закануваа дека ќе тепаат и убиваат полицајци доколку се обидат да ги спроведат законите, кои повторно ја отворија темата за двојните аршини во постапувањето на институциите кога се работи за полицајци и останати граѓани и создадоа чувство на неправда. Целта на маршот не е насочена против ниту една етничка, социјална или друга заедница, туку е јасен апел и крик за потребата од владеење на правото, каде што законот ќе важи подеднакво за сите, без разлика дали се работи за полицајци, граѓани или институции“, најавија од НСП.
Барањата кои е се упатат од маршот се: еднаков третман пред законот за сите извршители на кривични дела, а не само на полицајците, крај на селективната правда и притвор за сторителите, бидејќи за ваков сличен настан пред само 2 години кој се случи во Прилеп, кога лице се закануваше на обвинителка веднаш беше побарано и определено притвор, барање за итна промена на Законот за прекршоци против јавниот ред и мир и враќање на поранешната глоба која изнесување 1000 евра за омаловажување на државни органи и полициски службеници, наместо сегашните 50, односно 150 евра.
Целта на мирниот марш од НСП велат дека е и враќање на достоинството на полицијата.
Независниот синдикат на полицијата поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Битола против две лица поради упатени сериозни закани по животот на полициски службеници. Двете лица јавно се извинија за заканите со објаснување дека се заканиле оти биле под стрес.
Македонија
Магла ја намали видливоста до 60 метри на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози соопшти Авото-Мото Сојузот на Македонија (АМСМ), Намалена видливост поради појава на магла до 60 метри има на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица, на планинскиот премин Стража до 100 метри и кај Маврово до 100 м.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ потстува дека е на сила законската обврска за зимска опрема во возила и препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

