Македонија
Претставници на онколошките пациенти на средба со обвинителите што го водат случајот
Јавниот обвинител на Основното јавно обвинителство Скопје, Гаврил Бубевски, и надлежниот јавен обвинител во предметот „Онкологија“, Ана Гоговска-Јакимовска, денеска остварија средба со Ана Марјановиќ и Ангелика Колева, претставнички на неформалната организација, која ги застапува онколошките пациенти, со цел да ги информираат за деталите од поднесените обвиненија против лекари од Клиниката за радиотерапија и онкологија за несовесно лекување пациенти.
„Со оглед на тоа што со овој предмет се испитуваше и се дојде до основано сомнение за повреда на највисокото уставно загарантирано право на здравствена заштита, Основното јавно обвинителство Скопје во текот на целата постапка се грижеше да обезбеди максимална транспарентност и отчетност, особено во однос на пациентите“, соопшти Обвинителството.
Претставниците на организацијата беа информирани дека во текот на истрагата беа прегледани медицинските досиеја на сите онколошки пациенти што примале биолошка терапија за период од 5 години – од 1.1.2018 до крајот на 31.12.2022 година, при што технички советници на истрагата ги издвоија историите со одредени сомненија за начинот на третирање. Од сите прегледани истории, 65 беа издвоени, испратени и анализирани од вештите лица во Словенија и во Србија. Словенечките експерти потврдија несоодветно лекување кај 29, а српските кај дополнителни 18 пациенти. Нивните наоди беа основ за поднесените обвиненија.
На денешната средба јавните обвинители ги информираа претставниците на пациентите дека во следните денови Обвинителството ќе им се јави на пациентите кај кои вештачењата утврдија пропуст во лекувањето или на нивните законски застапници, со цел да ги информира и да им укаже на нивните права како оштетени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на работна средба во МАНУ
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, одржа работна средба во Македонската академија на науките и уметностите, со претседателот Живко Попов, како и со други претставници на Академијата.
„На средбата се разговараше за значењето на поактивното вклучување на Академијата во стратешките процеси на развој на државата, особено во креирањето политики и во обезбедувањето стручна поддршка при институционалното одлучување“, соопштија од Собранието.
Исто така, Гаши информирал за вчерашната одлука усвоена на седница, со која е овластен, како претседател на Собранието, да склучи поединечен колективен договор со претседателот на синдикалната организација на Академијата.
Тој изразил подготвеност за поддршка на сите иницијативи што ја зајакнуваат улогата на науката и уметноста во развојот на државата.
Македонија
Сиљановска -Давкова: Мајчиниот јазик е чувар на семејната и национална традиција
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на одбележувањето на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, што традиционално го организира Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.
Во своето обраќање, претседателката нагласи дека мајчиниот јазик не е само инструмент за комуникација, туку и чувар на семејната и национална традиција, на духовното богатство и култура на еден народ. Таа посочи дека образованието на мајчин јазик има клучна улога во интелектуалниот и емоционалниот развој на поединецот, а почитувањето на јазичната разновидност значи почитување на културната различност.
Говорејќи дека јазикот е темел на идентитетот, чувар на колективната меморија во којашто се запишани искуствата на минатите генерации и стремежите на оние кои доаѓаат по нас, Сиљановска-Давкова истакна дека овој ден не е само повод за одбележување на важниoт јубилеј, туку и потсетник за одговорноста што ја носиме кон јазикот како културно наследство и моќно мировно оружје.
Таа потсети на заедничката обврска да го развиваме и унапредуваме македонскиот јазик не само во образованието и науката, туку и во културата, политиката, медиумите и економијата, создавајќи услови за негов развој во чекор со современиот дигитален свет.
Според неа, Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ имаше и има особено важна улога во промоцијата и заштитата на стандардниот македонски јазик.
За претседателката јазичната разноликост, како карактеристика на нашата држава, е вредно јазично богатство. Почитувањето и негувањето на јазиците, според неа, ја јакнее културата на дијалог и толеранција и помага во градењето општество во кое различноста се доживува како сила што обединува.
Свечениот настан посветен на мајчиниот јазик, обедини претставници на академската заедница, државните институции и собра на едно место академици, професори и ученици, политичари, љубители на јазикот.
Посебна тежина и убавина на настанот му дадоа учениците од средните и основните училишта, кои рецитираа стихови од познати поети на своите мајчини јазици.
Македонија
Уапсени седум возачи поради возење без возачка дозвола, со активна забрана и под дејство на алкохол
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишија од слобода осум возачи, од кои тројца за возење без возачка дозвола, двајца за управување возило под дејство на алкохол и тројца со забрана за управување возило од Б категорија.
По еден возач во Скопје и Битола управувале возило без возачка дозвола, од кои возачот во Скопје е малолетник. По еден возач во Куманово, Велес и Неготино за управување возило иако имале мерка забрана за управување моторно возило од Б категорија. Додека, по еден возач во Македонска Каменица и Струга управувале возило под дејство на алкохол. Лицата се приведени во полициска станица, а по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
МВР апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај.

