Македонија
„Филипче должи одговори дали тој стои зад најголемите корупциски и криминални скандали во здравството во неговиот мандат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ
„Венко Филипче, е поранешен министер за здравство. Филипче сега ја врши должноста претседател на СДС и верно му го чува местото на Зоран Заев. Но, Филипче е човекот кој ќе биде запаметен по тоа што во негов министерски мандат македонското здравство е паднато на колена, уништено, девалвирано, полно со криминал и корупциски скандали“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Случајот Онкологаја, каде на тешко болни пациенти од рак, наместо лек им се давало физиолошки раствор, а скапите онколошки терапии се продавале на црниот пазар, се случи токму кога Венко Филипче е министер за здравство.
Кога Филипче беше министер за здравство се случи и трагедијата во Модуларната болница во Тетово, каде живи изгореа 14 луѓе.
Како министер, Венко Филипче доделуваше тендери за набавка на лекови на него блиска веледрогерија, од кои набавки, сигурно, ќараше проценти.
Како тогашен министерот за здравство Филипче, исто така, беше фатен како од фантом фирма сака да купи вакцини по двојно повисока цена од пазарната.
Токму поради тоа што во негов мандат се случуваат најголемите корупциски и криминални скандали, Филипче треба да одговори, дали тој стои зад последниот судски случај во Онкологија, каде што од Буџетот на државата биле исцедени 2,2 милијарди денари или 35 милиони евра?
Дали со на овој начин украдените пари на маката и здравјето на онколошките пациенти, Филипче си купил акции во индиска авиокомпанија и станал ортак со Заев во бизнисот со 50 катницата во Дубаи?
Дали со овие пари спечалени на маката и здравјето на луѓето, Филипче ја добил златната виза?
Филипче должи одговори на сите овие прашања или пак, ако има аргументи, истите може и да ги демантира. Но, неговиот молк не тера да мислиме дека ги потврдува сите поставени дилеми.
Од друга страна, додела Филипче молчи, повторно го повикуваме ОЈО да истражи која е неговата улога во случајот Онкологија“, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во домот на судија од Апелација пронајдени соѕидани 350.000 евра
Во рамките на опсежна истрага на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција иницирана откако на 14 декември беше осомничен адвокат поради сомненија за кривично дело – Примање награда за противзаконито влијание, во континуитет интензивно се преземаат дејствија што резултираа со проширување на постапката и кон судија, осомничен за Противправно стекнување и прикривање имот за кој постојат сомненија дека е прибавен меѓу другото со дејствија на корупција и трговија со влијание. Според информациите, се работи за судијата Ѓоко Ристов од Апелацискиот суд во Скопје.
„Врз основа на наредба што јавниот обвинител ја побара и обезбеди од надлежниот суд денеска беше извршен детален претрес на локација во Неготино, во домот на родителите на сега осомничениот судија, каде соѕидани во простор во ѕидот до овој момент се пронајдени 350.000 евра за кои постои сомнение дека биле незаконски стекнати и прикриени. Претресите и другите истражни дејствија продолжуваат, а јавноста ќе биде известена за натамошниот тек на постапката“, велат од Обвинителството.
Станува збор за една од најопсежните истраги поради сомненија за висока корупција во нашата држава до сега, која е поткрепена со информации и известувања од Агенцијата за национална безбедност.
Од Обвинителството додаваат дека дејствијата координирани од јавниот обвинител ги преземаат припадници на Одделот за борба против организиран криминал при Министерството за внатрешни работи и Управата за финансиска полиција, чија посветеност и професионален интегритет придонесе за успешно разоткривање и обезбедување докази за еден од најсериозните и најсложените облици на криминал.
Македонија
Мицкоски: Безбеден град веќе спасува животи, прекршоците намалени од 100.000 дневно на 3.000
Системот „Безбеден град“, кој официјално треба да профункционира од 1 февруари, веќе дава резултати во тест-периодот, изјави премиерот Христијан Мицкоски. Бројот на сообраќајни прекршоци и незгоди е значително намален, а со тоа и бројот на повредени и загинати лица во сообраќајот.
„Во јануари имаме уште поохрабрувачки бројки од декември – тоа значи повеќе спасени животи, помалку сообраќајни незгоди, и побезбеден сообраќај“, рече Мицкоски.
Додека во првите денови биле регистрирани и повеќе од 100.000 прекршоци дневно, сега таа бројка е сведена на 2.000 до 3.000.
Мицкоски одговори и на прашањето за заштитата на личните податоци на граѓаните во рамки на проектот. Тој најави дека ќе бидат потребни дополнителни усогласувања и протоколи, особено во првите три до шест месеци од имплементацијата.
„Никој не бил перфектен при стартот на овој проект. Сосема логично е да се вршат прилагодувања во текот на првите месеци. Но, најважно е што веќе се гледаат резултати“, рече премиерот.
Македонија
Уставниот суд веќе ја потврди законитоста на одлуките за вонредната состојба, му одговори Пендаровски на премиерот Мицкоски
Поранешниот претседател Стево Пендаровски му возврати на премиерот Христијан Мицкоски поради неговата изјава дека има основани сомнежи за уставноста и законитоста на одлуките за вонредна состојба што беа донесени во времето на пандемијата.
„Навистина мислев да не му давам значење на господинот Мицкоски, затоа што ја разбирам неговата потреба катастрофалните резултати од своето досегашно владеење да ги покрива со коментари за работи кои не ги разбира“, наведува Пендаровски во писмена реакција, додавајќи дека „за жал, на експертот за енергетика претходно не му ги објасниле неговите големи правници“.
Тој потсетува дека Уставниот суд уште пред повеќе од пет години потврдил дека одлуките за вонредната состојба се во склад со Уставот и законите.
„Уредбите со законска сила ги носеше и ги имплементираше Владата. Дали таму имало злоупотреби, тоа државните институции, кои сега се под тотална контрола на Мицкоски, можат да го проверат кога сакаат, ако сакаат“, додава поранешниот претседател.
Тој истакна и дека сите одлуки за прогласување на вонредна состојба биле доставени до Собранието веднаш по завршувањето на секоја вонредна состојба.
„Мене ми е јасно дека и ова образложение нема да го спречи Мицковски да продолжи неосновано да обвинува и клевети, затоа што тоа е, за жал, единствениот начин на кој е научен да владее“, заклучува Пендаровски.
Изјавата на Пендаровски следи по денешниот коментар на премиерот Мицкоски, кој го повика Обвинителството да постапи по допрен глас поради наводите на хирургот Жан Митрев дека во времето на вонредната состојба, тогашната власт, предводена од СДСМ, односно премиерот Зоран Заев и тогашниот министер Венко Филипче сакале да ја преземат неговата приватна клиника. Мицкоски во таа пригода посочи дека „се случувале мафијашки упади“ и дека некои од уредбите што биле носени сè уште не се разгледани од страна на Собранието, со што, според него, има сомнежи и за одговорност на поранешниот претседател Пендаровски.

