Македонија
(Видео) Манасиевски: Афера – провизии што чинат живот – додека Македонија тагувала, Филипче анексирал договори за да се спаси
„Додека Македонија тагувала и ги броела жртвите од пожарот во тетовската модуларна болница, Венко Филипче анексирал договори за градба за да се спаси. Венко Филипче кој дозволил да се изгради Модуларната болница во Тетово со неогноотпорни материјали, денови по пожарот склучува анекс со фирмата изведувач да ги промени панелите од кои се изградени контејнерите со огноотпорни“, рече Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Имено Венко Филипче склучува анекс на договор со фирмата која ги гради модуларните болници и ја зголемил цената за 20%, само за да се променат материјалите во другите болници низ државата.
Зошто Венко Филипче побрзал да склучи договор за промена на материјалите од кои се изградени модуларните болници?
Зошто претходно Филипче дозволил таквите болници да се користат, а веднаш по пожарот побрзал да ги промени панелите? Зошто веднаш ја зголемил цената за 20%? Дали тие 20% се причината за пожарот во Тетово и смртта на 14 луѓе?
Дали Венко Филипче морал неминовно да го анексира договорот за 20%, затоа што тие пари претходно завршиле во нечиј џеб?
Од тендерската документација и Основниот договор за набавка на работи бр. 23-1431/17 од 28.05.2021 јасно може да се утврди следново: член 7.3.1 од тендерската документација – договорниот орган во рамките на оваа точка не предвидел разлика, т.е. корекција на цени, туку напротив стои одредба дека цените искажани во понудата на најповолниот понудувач ќе бидат фиксни за целото времетраење на договорот. Во член 3 од Договорот исто така е предвидено дека единствените цени кои се дадени во понудата која е составен дел на Договорот истите ќе бидат фиксни и непроменливи по било кој основ. Следствено член 2 од Анексот бр. 23-1431/63 од 20.12.2021 е во целост спротивен на Основниот договор, па согласно член 116, 117 и 119 во врска со член 39 и 41 од ЗОО е ништовен.
Наместо Министерството за здравство да му наложи на изведувачот сите измени согласно договорот да ги направи и изработи на свој трошок, Министерството за здравство, пазете, му одобрува на изведувачот 20% зголемување на цената! Наместо Министерството за здравство, да бара од носителот да ги урне објектите кои ја загрозуваат безбедноста и да побара да си ги изведе на свој трошок работите, Министерството за здравство склучува анекс со промена на 20% повисоки цени. Ова е против законскиот и ништовен анекс бр.1 склучен и потпишан само од тогашниот министер Филипче.
Овој анекс е склучен на 20.12.2021 година, само две недели пред заминувањето на Филипче од позицијата министер за здравство, бидејќи веќе од јануари 2022 година, МЗ го презема Беким Сали. Анексот никогаш не е објавен на страната на ЕСЈН во делот на измени на договорот.
Оттука се поставува прашањето, зошто Филипче потпишал Анекс кој е целосно спротивен на Основниот договор и согласно одредени Закони, истиот е ништовен? Зошто Филипче не побарал од фирмата изведувач да ги сруши модуларните болници и да направи нови со подобар квалитет и според Законот за градење и Законот за здравствена дејност?
Дали одговорот на сите овие прашања е 20%? И каде завршиле тие? Вистината за Модуларната болница, јавноста мора да ја дознае.
Утре повторно во 12ч, на прес-конференција, нови скандали поврзани со случајот за Модуларната болница, каде сериозно има случај на судир на интереси на лицето коешто ги одобрувало техничките спецификации за модуларните болници кое било поставено директно од Венко Филипче“, изјави Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јанчев од Левица по сообраќајната несреќа: Веднаш пружив помош, но бев мета на политичка хајка
Пратеникот и лидер на Левица, Саше Јанчев, денеска се огласи по повод сообраќајната несреќа во која бил учесник, истакнувајќи дека во настанот се погодени најмалку три семејства и бројни блиски лица, поради што досега, како што вели, свесно молчел. Јанчев нагласува дека не сака да навлегува во детали од несреќата, но чувствувал потреба јавно да се произнесе поради, како што тврди, политичката злоупотреба на случајот.
Тој изрази жалење за сè што се случило таа вечер и посочи дека веднаш по несреќата пружил помош и повикал итни служби. Притоа, Јанчев укажа дека брзата помош, според неговите наводи, пристигнала по цели 50 минути.
Во изјавата потенцира дека бил единствениот легален учесник во сообраќајот во конкретната несреќа и отфрли тврдења дека управувал возило под дејство на алкохол или дрога, како и дека возел со непрописна брзина, оценувајќи ги ваквите информации како целосно неточни.
Јанчев реагира и на објавите во дел од медиумите дека управувал „бесен џип“, наведувајќи дека неговото возило е старо 20 години и дека станува збор за намерно креиран наратив. Според него, уште истиот ден по несреќата, владејачките партии започнале, како што рече, координирани политички напади против него.
Тој обвини дека бил јавно осуден преку партиски прес-конференции и медиумски настапи, без, како што посочи, да се постави прашањето за одговорноста на министерот за внатрешни работи и министерот за здравство. Јанчев наведе и дека од страна на власта му биле упатени закани поврзани со работата на Анкетната комисија за Кочани.
Во однос на прашањето за пратеничкиот имунитет, Јанчев истакна дека никогаш не се повикал на него и дека имунитетот, како што нагласи, не ја исклучува кривичната одговорност.
„Сето ова се прави без чувство дека во приказната не сум само јас, туку и луѓе кои се настрадани и длабоко потресени“, наведе Јанчев, повторувајќи дека искрено жали за сè што се случило и дека не знае зошто морало да дојде до таков трагичен настан.
Македонија
ТАВ Македонија: Меѓународниот Аеродром Скопје е отворен
Поради густата магла која ја зафати скопската котлина, а која предизвика намалена видливост, на Меѓународниот Аеродром Скопје, денеска од 00:00 часот до 18 часот, има 16 откажани и 11 пренасочени летови. Три авиони слетаа и три авиони полетаа после пладне, кога се подобрија временските услови. Слетаа авионите од Дортмунд, Истанбул и Париз, а полетаа за Истанбул, Осло и Баден-Баден, информираат од ТАВ Македонија.
Бидејќи временските услови се менуваат постојано, од ТАВ Македонија апелираат до сите патници да ги следат информациите и насоките за нивните летови кои ги добиваат од авиокомпанијата со која летаат
-Согласно временската прогноза која ни стигнува од Метео-службата на М-НАВ, намалена видливост се очекува и во текот на ноќта. За патниците и јавноста би сакале да појасниме дека Меѓународниот Аеродром Скопје не е затворен. Аеродромот е постојано отворен, без разлика на временските прилики, а нашиот персонал е подготвен да ги прифати, услужи и испрати и авионите и патниците, се вели во соопштението од ТАВ Македонија.
Сите промени во редовниот распоред на летање се ажурираат во реално време на веб-страницата на Меѓународниот Аеродром Скопје https://skp.airports.com.mk/, а патниците може да се информираат за статусот на нивните летови и на пултот за информации кој работи 24/7 со персонал кој е присутен на аеродромот и на телефонскиот број 02 3148 333.
Македонија
Сонце само над Водно – градот втор најзагаден во Европа
Скопје денеска осамна покриено со густа магла, која целосно го проголта градот и го сокри сонцето од погледот на скопјани. Додека во низините видливоста беше значително намалена, единственото место каде што сонцето се пробиваше низ облаците беше Водно, поточно околу Милениумскиот крст.
Од височините на Водно можеше јасно да се забележи контрастот меѓу сончевото небо и густата магла што се задржа над градот, создавајќи слика на Скопје „заробено“ под сив покрив.
Покрај неповолните временски услови, денес Скопје е рангирано како втор најзагаден град во Европа, што дополнително ја влошува состојбата со квалитетот на воздухот и претставува сериозен ризик за здравјето на граѓаните.
Граѓаните повторно апелираат за итни мерки и долгорочни решенија за справување со аерозагадувањето, кое со години останува еден од најголемите проблеми во главниот град.

