Македонија
Објавен конкурсот за 16. Школа за млади лидери на Претседателот Иванов
Кабинетот на поранешниот македонски претседател Иванов информира дека 16-тата Меѓународна обука за млади лидери на претседателот Иванов ќе се одржи во периодот прва половина на ноември 2025 година. Денес е објавен конкурсот за учесници на школата која ќе биде на темата „Младинска агенда за одржлив свет“. Рокот за аплицирање на конкурсот е до 30 јуни 2025 година.
Програмата на 16-тата Школа за млади лидери на претседателот Иванов се организира комбинирано, онлајн и во Охрид. Таа е наменета за млади луѓе со завршено високо образование до 35 години, дипломирани студенти и професионалци со работно искуство. Се очекува учесниците да имаат желба континуирано да ги развиваат и усовршуваат нивните лидерски вештини и да придонесуваат за позитивен развој на општеството и нивната околина.
Школата опфаќа интерактивни предавања од реномирани предавачи и говорници од земјата и од странство, панел дискусии, работилници и тимска работа на проектна задача. Програмата е прилагодена да одговара на потребите на младите генерации и да обработува теми кои се од особен интерес за нив. Со планираните активности во програмата се стремиме да ги поттикнеме и охрабриме младите учесници да размислуваат аналитички и да дејствуваат како лидери. Да иницираат промени и да ги предводат, да стекнат самодоверба, да ги развиваат своите вештини, да ја поттикнуваат својата креативност, да одговараат подготвено и да иницираат решенија за предизвиците со кои се соочуваат и да вложуваат во својот професионален и личен напредок.
Бројот на учесници на школата е ограничен, а право на учество имаат сите млади од Република Македонија и од странство кои ги исполнуваат условите наведени во конкурсот.
Повеќе информации за конкурсот во објавите на веб страната и на профилите на социјалните мрежи на Школата за млади лидери (https://youngleaders.com.mk/apply/, https://www.facebook.com/IvanovSchoolForYoungLeaders), како и на веб и на фејсбук страната на поранешниот претседател Иванов (https://gjorgeivanov.mk/, https://www.facebook.com/exmacedonianpresident/).
Меѓународната обука за млади лидери на проф. д-р Ѓорге Иванов традиционално се одржува од 2010 година. Во досегашните 15 обуки учествуваа речиси 600 млади луѓе од Македонија и од целиот свет со различен академски и професионален фокус. Околу 400 предавачи и говорници од Република Македонија, Европа и светот одржаа предавања пред петнаесетте генерации учесници на Школата за млади лидери. Во 2018 година, Школата за млади лидери на претседателот Иванов е прогласена за најдобар социјално одговорен проект во Европа за 2017 година од страна на Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно време со врнежи од дожд и снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и снег, а на повисоките места и на планините од слаб снег. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од североисточен правец.
Максималната температура ќе биде во интервал од 1 до 7 степени, јавува УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаб ветер од североисточен правец. Максималната температура ќе достигне до 6 степени.
Македонија
Намалена видливост поради магла кај Плетвар, Крушево, Стража
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по претежно влажни коловози. Врнежи од снег на планинските премини Ѓавато и Буково без задржување на коловоз.
Намалена видливост до 50 метри и појава на магла на планинскиот премин Плетвар, Крушево до 50 м. Стража до 80м. и на патниот правец Тетово – с.Лисец до 80 м, јавува АМСМ во утринскиот извештај за состојбата на патиштата.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Патниот правец Охрид – Ресен преку националниот парк Галичица од 21 ноември е затворен за сообраќај за сите видови возила.
Македонија
Променливо облачно време во Македонија – утре дожд и снег, нов бран врнежи од вторник
Времето утре променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и снег, а на некои повисоки места и на планини од слаб снег. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од североисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до 1, а максималната ќе достигне од 2 до 7 степени.
Во Скопје, променливо облачно со слаб ветер од североисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -3, а максималната ќе достигне до 5 степени, јавува УХМР.
Во следните денови ќе преовладува променливо облачно време. Во понеделник и во вторник преку денот времето ќе биде стабилно и суво. Во вторник кон крајот на денот, во текот на ноќта и во среда се очекуваат нови врнежи претежно од снег.

