Македонија
Обвинителство: Арсовска мора да пријави ако има сознанија за кривично дело и да посочи на кои локации во Чаир се сомнева за незаконитости

Арсовска како службено лице мора да пријави ако има сознанија за кривично дело и да посочи на кои локации во Чаир се сомнева за незаконитости, велат од Основното јавно обвинителство Скопје.
„Доколку градоначалничката како службено лице има сознанија за кривично дело, таа има обврска тоа да го пријави, да соработува со јавното обвинителство и да посочи кај кои конкретни парцели или згради се откриени сомненија за незаконитости. Тоа е неопходно за да може да постапува обвинителството и да спречи евентуално компромитирање на доказниот материјал“ велат од Обвинителството.
Оттаму додаваат и дека се постапува по доставено известување од СВР Скопје и издадени се повеќе наредби по кои веќе се преземаат дејствија.
Во однос на заканите, Министерството за внатрешни работи е орган директно надлежен за заштита на животот на граѓаните, како и за откривање и спречување на тие што го загрозуваат, потенцираат од обвинителството и додаваат дека „ОЈО Скопје е на располагање преку дежурен јавен обвинител, веднаш без одлагање, доколку сака градоначалничката, да ја сослуша за сите сомненија, сознанија и закани и да ги провери сите околности“.
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, го обвинува градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, за криминал и за легализација на дивоградби, а неколкупати досега нагласи и дека добива и закани по живот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Хеликоптер од Чешка и 61 пожарникар од Словенија ќе помагаат во гаснење на пожарите

Меѓународна помош ќе пристигне во земјава да помогне во справување со пожарите. Помошта ќе дојде од Чешка и од Словенија.
Чешка испраќа хеликоптер Блек Хок со седумчлен екипаж. Се очекува да пристигнат попладнево.
Утре, пак, во Берово ќе пристигне тим од Словенија составен од 61 пожарникар со 18 возила.
Во текот на измнинатото деноноќие на територијата на државата евидентирани се вкупно 27 пожари на отворен простор. Од нив, седум се активни, три се под контрола, а седумнаесет се изгаснати.
Македонија
Граѓаните кои поседуваат легално оружје од сега ќе можат да набавуваат муниција директно во овластените правни субјекти

Согласно измените на Законот за оружје, стапи во сила новиот систем за набавка на муниција.
Со него, граѓаните кои поседуваат оружје ќе можат да ја набавуваат потребната муниција директно во овластените правни субјекти. Повеќе не е потребно претходно одобрение за набавка на муниција.
„Истовремено, преку централен електронски систем, Министерството за внатрешни работи ќе врши континуирана контрола и увид во количините што се набавуваат, во согласност со законски утврдените ограничувања. Со оваа промена, системот станува побрз, пофункционален и посовремен, без да се намали степенот на безбедносен надзор. Ова е уште една потврда дека се движиме во вистинска насока, со конкретни мерки што носат резултати и реално го подобруваат квалитетот на услугите што МВР ги дава на граѓаните“, истакна министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Македонија
Меџити: Почиста иднина за 18 општини – стигнува новата опрема во вредност од 10.7 милиони евра

Првиот прв вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, денеска потпиша два договори во вредност од околу 10,7 милиони евра со кои ќе обезбеди и испорача нова опрема за управување со отпад за 18 општини од Југозападниот и Пелагонискиот регион, како дел од реализацијата на Регионалниот проект за управување со цврст отпад.
Со овие два договора, информираше Меџити, е опфатено снабдување на општините Дебар, Струга, Битола, Кичево Прилеп, Долнени и други рурални општини со сеопфатна механизација: контејнери, канти, специјализирани камиони-компактори, скип-лифтови и кипер возила, односно сè што е потребно за ефикасно собирање, транспорт и одлагање на отпадот од страна на комуналните претпријатија во општините, во согласност со европските стандарди.
„Со оваа значајна испорака на опрема која е сериозен чекор напред кон одомаќинување на европските еколошки стандарди, продолжуваме со реализација на нашата стратешка цел – изградба на одржлив и интегриран регионален систем за управување со отпад. Благодарност до сите партнери кои денеска се со нас и сесрдно го поддржуваат овој процес, “ изјави министерот за животна средина и просторно планирање Изет Меџити.
Финансиската поддршка за оваа набавка е обезбедена преку Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), со дополнителна помош од Швајцарскиот државен секретаријат за економски прашања (SECO), Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF) и Владата на Шведска преку СИДА.