Македонија
Мицкоски: Почната е постапка за набавка на 120 електрични автобуси
Во рамките на надзорната расправа во Собранието посветена на аерозагадувањето, премиерот Христијан Мицкоски одговараше на прашање на пратеничката Олга Лозановска за влијанието на транспортот врз загадувањето на воздухот, кој, според анализите, е втор загадувач.
На надзорната расправа се истакна дека железничкиот транспорт не само што е економски најефикасен туку има и најмали импликации врз загадувањето на воздухот и Владата презема сет мерки во таа насока со цел да се набават еколошки модерни средства за јавен превоз и модернизација на железничкиот систем во државата.
„Како Влада почнавме и веќе е во завршна фаза, преку Министерството за транспорт, објавувањето јавна набавка, преку која ќе бидат купени 120 електрични автобуси. Ценам дека тоа е многу важно не само за главниот град туку и за другите општини, кои имаат организиран јавен градски превоз и тие пропорционално ќе бидат донирани од Владата, се разбира со целосна инфраструктура за полнење на тие автобуси“, рече премиерот.
Тој дополни дека во владина процедура е усогласување на царинските тарифи со ЕУ во делот на увоз на автомобили и автобуси.
„За оние батериски системи, во струката познати како резервоари за полнење електрична енергија, досега имаме царинска стапка од 15 %, а ЕУ има 2,7 %. Со тоа автоматски секој оној што сака да инвестира и да придонесе да имаме поздрава животна средина плаќа многу повеќе од своите колеги во ЕУ. Има низа сетови на мерки во таа насока. Исто така, тука се и изградбата на железничките коридори 10 и 8, каде што, за жал, од страна на нашите соседи има многу малку посветено внимание на Коридорот 8, но се надевам дека и тие набргу ќе бидат свесни дека треба да го задвижат во делот на железничката инфраструктура. Ние планираме модернизација и електрификација на железничката линија од Скопје до Гостивар, модернизација и реконструкција на пругата од Коридорот 10, од Табановце до Гевгелија, со изградба на нов колосек, што значи ќе имаме два колосека. Работите се движат. Не може преку ноќ да ги завршиме сите работи кои со децении стоеле, но ценам дека во овие 11 месеци доста од работите се придвижија“, заклучи премиерот Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

