Македонија
Сопственикот на објектот е нов обвинет за пожарот во „Пулс“
Основното јавно обвинителство Кочани ја прошири истрагата за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ кон уште едно лице, кое исто така е осомничено како соизвршител во кривичното дело тешки дела против општата сигурност.
„Од дејствата преземени во текот на досегашната постапка се обезбедија докази, кои упатуваат на основано сомнение дека осомничениот, како сопственик на недвижниот имот – објект во кој со години функционирала дискотеката, го издавал под закуп на еден од претходно осомничените. Без да поднесе барање и да добие одобрение за пренамена на објектот од надлежен орган, заеднички и во договор со осомничениот, неформален сопственик на правното лице, тој на разни датуми и во повеќе наврати во временскиот период од 2012 година до март 2025 година презел градежни активности со кои извршил и учествувал во незаконска пренамена на објектот од намена Г3 – сервиси и сообраќајна инфраструктура во намена Б3 – големи угостителски единици и овозможил во објектот незаконски да се врши угостителска дејност дискотека/кабаре“, велат од Обвинителството.
Јавното обвинителство до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерки за претпазливост.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиевски објави видео: Скопското Кале целосно исчистено и уредено
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави видео на своите официјални профили на социјалните мрежи, со порака дека скопското Кале е целосно исчистено и уредено.
Преку својата изјава, градоначалникот Ѓорѓиевски истакнува дека грижата за културното наследство и јавните простори останува еден од приоритетите на Град Скопје.
Тој потенцира дека Скопското Кале, како симбол и гордост на градот, заслужува континуирано внимание, одржување и заштита, со цел да се зачува неговата историска вредност и да се обезбеди пријатна и безбедна средина за сите посетители.
Од Град Скопје велат дека и во иднина ќе продолжат со активности насочени кон унапредување, одржување и промоција на културно-историските знаменитости во главниот град.
Македонија
Облачно со дожд и снег, магла по котлините – врнежливо и во наредните денови
Времето утре облачно со повремени локални врнежи од дожд, на повисоките места од дожд и снег, а на планините од снег. Ќе има појава на магла по одредени котлини. Ќе дува слаб ветер претежно од северозападен прaвец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 5 до 10 степени.
Во Скопје, облачно и магловито, а попладне со повремен дожд. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 6 степени.
До почетокот на следната седмица следува период на претежно облачно време со локални врнежи од дожд на пониските и дожд и снег на повисоките места.
Македонија
Средба Сали – Кочиу: Забрзување на ONE STOP SHOP и нов импулс за институционалната соработка меѓу Македонија и Албанија
Првиот заменик-претседател на Владата, Беким Сали, оствари средба со министерката за внатрешни работи на Република Албанија, Албана Кочиу
За време на средбата беа разгледани билатералните односи меѓу двете држави, проектот ONE STOP SHOP, за кој се очекува во блиска иднина да започнат подготовките за имплементација, додека самата имплементација на системот се очекува да започне во летната сезона, како и можностите за продлабочување на меѓуинституционалната соработка и развојот на економските инвестиции.
Во овој контекст беше нагласена важноста на политичката и институционалната координација за реализација на стратешките проекти. Двете страни се согласија за интензивирање на дијалогот и секојдневната соработка меѓу надлежните институции, со цел унапредување на конкретните проекти кои го зајакнуваат партнерството меѓу двете земји и придонесуваат за стабилноста, економскиот развој и европската перспектива на регионот.

