Свет
Русија и Украина за три дена разменија 1.000 затвореници
Русија и Украина ја завршија размената на по 1.000 затвореници, објавија руското Министерство за одбрана и украинскиот претседател Володимир Зеленски, а тоа е најголемата таква размена од почетокот на војната пред три години.
Тридневната размена почна во петокот, а во неа учествуваа главно воени заробеници и уште 120 цивили. Во неделата двете страни размениле 303 затвореници.
„Денес, воините на нашите вооружени сили, Националната гарда, Државната гранична стража и Државната специјална транспортна служба се враќаат дома“, напиша Зеленски на апликацијата „Телеграм“.
Размената е единствениот конкретен чекор кон мир што произлезе од првите директни разговори меѓу завојуваните страни по повеќе од три години. Преговорите се одржаа на 16 мај, кога двете страни не успеаја да се договорат за прекин на огнот.
Украина, САД и другите западни земји повикаа на триесетдневен прекин на огнот без предуслови за да се овозможи почеток на мировните преговори. Се верува дека стотици илјади војници се ранети или убиени од двете страни во најсмртоносниот конфликт во Европа од Втората светска војна, иако ниту една од страните не објави прецизни податоци за жртвите. Во конфликтот во кој руската страна жестоко ги бомбардираше украинските градови загинаа и десетици илјади украински цивили.
Во петокот, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека по завршувањето на размената, Москва ќе биде подготвена да и претстави нацрт-предлог на Украина за долгорочен мировен договор.
Руските сили синоќа истрелаа 367 беспилотни летала и ракети врз украинските градови, меѓу кои и главниот град Киев. Според информациите на украинските власти, во нападот загинаа најмалку 12 лица, а десетици беа ранети. Руското Министерство за одбрана објави дека нејзините единици за противвоздушна одбрана пресретнале или уништиле 95 украински беспилотни летала за само четири часа, а градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин изјави дека 12 украински беспилотни летала биле пресретнати на пат кон главниот град.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Бројот на жртви во иранските протести се искачи на 466
Бројот на загинати во протестите во Иран се зголеми повеќе од двојно во последните часови, објави Ројтерс, повикувајќи се на американската новинска агенција на активисти за човекови права.
Во своето најново ажурирање, независната организација соопшти дека досега починале 466 лица – огромно зголемување во однос на претходната бројка од 203.
Групите за човекови права соопштуваат дека поради прекинот на комуникациите тешко може да се добие целосна документација, но дека бројот на загинати демонстранти постојано расте. Центарот за човекови права во Иран добил сигурни информации од сведоци дека стотици демонстранти биле убиени во последните денови.
Иранските власти уапсиле клучни членови на протестното движење што ја потресе земјата во последните две недели, изјави шефот на националната полиција.
„Минатата ноќ беа уапсени значајни лица од главните елементи на немирите, кои, ако Бог сака, ќе бидат казнети по правните процедури“, изјави шефот на полицијата, Ахмад-Реза Радан, за државната телевизија, без да прецизира колку лица се уапсени.
Иранскиот главен обвинител претходно кажа дека оние кои се фатени како протестираат или помагаат на демонстрантите може да бидат обвинети за „непријател на Бог“, што се казнува со смртна казна.
Протестното движење во Иран е најголемото незадоволство што земјата го доживеала во последните години. Иако првично предизвикано од нагло паѓање на вредноста на валутата, демонстрантите наскоро побараа политички реформи и пад на владата.
И покрај репресијата, протестите продолжија и вчера, а се очекувале нови демонстрации вечерва.
Свет
Трамп побарал да се изработи план за инвазија на Гренланд – воени команданти се спротивставиле
Американскиот претседател, Доналд Трамп, им нареди на американските воени команданти да изготват план за инвазија на Гренланд, но високи воени претставници се спротивставуваат на тоа, објави „Мејл он Сандеј“, повикувајќи се на извори.
Извори велат дека политичките „јастреби“ околу американскиот претседател, предводени од политичкиот советник Стивен Милер, се толку охрабрени од успехот на операцијата за апсење на венецуелскиот претседател Николас Мадуро што сакаат брзо да дејствуваат за да го заземат Гренланд, пред Русија или Кина да преземат потези во врска со арктичкиот остров.
Според извори, Трамп побарал од Заедничката команда за специјални операци да подготви план за инвазија на Гренланд, но командантите се спротивставуваат на тоа, тврдејќи дека тоа би било нелегално и дека Конгресот нема да поддржи таков план.
Свет
Стејт департментот им препорача на Американците во Венецуела веднаш да ја напуштат земјата
Стејт департментот им препорача на американските граѓани во Венецуела веднаш да ја напуштат земјата поради безбедносни ризици.
Стејт департментот објави и дека меѓународните летови од Венецуела се обновени и дека има извештаи за вооружени милитантни групи кои поставуваат блокади на патиштата и пребаруваат возила за докази за американско државјанство или поддршка за Соединетите Американски Држави.
– Безбедносната ситуација во Венецуела останува флуидна – се наведува во соопштението, објави Си-Би-Ес.
Венецуелскиот претседател Николас Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес беа уапсени на почетокот на јануари во меѓународна операција предводена од САД и префрлени во притвор во Њујорк.

