Македонија
(Видео) СДСМ повторно го поднесе законот за поддршка на настраданите во Кочани
СДСМ повторно го поднесе предлог Законот за поддршка и рехабилитација на настраданите во несреќата во дискотеката во Кочани, и повика на поддршка од сите пратеници.
Координаторот на пратеничката група, Оливер Спасовски, рече дека законскиот предлог, овојпат, е поднесен по редовна постапка, а целта е да се испрати јасна порака дека ова не е политички закон туку човечки.
„Овој закон не смее да биде предмет на дневно-политички калкулации и тој треба да биде предмет на општествена советст, морална обврска и праведна грижа кон оние кои најмногу страдаат. Во оваа трагедија изгубивме 62 млади животи, над 200 наши сограѓани се повредени и некои од нив имаат и трајни последици, тие неможат да чекаат ниту да бидат заборавени“, рече Спасовски.
Законот предвидува конкретна поддршка финансиска здравствена поврзана социјална за настраданите лица и членовите на нивните семејства. Конкретно, се предвидува за семејствата на починатите надомест од 80.000 евра додека пак за сите оние коишто се со повреди, зависно од степенот на инвалидитетот, да се одреди и сумата којашто треба да ја добијат.
Претходно законот беше поднесен по скратена постапка и не доби поддршка од мнозинството во парламентот. Спасовски рече дека ги слушнале забелешките на парламентарното мнозинство дека треба да има поголема прецизност и подобра проценка на фискалните импликации, па во ова законско решение ги опфатиле сите забелешки кои што биле досега дадени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно време, претпладне со повремен локален дожд
Времето утре ќе биде променливо облачно, претпладне со повремен локален дожд. Ќе дува слаб до умерен, наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 11, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Утре во претпладневните часови ќе има локални врнежи од дожд, кои во текот на денот насекаде ќе престанат. Ќе дува умерен, а долж Повардарието засилен северен ветер. Потоа до крајот на неделата времето ќе биде стабилно и суво со пониска утринска температура.
Македонија
Лимани смета дека назначувањето на владин повереник во Гостивар е незаконско
Вршителот на должност градоначалник на општина Гостивар и кандидатот кој доби најмногу гласови по првиот круг на локални избори, Ваљбон Лимани смета дека назначувањето на владин повереник е незаконско. Тој во одговор на новинарско прашање околу најавите за негова смена смета дека Уставниот суд треба да го реши прашањето кој ќе го води Гостивар до повторувањето на изборите кои пропаднаа заради слаба излезност.
„Јас сум избран како в.д. градоначалник минатата година, во јули, согласно Законот за локална самоуправа, Член 54 и потоа Член 4 кој беше сменет во меѓувреме и кој вели дека имам мандат до избор на нов градоначалник“, вели Лимани и појаснува дека цврсто верува во правната држава и по правен пат ќе се спротивстави на владината намера да постави повереник во Гостивар.
Тој најави дека ќе поднесе иницијатива до Уставниот суд.
„Ќе поднесеме инцијатива до Уставен суд, дали е тоа уставно или не. Јас мислам дека на крајот на денот, граѓаните го кажаа своето на изборите на 19 октомври. По закон најдоцна за шеесетина дена треба да имаме повторени избори и последниот збор пак ќе го имаат граѓаните на Гостивар. На крај, верувам дека Уставниот суд ќе каже дали е законски или незаконски“, рече Лимани.
Владата најави дека ќе назначи владини повереници во четирите општини во кои локалните избори беа неуспешни затоа што во првиот круг не беше исполнет законскиот цензус од една третина излезност на гласачите. Се работи за општините Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и Маврово и Ростуше.
Македонија
ТИТАН Усје со поддршка за болницата во Кочани
Во насока на поддршка и унапредување на услугите за граѓаните, ТИТАН Усје обезбеди генератор за Јавната здравствена установа Општа Болница Кочани. Генераторот ќе обезбеди непречено да се извршува здравствената дејност во оваа институција, што е од огромно значење. Истовремено ќе придонесе за подобрување на ефикасноста во работењето, во интерес на граѓаните од овој регион.
Донацијата беше обезбедена по претходна консултација со менаџментот на болницата во Кочани за нивните потреби согласно спецификите на работењето и за потребите на пациентите. Во Кочани донацијата ја предадоа техничкиот директор на компанијата Гоце Цветкоски и Александар Мојсовски, менаџер на погонот за одржување.
„Искрено се надеваме дека на овој начин ќе успееме да придонесеме за подобрување на состојбите, за сите граѓани кои имаат потреба од здравствена услуга да добијат соодветен третман. Ние сите заедно мора да придонесеме за подобрување на состојбите во нашето општество и да обезбедиме поддршка онаму каде што е најпотребна. Ќе продолжиме во таа насока и во иднина„, истакна Цветковски.
Покрај оваа донација, на болницата во Кочани ѝ беше дониран и респиратор, кој беше обезбеден од донации од вработените на компанијата, а беше реализирана и донација за болницата во Штип.

