Македонија
Данела до Мицкоски: Не ви се плашам и не се повлекувам
Градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска, преку писмено соопштение му се обрати на премиерот Христијан Мицкоски, во кое го обвинува дека му дозволил на градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, нелегално да легализира дивоградби. Арсовска вели дека Мицкоски дозволил Висар Ганиу и Ејуп Адеми на секој можен начин да се обидат да ја заплашат и да ѝ се закануваат за да се повлече од разоткривање на, како што вели, криминалот што го прават во Скопје. Арсовска им порача – не ви се плашам и не се повлекувам.
„Мицкоски, денес ти се обраќам како жена, како човек, како градоначалник. Читај внимателно. Ги спречуваме дивоградбите на Ганиу повеќе од 3 години, враќаме документи и постапуваме, никој институционално не реагира. Денес, кога на седница на Советот на Град Скопје ќе се дискутира за случајот за незаконските дивоградби од Чаир, кој е пријавен во Обвинителството, од кој неминовно ќе се отворат и сите други криминали, јас јавно те прашувам: 1. Кој од криминалците на ДУИ ти ги расчисти и ги затвори во оваа цела година додека си апсолутна власт во Македонија? 2. На кој од криминалците на ДУИ ти им поведе постапка и ги уапси со докажан криминал за една година додека си премиер, а втора година имаш твој министер за внатрешни работи? 3. Дали си свесен дека Ганиу, Меџити и Адеми се на власт како функционери на ДУИ повеќе од 20 години? 4. Тие 150 дивоградби во Чаир сме ги спречиле незаконски да се легализираат и сме известиле за тоа во 2023, 2024 и во 2025 година, време кога Висар Ганиу првин беше ДУИ, а потоа стана ‘Влен’“, пишува во соопштението.
Арсовска вели дека на Висар Ганиу никој не му е крив што му текнало на 20 март 2025 година да прави фалсификати за да ги запишува нелегално дивоградбите со кривично дело во Катастарот на недвижностите.
„Го фативме со криминалот и наместо институционално да нè заштитиш, ти го браниш. Ти, Мицкоски, дозволи Висар Ганиу и Ејуп Адеми на секој можен начин да се обидат да ме заплашат, да ми се закануваат, за да се повлечам од разоткривање на криминалот што им го фативме во Скопје. Ти, Мицкоски, дозволи Ганиу да те седне во скутот, да го браниш место да го апсиш. Излезе на телевизија нарекувајќи го ‘господинот’ Ганиу, да го застапуваш и се обиде со девалвации, со лични навреди и квалификации дополнително да ги подгрееш нападите кон мене наместо да ги спречиш. Овие што се обидуваат да се заканат и етнички дека ќе се дестабилизирала државата бидејќи им фатив криминал, всушност дестабилизирани се самите бидејќи сега треба парите за дивоградбите што им ги зеле на луѓето да им ги враќаат“, вели Арсовска.
Ако не си вмешан во нивните криминали, вели Арсовска, не ги брани, биди премиер на сите граѓани и заштити нè.
„Ако си вмешан и продолжиш да им бидеш адвокат, само ќе докажеш дека сте соучесници, а јас не се повлекувам и покрај заканите бидејќи за сè имаме докази. Не политизирај, не филозофирај, постапувај и апси, почни од Висар Ганиу, па макар и брат да ти е. Да го направеше тоа, од мене, и покрај тоа што сме противници, ќе имаше целосна поддршка затоа што би требало да сакаш да живееш во Македонија во која криминалци нема да може да има затоа што не се постапува утре да ѝ се заканат на твојата сопруга, сестра, мајка. Ако не преземеш чекор и покрај доказите за криминалот со дивоградбите, тогаш си соучесник на фалсификатите и нема други оправдувања. А јас докази имам многу, не ви се плашам и не се повлекувам“, вели Арсовска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во прекин сообраќајот на граничниот премин Богородица, на Меџитлија прекинот е само за моторни возила
Сообраќајот на ГП Евзони (ГП Богородица) е во прекин и според најава се очекува да остане затворен за секаков вид на сообраќај до 19:00 часот.
Сообраќајот на ГП Меџитлија (НИКИ) е во прекин само за товарни возила.
Додека сообраќајот на ГП Дојран се одвива нормално.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Град Скопје започна со обновување на јавните површини во центарот
Градот Скопје соопшти дека продолжува со интензивни активности за обновување на јавните површини и подобрување на урбаниот амбиент, со фокус на централното градско подрачје. Од Градот наведуваат дека се работи на локации кои со години биле занемарени и без основно одржување, со цел да им се врати функционалноста, безбедноста и достоинствениот изглед.
Според соопштението, градските служби координирано интервенираат на простори што секојдневно ги користат илјадници граѓани и посетители.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, во објава на социјалните мрежи, информира дека „деновиве интензивно се работи на сите страни низ градот“. Тој наведе дека на плоштадот „Македонија“ се заменуваат скршените и пропаднати плочки, фонтаните што подолго време не функционираа повторно се враќаат во употреба, а пристапните патеки ќе добијат уреден изглед.
„Скопје мора да биде достоинствен, уреден и убав град, токму таков како што го паметиме и каков што сакаме да го оставиме за идните генерации“, напиша Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека активностите се спроведуваат „за нас, но и за сите гости кои секојдневно доаѓаат да го запознаат нашиот главен град“.
Македонија
Кисела Вода и Агенцијата за катастар на недвижности: Засилена соработка за поефикасна услуга
Денес во општина Кисела Вода се одржа средба меѓу градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска и директорот на Агенцијата за катастар на недвижности на Република Македонија, Иван Живковски.
Како што известуваат од Општината, разговорот бил насочен кон зајакнување на соработката меѓу двете институции, со фокус на подобрување на услугите кон граѓаните, поголема достапност до податоци и унапредување на дигиталните процеси. На средбата беше договорено дополнително зајакнување на оваа соработка, особено во делот на дигиталните сервиси, со што граѓаните ќе добијат побрзи административни постапки и намалени трошоци, без потреба од непотребни чекори и обраќања кон повеќе институции, велат од Општината.

Беше констатирано дека модерното и транспарентно управување со податоци е неопходно за развој на општината, подобро планирање и подигнување на квалитетот на услугите. Посебен акцент беше ставен на можностите за интеграција на дел од дигиталните системи и олеснет пристап на општината до катастарските податоци, што ќе придонесе за побрзо постапување по барањата на жителите и поголема ефикасност при издавање документи и спроведување урбанистички процеси, информираат од Општината.

„Како општина која силно инвестира во дигитализација, наш приоритет е граѓаните да добиваат услуга брзо, ефикасно и без непотребни административни бариери. Со Агенцијата за катастар на недвижности имаме заедничка цел, да обезбедиме поголема достапност на услугите и унапредено управување со податоците. Денешната средба со директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски ја гледам како значаен чекор напред, бидејќи интегрирањето на системите и размената на информации ќе овозможи побрзо решавање на имотно-правните и урбанистичките постапки. Сето ова е дел од нашата заедничка стратегија да ја направиме Општина Кисела Вода модерна, ефикасна и лесно достапна за сите жители, каде граѓаните ќе можат брзо и безбедно да ги завршуваат своите административни обврски“, изјави градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.

