Македонија
(Видео) Кузеска: Скандалозна е одлуката на обвинителството за директорот на АНБ

Со одлуката за отфрлање на кривичната пријава против директорот на АНБ, Бојан Христовски, Јавното обвинителство се претвора во пртиски инструмент на ВМРО-ДПМНЕ, изјави Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
„Наместо целосно независен орган ослободен од прангите на политиката се става во одбрана на незаконското назначување за директорот на АНБ. Селективниот пристап и бројните недоследности фрлаат црна дамка за целата постапка која е контрадикторна со веќе завршени постапки со судска разрешница“, рече таа.
Кузеска прашува зошто Обвинителството не побарало официјален одговор директно од ETS – Educational Testing Service, институцијата што ги издава ТОЕФЛ сертификатите и зошто не е постапено исто како со двете директорки на училишта и директорката на болница во Дебар, кои беа гонети и осудени токму за користење лажни ТОЕФЛ сертификати од истото место како Христовски?
„Има судски пресуди за кои одговорите се обезбедени директно од ETS и тоа за само неколку денови. Сега, кога станува збор за партискиот кадар на ВМРО-ДПМНЕ, оваа постапка е игнорирана. Шест месеци Обвинителството чека одговор од Бугарија, при што признава дека тој одговор е нецелосен. И врз база на нецелосен одговор како се носи одлука? При тоа целосно се игнорираат и јавно достапните истражувања, документи, снимки и изјави кои јасно укажуваат на тоа дека ова јазично студиот не издава ТЕОФЛ сертификати. Дополнително, има и други отворени контрадикторности: Христовски тврди дека полагал во Пловдив, а Обвинителството вели дека полагал од дома. И сè тоа треба да веруваме дека е во ред“, рече Кузеска.
Според неа, станува збор за селективна правда и политичка одбрана за спас на партиските кадри на ВМРО-ДПМНЕ.
„Оваа скандалозна одлука не само што ја руши довербата во институциите, туку и потврдува дека сѐ уште живее духот на тефтерчињата од времето на Груевски. Се потврдува дека со ВМРО-ДПМНЕ на власт, нема и не може да има правда“, рече Кузеска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Наскоро зонско паркирање во Автокоманда

Во скопската населба Автокоманда наскоро ќе биде воведено зонско паркирање, најави кандидатот за градоначалник на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски.
„ Со особено задоволство ги информирам жителите на Автокоманда дека е донесено Решение за утврдување на режим на сообраќај во Автокоманда. Со ова официјално се одобрува воведувањето на зонско паркирање – решение кое жителите на Автокоманда го очекуваат повеќе од една деценија“, рече Стефковски.
Тој додава дека во моментов интензивно се работи на изработка на проектот за обележување на улиците и поставување на потребната сигнализација, а активностите на терен ќе започнат во најкус можен рок.
Стефковски најави дека секое домаќинство ќе добие две бесплатни картички за паркирање.
Македонија
Уапсена сопругата на докторот кој беше застрелан во Куманово, била вмешана во обидот за неговото убиство

Полицијата ја уапси сопругата на докторот кој беше застрелан вчера во Куманово. Тој со повреди беше пренесен во болница, но се наоѓа во стабилна состојба. Според информациите на МВР, сопругата е осомничена дека е вмешана во обидот за неговото убиство.
„Вчера полициски службеници од СВР Куманово ја лишија од слобода А.А. (43) од Тетово, поради основи на сомнение дека е поврзана со обидот за убиство на нејзиниот сопруг З.Ш. (43) од село Слупчане, липковско“, велат од МВР.
Исто така, во врска со настанот на службен разговор во СВР Куманово се повикани шест лица, а во домот на Б.С. (50) од Куманово по судска наредба, е извршен претрес.
По целосно документирање на случајот, против сопругата ќе следува соодветна пријава, додека против Љ.Ф. (36) од Гостивар, кој се сомничи за обид за убиство и се уште е во бегство, по консултација со Основното јавно обвинителство, исто така ќе биде поднесена кривична пријава.
Од Министерството за здравство вчера соопштија дека во вооружениот напад во Куманово е повреден докторот Зекирија Шаини. Од таму известија дека повредите не се животно-загрозувачки и дека докторот е во стабилна состојба и се опоравува.
Од ДУИ, пак, информираа дека станува збор за нивен кандидат и носител на листата во Општина Липково.
Македонија
Евакуации во објектите околу плоштадот „ВМРО“ поради куфер оставен на плочникот, полицијата утврди дека е празен

Обезбедувањето на Јавното претпријатие за државни патишта пријавило во полиција дека две лица денес оставиле куфер на плочникот пред нивниот објект сместен на плоштадот „ВМРО“ веднаш до седиштето на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ. Полицијата веднаш излегла на терен, почнала евакуација на вработените од објектите околу плоштадот, а проверките покажале дека куферот е празен.
„Денеска (08.10.2025) во 12.55 часот лице од обезбедувањето на ЈП ‘Државни патишта’ пријавило дека на видеонадзор пред канцелариите на ЈП ‘Државни патишта’ на плоштадот ‘ВМРО’ во Скопје биле забележани две лица како го разгледуваат местото, а едно од лицата оставило куфер. Веднаш по добиената пријава, преземени се соодветни мерки и активности, извршени се потребните проверки и утврдено е дека куферот е празен“, соопшти МВР.