Македонија
(Видео) Манасиевски: Модуларната болница на Филипче во моментот кога изгорела немала одобрение за поставување и употреба
Венко Филипче иако не смеел, дозволил изградба на модуларни болници со неогноотпорни материјали, рече денеска на прес-конференција Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ. Тој кажа дека Артан Етеми, поранешниот економски директор на Тетовската болница, кој е осуден на 1,5 година затвор за случајот со модуларната болница, до последен момент одбивал да ја прими и да ја пушти во употреба модуларната болница.
„Повеќето директори на болници низ целата Македонија се противеле на поставување на модуларни болници, бидејќи немало приклучоци, немало надзор, немале средства за да платат приклучоци, да ангажираат фирми итн. Во овој дел, Светска банка барала да види одобренија за поставување и употреба на модуларните болници и извод од Катастар, со цел за да се покаже одржливост на проектот. Но, одобрение не можела да издаде ниту општината, ниту Министерството за транспорт и врски, бидејќи не е запазена процедурата и одредбите од Законот за градење. Катастарот одбивал да врши упис на истите, бидејќи се набавени како стоки и нема извештај од надзор согласно член 74 од Законот за градење за да се запишат, а Катастарот врши упис само на недвижности. Економскиот директор на Тетовската болница, каде што се случи пожарот, до последен момент се противел на поставување на модуларните болници, бидејќи не се опремени за да се издава здравствена и медицинска нега ниту пак биле во рамките на законските прописи. Сепак, со одлука на Министерството за здравство и тогашниот министер Венко Филипче, модуларните болници се пуштаат во употреба“, истакна Манасиевски.
Тој нагласи дека „клучен факт е дека во моментот на критичниот настан, модуларната болница во Тетово нема одобрение ниту за поставување, ниту за употреба од Министерството за здравство. Болницата изгорела за неполни две минути, за што има и снимки, листа на документи и докази кои Јавното обвинителство ги крие“.
Манасиевски го обвини Филипче дека „дозволил пациенти со тешка клиничка слика да се лекуваат во објекти кои не можеле да служат за ништо друго, освен како настрешници“.
„Дали Јавното обвинителство го штити Филипче? Зошто обвинетите поранешни директори на Тетовската болница рекоа дека вистинскиот виновник треба да седи до нив на обвинителната клупа, а тоа е Венко Филипче? Зошто Филипче е изземен од целата оваа ситуација? Дали судиите одработуваат за него, во знак на благодарност за можноста да бидат избрани?“, праша Манасиевски.
Нови детали најави за утре во 12 часот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар и Сарај в понеделник без вода
Од ЈП Водовод и Канализација, известуваат дека зафатот кој беше најавен за денеска поради одредени технички пречки се одложува за понеделник.
Поради изведување на водоводен приклучок ф-100мм на ул. Христо Смирненски 13, од 09:00 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица, поточно потегот од Зур – Маркет до бул. Партизански Одреди, во општина Центар.
Исто така во понеделник ќе се изврши редовно чистење на резервоарот за питка вода во село Рашче. За време на активностите во периодот од 09:00 – 13:00 часот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од населените места: Рашче Копаница и Бојане, општина Сарај.
Македонија
До понеделник променливо облачно време со локални врнежи од дожд
Променливо облачно време со локални врнежи од дожд кои повремено ќе бидат пообилни. Процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 30 l/m² за 24 часа), засилен ветер и појава на грмежи. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен, а долж Повардарието од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 12 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса до понеделник ќе преовладува променливо облачно време со локални врнежи од дожд кои повремено ќе бидат пообилни. Процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 30 l/m² за 24 часа), засилен ветер и појава на грмежи. Од вторник се очекува стабилизирање на времето.
Македонија
Гаши – Форнавре: Односите меѓу Шведска и Северна Македонија се темелат на заемно разбирање, доверба и почитување
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Делегација на Меѓупарламентарната група за пријателство Шведска – Северна Македонија на шведскиот Риксдаг, предводена од претседателката на Групата, Лота Џонсон Форнарве.
На средбата присуствуваше шведскиот амбасадор во нашата земја, Ола Солстром, како и претседателката на Пратеничката група на Собранието за соработка со Парламентот на Кралството Шведска, Дафина Стојаноска.
Претседателот Гаши ја истакна долгогодишната поддршка и пријателство на Кралството Шведска кон нашата земја, нагласувајќи дека односите меѓу двете држави се темелат на заемно разбирање, доверба и почитување.
Посебно беше изразено задоволство од формирањето на Групата за пријателство со Северна Македонија во шведскиот Риксдаг, што претставува важен чекор кон унапредување на парламентарната соработка.
Пратеничката Дафина Стојаноска упати благодарност за континуираната шведска поддршка за стратешката цел на нашата земја – полноправно членство во Европската Унија.
Се разговараше за остварување проекти во следниот период во повеќе области – земјоделство, бизнис, родова еднаквост, што ќе значи континуитет на поддршка и пријателство.
Присутните соговорници се согласија дека интензивната меѓусебна комуникација и размената на искуства придонесуваат кон приближување на државите и народите на Шведска и Северна Македонија.

