Македонија
Муцунски се сретна со Рубио: Потврдена силната стратешка поврзаност со САД
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Вашингтон оствари билатерална средба со државниот секретар на Соединетите Американски Држави, Марко Рубио.
Двајцата соговорници ја потврдија извонредната соработка меѓу двете држави, која е заснована на заеднички вредности, политички интереси и долгогодишно пријателство. Министерот Муцунски ја нагласи посветеноста на македонската влада кон унапредување на политичкиот дијалог со САД, како и конкретната заложба за институционализирање на стратешкото партнерство преку спроведување на заеднички Акционен план.
Во рамките на разговорот беа разгледани можностите за дополнително продлабочување на трговските односи, постигнувајќи значаен исчекор и напредок во насока на намалување на тарифите и можноста за започнување на процес за потпишување Договор за слободна трговија. Министерот Муцунски ја истакна отвореноста на македонската влада кон унапредување на економската соработка, привлекување американски инвестиции и зголемување на присуството на американски компании во земјата.
Разменети беа и мислења за безбедносната соработка во рамки на НАТО, каде што нашата држава продолжува да дава активен придонес како кредибилен сојузник, со инвестиции над 2 отсто од БДП во одбранбениот сектор. Особено внимание беше посветено на регионалната стабилност и развојот на Западен Балкан.
Муцунски изрази благодарност за постојаната поддршка од страна на САД, со уверување дека стратешкото партнерство ќе продолжи да се развива со уште поголема динамика и конкретни резултати, на билатерално, регионално и глобално ниво.
„Ја завршуваме посетата на Соединетите Американски Држави со значајна средба со државниот секретар Марко Рубио, на која уште еднаш ја потврдивме силната стратешка поврзаност меѓу двете земји, заедничката заложба за регионалната стабилност, нашата европска интеграција, како и инвестициите во безбедноста и одбраната како сојузници во НАТО.
Од секретарот Рубио и во име на американската администрација, добивме цврсто уверување дека нашето партнерство и сојузништво остануваат клучни, гледајќи ја нашата земја како значаен фактор за регионалната стабилност. Меѓу другото, разговаравме за следните чекори во рамките на Стратешкиот дијалог и меѓусебната соработка.
Во духот на зајакнатото партнерство, поддршката од САД продолжува со засилен интензитет, особено во реформските процеси, зајакнувањето на демократијата, владеењето на правото и борбата против корупцијата. Во време на сложени безбедносни предизвици со кои се соочува светот, заклучивме дека од клучно значење е да продолжиме да работиме на одржување на мирот, стабилноста и просперитетот на глобално ниво“, истакна министерот Муцунски по средбата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, максималната температура до 11 степени
Променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 3, а максималната ќе достигне од 6 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Од среда времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини со врнежи од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во среда засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на експресниот пат Кочани-Штип
Од 23:25 часот, вчера вечер сообраќајот на експресниот пат Кочани-Штип целосно е нормализиран, извести АМСМ.
Претходно, од 19:10 часот, поради сообраќајна несреќа на експресниот пат Кочани – Штип во близина на село Тркање, сообраќајот беше во целосен прекин.
Македонија
Сали во Брисел: Билатералните прашања не смеат да го кочат европскиот пат на земјата
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Матеј Тонин (EPP) во Европскиот парламент.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграции и за спроведувањето на клучните реформи, вклучувајќи го владеењето на правото, јавната администрација и правата на заедниците. Истакната е важноста билатералните прашања да не го попречуваат напредокот на земјата кон ЕУ.
Исто така, беше оценет постигнатиот напредок во Планот за раст и дигитализацијата на услугите, вклучително и проектот WiFi4WB и приклучувањето во SEPA, како и соработката со Претседателството на Кипар и европските партнери за решавање на предизвиците со транспортерите по воведувањето на Системот Entry/Exit.
Првиот заменик-претседател Сали повторно ја потврди посветеноста на Северна Македонија кон европскиот пат и подготвеноста за натамошно унапредување на секоја реформа со европските партнери.

