Македонија
(Видео) Манасиевски: Филипче дозволил градба на модуларната болница во која не смеело да се обавува здравствена дејност
Министерството за здравство, во времето на Венко Филипче дозволил изградба на 16 КОВИД модуларни болници низ територијата на Република Македонија, кои не исполнуваат минимални стандарди, кажа денеска на прес-конференција Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„За време на КОВИД кризата, Светска Банка дава 30 милиони евра на МЗ за справување со КОВИД кризата, односно набавка на лекови, опрема и меѓу другото, изградба на нови 16 модуларни болници. Светска банка, проценила дека МЗ нема капацитети да ги менаџира овие пари, па парите се даваат на проектна единица во МТСП, да ги спроведе сите набавки согласно меѓународните правила за потребите на МЗ. Спроведувањето на набавката го прави МТСП, а техничките спецификации и усогласеност на постапка според законски и подзаконски акти за здравствени објекти, го прави лице од МЗ, назначено од Венко Филипче. Спорна е техничката спецификација, која ја прави одговорното лице назначено од Венко Филипче, каде што подоцна се констатира, дека не е во согласност со ниту еден стандард за изградба на објекти од областа на здравството. Не се почитувале Законот за градење и Законот за здравствена дејност, и не се почитувале минималните технички стандарди за заштита од пожари и експлозии“, истакна Манасиевски.
Тој нагласи дека „овие болници се набавени и поставени како стоки, а стоки во ниту еден случај не можат да бидат користени како објект во кој се обавува здравствена дејност“.
„Пред да се случи пожарот во модуларната болница каде што загинуваат 14 наши сограѓани, наместо да се подобрат стандардите на болниците, Министерството за транспорт и врски, по предлог на Владата, го промениле законот за градење по итна постапка, со цел овој тип на објекти да ги преместат во урбана опрема за чие поставување одобрение ќе издава МЗ или тогашниот министер, Венко Филипче. Овие болници не се запишани во катастар, немаат добиено одлука од Влада за трајно користење и немаат одобрение за употреба по правилник за простор опрема и кадар. За овие работи, има евиденција во проектната единица во МЗ и истата е предадена на Јавното обвинителство за организиран криминал на ден 12.12.2023“, рече Манасиевски.
Според него, од сето ова произлегува дека модуларните болници се бесправно и противзаконски поставени и не смеат да бидат користени за вршење на било каква здравствена или медицинска дејност.
„Го прашуваме Филипче, дали провизиите чинеа повеќе од животот на граѓаните? Зошто одобрил изградба на модуларни болници противзаконски? Зошто модуларните болници ги квалифицирале како стоки, во кои никако не смее да се обавува здравствена дејност?“, праша Манасиевски и најави нови детали за утре.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

