Македонија
Муцунски во Париз ја реафирмира стратешката ориентација на државата кон членството во ЕУ

Во рамки на работната посета на Париз, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари одделни средби со претседателката на Интерпарламентарната група за пријателство Франција – Западен Балкан, сенаторката Марта де Сидрак, и со советникот на францускиот претседател Емануел Макрон за Континентална Европа и Турција, Бертран Бишвалтер.
На средбата во францускиот Сенат беше истакнато значењето на парламентарната дипломатија во градењето на стабилни и севкупни односи меѓу двете земји. Се разговараше за европската перспектива на Северна Македонија и регионот, како и за можностите за унапредување на парламентарната соработка и продлабочување на политичките и економските врски. Посебен акцент беше ставен на доследната поддршка од француска страна за македонските евроинтеграции.
На средбата со советникот Бишвалтер беа отворени прашања од заеднички интерес, вклучително и актуелните геополитички предизвици во Европа, важноста на регионалната соработка, партнерството и придонесот на Република Северна Македонија во рамките на НАТО Алијансата, како и понатамошното јакнење на соработка во контекст на европската и регионалната стабилност.
Министерот Муцунски ја реафирмираше стратешката ориентација на државата кон членството во Европската Унија, како и континуираната посветеност на реформските процеси и на добрососедските односи. Воедно, беше потврдена значајната улога на Франција како силен поддржувач на европската перспектива на Северна Македонија и на регионот, со цврста определба оваа поддршка да продолжи со несмален интензитет и во наредниот период.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Променливо облачно, посвежо и нестабилно со локален пороен дожд, грмежи и услови за краткотрајно невреме

Времето денеска, променливо облачно, посвежо и нестабилно со локален пороен дожд, грмежи и услови за краткотрајно невреме. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 13 до 20, а максималната ќе достигне од 23 до 32 степена.
Во Скопје, променливо облачно и нестабилно со повремен пороен дожд и грмежи. Во делови од котлината ќе има услови за краткотрајно невреме. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 19, а максималната ќе достигне до 31 степен.
Во петок и сабота ќе биде претежно стабилно со благ пораст на дневната температура. Ново дестабилизирање на времето со локален пороен дожд и грмежи се очекува во недела и во почетокот на следната седмица.
Македонија
Мицкоски: Поединци од СДС потпалуваат за да има политички пожари, а го бранат и Коцевски како последен бастион за нивниот криминал

Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ и премиер на вечерашната трибина на тема „Реформи во здравството, ги градиме темелите на промените“ во организација на ВМРО-ДПМНЕ, а која се одржа во Штип се осврна на актуелни теми меѓу кои ситуацијата со пожарите и гласањето недоверба во Собранието за јавниот обвинител Љупчо Коцевски.
„Гледам една нескриена радост и возбуда кај опозицијата од пожарите. Истата таа возбуда ја имаа и кога секојдневно ја злоупотребуваа големата и ужасна трагедија во Кочани. Така брутално, дневно политички и паушално излегуваат на прес-конференции додека стотици граѓани заедно со пожарникарите и полицијата и луѓето од „Македонски шуми“ борба бијат на дневно ниво против пожарите во Македонија и во време кога за жал нашата татковина во одредени делови е во пламен“, рече Мицкоски.
Мицкоски укажа дека „тие наместо да бидат помеѓу народот одбираат со салонски прес-конференции да потпалуваат и да се радуваат на секој пожар“.
За разлика од претходната владата, сега, кажа тој, актуелната за една година ги стави во употреба авионите, леталата, цела флота на БТР возила, хермелини и пинцгауери за гасење на пожари.
„Кога нивни луѓе ќе ги видиме озарени како потпалуваат пожари за да има политички пожари, како живи ќе ги фатиме со огнот во раце за да имаат потоа причина за прес-конференции, тука се е јасно“, кажа Мицкоски.
Коментираше и за гласањето недоверба за јавниот обвинител Коцевски.
„Уште една тема којашто вчера многу јасно, кристално јасно ја видовме во македонското Собрание како постапуваат против интерпелацијата на државниот јавен обвинител. Сами се соголија. СДСМ и ДУИ останаа единствената сламка за спас на кариерата на државниот јавен обвинител затоа што е јасно дека тој им е последниот бастион во одбрана на нивниот криминал во изминатите 7 години, затоа нема ниту еден отворен случај против висок функционер на СДСМ и ДУИ“, посочи Мицкоски.
Според него, „паѓаат во вода сите оние тиради од прес-конференции за оној страшен ужасен случај во Кочани, оние лажни повици, буцкањата каде лажно велеа дека бараме правда“.
„Па тој случај токму го води, токму овој за којшто сега зборував, нивниот државен јавен обвинител и нема потреба да повикуваат јавно, слободно нека си го викнат, нека си се затворат во канцеларија тие малкумина што останаа во раководството на СДСМ и ДУИ и нека си го прашаат Коцевски до каде е. А ние нема да се откажеме од борбата за правда и подобар живот и правда ќе има, и ќе има подобра иднина која сакаме да ја донесеме“, дополни Мицкоски.
Македонија
Андоновска: Во Институтот за јавно здравје секој тргнувал само од личниот интерес

Директорката на Институтот на јавно здравје и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Андоновска, во рамки на вечерашната трибина „Реформи во здравството, ги градиме темелите на промените“, истакна дека наследиле распаднати институции каде што воопшто не се размислувало за услугите и грижа за граѓаните. Таа додаде дека конкретно во Институтот, ниту една работа не била водена согласно законските прописи.
„Мораме да ги поставувавме темелите повторно, и нема да се откажеме и сме силно мотивирани да го направиме тоа. Најдовме распаднати институции, каде што воопшто не се размислувало ниту за услугите, ниту за институциите, а најмалку за граѓаните. Секој тргнувал само од личниот интерес, ниту една работа што ја затекнав во Институтот не беше водена согласно законски прописи, се беше спротивно на законот“, нагласи Андоновска.
Андоновска објасни дека со преземањето на Институтот, затекнале опрема којашто била купена скапо, но не се употребувала повеќе години. Таа информираше дека опремата веќе е ставена во употреба, се со цел граѓаните да може да се обратат во државните институции.
„Затекнавме опрема којашто е купена многу скапо и може да биде многу од корист на граѓаните, но е вон употреба повеќе години. Ја ставивме таа опрема во употреба и направивме се за таа да може да профункционира, повторно да можат граѓаните да се обратат во државните институции, наместо да одат само во приватните и да имаат дополнителни трошоци. Воведовме втора смена и сме единствената микробиолошка лабораторија којашто можат граѓаните да ја посетат и после работното време“, заклучува Андоновска.