Македонија
ДОМ ја повтори својата поддршка за една изборна единица

Демократска обнова на Македонија (ДОМ) со задоволство ја поздравува иницијативата на премиерот за воведување на една изборна единица, но истата треба да биде проширена со воведување на пропорционален изборен систем, без праг, со отворени листи и со 50% застапеност на жени на листите, соопштија од партијата.
Од таму велат дека ова е предлог за кој ДОМ со години се залага и за кој е убедена дека е клучот за посуштинска демократизација и поправедно претставување на граѓаните во нашето Собрание.
„Зошто го поддржуваме овој модел?
* Една изборна единица: Ние веруваме дека целата држава треба да биде една изборна единица. Ова гарантира дека секој глас, без разлика од кој град или регион доаѓа, има иста тежина. Со тоа се елиминираат нееднаквостите што произлегуваат од поделбата на земјата на повеќе изборни единици, каде што вредноста на гласот може да варира. Ова е најправедниот начин да се обезбеди пропорционалност и да се овозможи секој глас да придонесе за конечниот исход.
* Пропорционален систем без праг: Нашата заложба е за чист пропорционален модел без изборен праг. Сметаме дека прагот вештачки ја ограничува застапеноста на помалите партии и ги искривува изборните резултати. Со негово укинување, ќе им овозможиме на сите политички опции, вклучувајќи ги и оние што застапуваат помали општествени групи, да имаат свој глас во Собранието. Ова води кон поразновиден и порепрезентативен парламент.
* Отворени листи: Ние сме силно убедени во потребата од отворени листи. Ова им дава моќ на гласачите не само да изберат политичка партија, туку и да изберат конкретни кандидати од таа партиска листа. На тој начин, пратениците стануваат поодговорни кон граѓаните што ги избрале, а не само кон партиските врвови. Отворените листи го зајакнуваат демократскиот процес и ја зголемуваат транспарентноста.
* 50% жени на листите: За нас, родовата рамноправност не е само бројка, туку цивилизациска вредност. Затоа, инсистираме на 50% застапеност на жени на изборните листи. Време е жените да бидат рамноправно претставени во политиката и во процесите на донесување одлуки. Нивната перспектива и искуство се од витално значење за развојот на општеството и за донесувањето квалитетни закони“, соопшти ДОМ.
Од таму велат дека се подготвени веднаш да застанеме зад вака приготвениот закон и да го поддржиме неговото донесување во Собранието.
„Ги нудиме сите наши капацитети како вонпарламентарна партија за да помогнеме во неговото донесување. Овој изборен модел не е само партиски интерес, туку општествена потреба што ќе ја зајакне нашата демократија, ќе ја зголеми одговорноста на политичарите и ќе обезбеди поправедно претставување на сите граѓани“, велат од ДОМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Остра расправа во Уставниот суд: ДИК правилно постапила, независните можат со два потписа да учествуваат на изборите

Правилникот на Државната изборна комисија кој дозволува учество на независните кандидати на изборите со само два потписа е основан и е еден од начините на кои се пополнува првана празнина, извести денес претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски. По плодна и на моменти, како што рече претседателот Костадиновски, остра расправа, уставните судии одлучија да не поведат постапка за Правилникот.
Иако право и должност на законодавецеот е да ги почитува одлуките на Уставниот суд и да ги пополнува правните празнини, и неговото непостапување е значајно и кажува многу, објасни претседателот Костадиновски. Во услови кога законодавецот не ја пополнил празнината, ДИК, како институција е обврзана да ги почитува одлуките на Уставниот суд, а со новиот Правилник го направила токму тоа.
Правниот вакуум се појави откога во мај годинава Уставниот суд го укина правилото независните да соберат најмалку 1 % потписи од запишаните избирачи, роковите за локалните избори се приближија, а Собранието не усвои нови правила. Минатиот месец ДИК донесе нов Правилник во кој предвиде досега најлиберален начин за независна кандидатура, со само два потребни потписа, а Здружението „Светски македонски конгрес“ го оспори. Здружението во иницијативата до Уставниот суд наведе дека ДИК со носењето на Правилникот постапила надвор од своите овластувања и со подзаконски акт пропишала правила за учество на независните кандидати иако изборните рокови беа во тек.
Македонија
Прв граѓански дијалог за депонијата на фосфогипс од Хемиска Индустрија Велес во склоп на проектот FIC-FIGHTERS

Проектот FIC-Fighters, финансиран од ЕУ, го најавува првиот граѓански дијалог кој ќе се одржи на 24ти септември во Europe House Велес под наслов “Гласови за промена: истражување на решенија за депонијата од Хемиска индустрија Велес”.
Оваа интерактивна работилница претставува почеток на серија на дијалози чија цел е да го донесат локалното население во преден план при процесот на донесување на одлуки за решавање на овој еколошки проблем.
Настанот во Велес ќе вклучи локални жители и граѓански организации во отворена размена за еколошките и социјалните влијанија од депонијата на фосфогипс, која е настаната со таложење на нуспроизводи од фабриката за производство на вештачки ѓубрива – Хемиска Индустрија Велес (ХИВ). Оваа депонија е и една од 16-те мапирани еколошки жешки точки во нашата земја.
Фабриката отворена во 1979 и затворена во 2003 година, остави зад себе околу 3,7 милиони тони гипс на површина од 70.000 м², во близина на реката Вардар и на околу 15km од Велес. Со уништена опрема и објекти, областа останува сериозен еколошки предизвик, но и уникатна можност за одржливи стратегии за намалување на отпадот, примена во алтернативни производи и бенефит за локалната еконимија.
Во сржта на FIC-Fighters лежи јасна визија: трансформација на еколошките и социјалните предизвици во можности за одржлив развој и зајакнување на заедницата. Проектот ги интегрира еколошките, социјалните и управувачките (ESG) перспективи во ремедијацијата на фосфогипсните депонии низ Европа, со амбиција да се постигне циркуларна економија која не само што ги намалува ризиците врз животната средина и здравјето, туку и ја зајакнува прекуграничната соработка и локалните модели на управување.
Истражувачите на FIC-Fighters развиваат методи за валоризација на фосфогипсниот отпад за производство на одржливи суровини за индустриите за хартија, цемент, батерии, ѓубрива и детергенти. Покрај ре-валоризацијата на фосфогипсот, проектот ќе ги користи и остатоците од алуминиумската индустрија. Ова ќе овозможи еден од главните хемиски процеси во проектот – базиран на патент во сопственост на партнерот CapturaCO2, S.L. – да создаде нова вредност од два вида отпад што во моментов само се складираат. На овој начин, проектот го поддржува развојот на циркуларна економија во главни индустриски сектори како што се производството на детергенти, текстил и цемент.
Зошто сега? Итноста е очигледна. Фосфогипсните депонии претставуваат значителни закани за животната средина и човековото здравје. Но, тие истовремено нудат можности за иновации, споделување знаења и одржлив економски развој. Директно вклучувајќи ги локалните заедници, проектот гарантира дека решенијата не се само научно засновани, туку и социјално праведни и рефлексија на животните искуства на локалното население.
За време на дијалогот, учесниците ќе:
● Се запознаат со депонијата како еколошки проблем и целите на проектот FIC-Fighters
● Мапираат ризиците и влијанијата од перспектива на заедницата
● Допринесат кон собирање податоци и знаења, поврзувајќи локални увиди со научни истражувања
● Креираат стратешки предлози и можни идни сценарија за одржливо управување со депонијата.
Со зајакнување на гласот на граѓаните и вреднување на нивното знаење и перцепции, проектот поставува преседан за инклузивна и визионерска еколошка акција во Европа и пошироко.
Главен партнер во проектот од С. Македонија е Градежниот Институт Македонија (ГИМ), кој го организира настанот во Велес заедно со другите проектни партнери. Учеството на настанот е само со покана, но доколку би сакале да присуствувате, ве молиме контактирајте ја претставничката на ГИМ, Азра Мисини ([email protected]), за да се информирате дали има дополнителни слободни места. За повеќе информации, посетете ја веб-страницата fic-fighters.eu.
Македонија
Квалитетот на воздухот во Трубарево во рамки на дозволените граници

Министерството за животна средина и просторно планирање, преку податоците добиени од автоматските мерни станици на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, ја информира јавноста за состојбата со квалитетот на амбиентниот воздух во населбата Трубарево.
Според добиените мерења за суспендираните честички со големина до 10 микрометри (PM₁₀): просечната дневна концентрација во текот на вчерашниот ден изнесувала 19.7 µg/m³, максималната измерена вредност достигнала 39 µg/m³, моменталната концентрација изнесува 7.5 µg/m³.
„Досегашните резултати од мерењата покажуваат дека сите просечни вредности за масена концентрација на PM₁₀ се движат во рамките на законски дозволените граници и досега не е регистрирано надминување на утврдените прагови“, велат од МЖСП.
Се додава дека Министерството останува посветено на транспарентно информирање на јавноста и редовно следење на состојбата со квалитетот на воздухот, со цел заштита на животната средина и здравјето на граѓаните.