Македонија
Британската амбасада по договорот: Почнува нова ера во односите со Северна Македонија

Почнува нова ера во односите меѓу Обединетото Кралство и Северна Македонија по потпишувањето на договорот влада со влада, соопшти британската амбасада во Скопје.
Во соопштението се вели дека партнерството ќе ја зајакне трговијата и ќе поттикне економски раст.
„Ова партнерство ја поддржува реализацијата на клучни инфраструктурни проекти во разни сектори, вклучувајќи транспорт, здравство, енергија и технологија. Ќе има пристап до широка поддршка, вклучувајќи техничка помош и до 5 милијарди фунти поддршка од ‘УК експорт финанс“ за проекти во Северна Македонија. Партнерството ја нагласува заложбата на двете нации за соработка на клучни инфраструктурни проекти, кои носат социјални, економски и еколошки придобивки. Со искористувањето на експертизата и иновациите на двете земји ова партнерство ќе овозможи развој на отпорна инфраструктура што поттикнува раст и благосостојба“, велат од Амбасадата.
Формалната церемонија на потпишување се одржа вчера, 22 мај, во Лондон во присуство на британскиот министер за извоз, Герет Томас, и вицепремиерот Александар Николоски.
Министерот за извоз Герет Томас ја изрази својата возбуда:
„Ова партнерство отвора ново поглавје во нашите билатерални односи со Северна Македонија. Обединетото Кралство има огромно искуство во испорака на висококвалитетна инфраструктура во светот и драго ми е што го почнуваме ова ново партнерство што ќе помогне повеќе британски бизниси да извезуваат во Северна Македонија“.
Британскиот амбасадор во Северна Македонија, Метју Лосон, изјави:
„Остваривме значаен чекор во односите меѓу Обединетото Кралство и Северна Македонија со потпишувањето на договорот влада со влада. Г2Г ќе ги зајакне веќе одличните трговски врски меѓу нашите земји и ќе ја поддржи реализацијата на клучни инфраструктурни проекти во сектори како транспорт, здравство, енергија и технологија. Како британски амбасадор, се гордеам што нашите влади го постигнаа ова историско партнерство, кое ќе им користи на граѓаните на двете земји. Стоиме заедно силни и обединети“.
Неодамна британскиот премиер Кир Стармер и македонскиот премиер Христијан Мицкоски го поздравија новото стратешко партнерство на Ссмитот на Европската политичка заедница во Тирана, на 16 мај 2025 година. Ова Г2Г претставува почеток на проширена трговска и инфраструктурна соработка.
Партнерствата влада со влада (Г2Г) се формални договори со кои се овозможува пристап до јавна и приватна британска експертиза за конкретни проекти или програми со комерцијални придобивки.
Вкупната трговска размена (извоз и увоз) меѓу Обединетото Кралство и Северна Македонија изнесувала 1,7 милијарда фунти во четирите квартали заклучно со третиот квартал од 2024 година.
Обединетото Кралство е втор најголем трговски партнер на Северна Македонија во истиот период.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Пронајдени двете девојки од Португалија кои се изгубија во реонот на Водно – Матка

Денес околу 17.00 часот од страна на Центарот за управување со кризи бевме известени за две изгубени туристки во реонот од врвот на Водно кон Матка, извести директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов.
Како што информираше Ангелов, Дирекцијата за заштита и спасување итно извршила мобилизација на тимот за спасување на планина од Тетово и истиот веднаш бил упатен во пребарување на теренот.
Во 18.40 двете девојки од Португалија беа пронајдени и однесени до ресторанот Матка каде ги пречека Конзулот на Република Португалија, додава Ангелов.
Македонија
Дел од Ѓорче Петров утре без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека утре без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците од улиците Веле Марков, Ибе Паликуќа, Воин Драшковиќ, Рафаел Батино. (општина Ѓорче Петров)
Македонија
Меџити прими жители од Страчинце: Анализите на експертите јасно покажаа дека отворањето на каменоломот ќе има сериозни последици врз животната средина

Првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, денес ги прими во својот кабинет жителите од селото Страчинце, со кои одржа отворен состанок за одлуката за одбивање на барањето за отворање на каменолом во оваа скопско село.
Министерот Меџити ги информираше жителите за професионалните и институционалните причини што доведоа до оваа одлука. Анализите на експертите јасно покажаа дека отворањето на каменоломот ќе има сериозни последици врз животната средина, ризик од поплави и негативно влијание врз јавното здравје, велат од Министерството.
На состанокот беше истакнато дека приоритет е заштитата на животот и благосостојбата на граѓаните над секој економски интерес.
Меџити истакна дека следниот чекор е конечно поништување на концесијата во Влада, со што ова прашање ќе добие трајно решение.
Жителите на Страчинце се заблагодарија за одлуката и за приемот што го оствари министерот Меџити, нагласувајќи дека овој состанок е пример за владеење со отворен дијалог и чесна соработка со граѓаните.