Македонија
СДСМ: Владата повторно неспремна ќе ја дочека сезоната на пожарите
Откако минатата година изгоре речиси 10% од територијата на државата во шумските пожари, ова лето Владата повторно ќе биде неспремна. Цела година ВМРО-ДПМНЕ не најде време да се подготви, да ги сервисира воздухопловите, па новиот директор на ДЗС, Стојанче Ангелов, ја информираше јавноста дека ништо не е подготвено за заштита и навремена реакција при пожар, обвинија од СДСМ.
„Минатото лето Мицкоски ја обвинуваше СДСМ дека наводно начекале катастрофална состојба, иако нему за едно лето му изгореа повеќе шуми отколку во последните две децении. Го прашуваме: дали и оваа година повторно ќе биде СДСМ виновен за пожарите и за неподготвеноста на институциите?“, се вели во соопштението.
Од СДСМ велат дека Владата демонстрира голема неспособност да се справи со проблемите на секое поле.
„Откако се искараа во Владата за функции и се распадна коалицијата, на прагот на летото Мицкоски допрва прави реорганизација на клучните институции кои треба да обезбедат заштита, а нема обезбедено ништо од опрема и капацитети за да се бори со евентуалните нови пожари. Освен тендери за фантомски фирми и бизнис, очигледно ништо друго не го интересира ВМРО ДПМНЕ“, велат од СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски е во паника, опозицијата освои двојно повеќе гласови од власта, велат од СДСМ
„Мицкоски мора да е во голема паника штом свика прес конференција да се пофали дека опозицијата освоила повеќе гласови од владејачките партии“, велат од СДСМ.
„Дури и со сите можни злоупотреби на институциите и притисоци, кандидатите за градоначалници од опозициските партии освоија двојно повеќе гласови од кандидатите на владејачките партии.
Опозицијата освои двојно повеќе гласови, 21.394 гласови а власта само 12.534 гласа. Заклучокот е едноставен, власта на ВМРО, ВЛЕН и ЗНАМ загуби вечерва и тоа убедливо“, соопшти СДСМ.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Прилеп и околината
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, ноќеска во 01 часот и 14 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 116 км југоисточно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML2.9
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Прилеп и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
Македонија
Без вода денеска дел од Центар
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради поврзување од стара на нова водоводна мрежа со пречник од ф-200 мм на улицата Тодор Александров бб, од 08:30 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од делови од улиците: Тодор Александров, Партениј Зографски и Периша Савелиќ, општина Центар.

