Македонија
(Видео) Илиевски: Поради притисок од власта ниту еден актуелен функционер не е опфатен со истрагата за Кочани
Родителите на починатите и повредените деца од Кочани јавно ги посочуваат виновниците во институциите, но поради политички притисок од власта ниту еден актуелен државен функционер не е опфатен со истрагата на обвинителството, рече денеска на прес-конференција, Методија Илиевски, потпретседател на СДСМ.
Тој од партиската говорница упати повеќе прашања:
„Коцевски и Мицкоски им должат одговор на родителите од Кочани зошто досега нема обвинение против Драган Казак Петрушев сменоводител кој вечерта раководел со акциската контрола во дискотеката Пулс?
Дали е точно дека постои снимка на која се гледа дека лично Драган Петрушев спротивно на стандардните оперативни процедури ги заклучува вратите на дискотеката Пулс и не дозволува никој да го напушти објектот?
Ако обвинителството поседува ваква снимка од безбедносните камери на дискотеката зошто досега нема обвинение против Петрушев?
Дали Драган Петрушев има објаснување зошто акциската контола на објектот Пулс не ја прави во 12:30 часот на почетокот на забавата туку спротивно на добиената наредба прави контрола во друг објект, па дури при крајот на забавата во Пулс прави контрола во објектот кој бил должен да го контролира согласно наредбата уште во 12:30 часот?
Мицкоски и Коцевски мора да им одговорат на родителите дали постоела комуникација помеѓу сопственикот на дискотеката и Драган Петрушев и дали барањето од газда Деко било да се прави акциска контрола пред крајот на забавата со цел да го зголеми профитот?
Дали е точно дека против Петрушев се води уште една постапка за издавање на службена тајна и контакт со криминалци кои наместо да ги гони ги информирал за постапките кои се водат против нив?
Дали Драган Казак Петрушев е заштитен затоа што е истакнат член на ВМРО-ДПМНЕ во Кочани и ги врши валканите работи на партијата во градот со години?
Дали можеби Петрушев е заштитен затоа што поседува компромитирачки материјали за истакнати функционери на ВМРО-ДПМНЕ меѓу кои и пратеници?
Зошто Петрушев присуствува на речиси секој протест во Кочани во формален капацитет како полицаец, дали целта на Панче Тошковски и Христијан Мицкоски е да ги заплашува родителите на починатите од Кочани да не говорат за што се случувало кобната вечер?
Колку време е оставено на вистинските виновници за трагедијата во Кочани да прикриваа и уништуваат докази?
Колку време им е оставено вистинските виновници да прават притисок врз сведоците и оштетените, да им се закаануваат на родитиелите на починатите во Пулс?“, праша Илиевски.
Тој кажа дека „СДСМ нема да дозволи да нема правда за 62 починати млади деца и 200 повредени кои се директни жртви на институциите со кои раководи ВМРО-ДПМНЕ“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски: Техничката влада не се укина за изборите во 2024 година за ДУИ да добие премиер
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, вечерва беше гостин во Тема на денот на Сител телевизија, каде се осврна и на актуелната тема за укинување на техничката влада за што истакна дека истата била воведена како привремено решение за кризата во 2015 година. Тој вели дека нејзиното укинување во 2024 година било спречено поради договор меѓу СДС и ДУИ со цел ДУИ да добие премиер, како што и се случи, и како што вели тој, беше спротивно на изборните правила и волјата на граѓаните.
„Во 2015 година оваа техничка влада беше договорена во еден сосема друг политички контекст и беше решение на една политичка криза. До следните редовни парламентарни избори ќе поминат 12 и пол години од таа политичка криза и од договорите кои што тогаш се правеа. Оваа техничка влада го надмина времето и причините за кои што беше создадена и ние сме единствена држава од нормалните демократии во Европа, која што го прави, и на ова треба да се стави точка и да заврши затоа што ни треба нормално функционирање на државата“, вели Николоски.
„Ние го инициравме тоа, но единствената причина зошто не се укина техничката влада за изборите во 2024 година беше договорот помеѓу СДС и ДУИ, да ДУИ добие премиер, и тоа се случи, Талат Џафери стана премиер, што беше вон сите изборни правила, и вон волјата на народот, и затоа завршија на избори како што завршија“, рече Николоски.
Македонија
(Фото) Тошковски на проштална средба со амбасадорката Агелер: САД остануваат клучен стратешки партнер во безбедноста
Министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Панче Тошковски, денеска оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Македонија, Ангела Агелер.

На средбата, министерот Тошковски изрази благодарност за нејзината посветеност, професионалност и континуирана поддршка на реформските процеси, со посебен акцент на унапредувањето на безбедносниот систем и јакнењето на институционалните капацитети. Тој ја истакна значајната улога на амбасадорката Агелер во продлабочувањето на соработката меѓу двете држави, особено во областа на внатрешната безбедност, владеењето на правото и борбата против организираниот криминал и корупцијата.

Министерот упати благодарност и до Амбасадата на САД за силната и континуирана поддршка на Македонија, нагласувајќи дека Соединетите Американски Држави се стратешки партнер и важен сојузник во зајакнувањето на безбедноста, стабилноста и евроатлантската ориентација на државата. Во тој контекст, беше потенцирана и одличната соработка меѓу Министерството за внатрешни работи и американските институции преку заеднички проекти, обуки и размена на експертиза.
Македонија
Средба на министерот Муцунски со раководството на Сојузот на стопанските комори на Македонија
Во рамки на серијата работни средби насочени кон унапредување на економската дипломатија и поддршката на извозот, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари работен состанок со раководството на Сојузот на стопанските комори, предводено од претседателот Горан Ѓорѓиевски.

На средбата се разговараше за интензивирање на соработката преку организација на тематски трговски посети на приоритетни пазари, обезбедување логистичка поддршка при значајни бизнис посети во државата, како и за промоција на извозните капацитети на домашните компании пред дипломатскиот кор. Посебен акцент беше ставен на унапредување на комуникацијата и соработката на домашните компании со дипломатско-конзуларните претставништва во странство, известуваат од Министерството.

Фокусот на институционалните активности е насочен кон системска поддршка на компаниите со извозен потенцијал, со цел поттикнување на додадената вредност во економијата и создавање услови за одржлив економски развој.

