Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Аудито Q8 на Филипче кое го возеше и во предизборната кампања е купено од фирмата која продавала 3 пати поскап јаглен на ЕСМ
Додека Заеви заработувале милиони, Филипче имал лично профит од 3 пати поскапата препродажба на јаглен од Грција на ЕСМ од 2022 до 2024 година, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Аудито Q8 на Филипче кое го возеше и во предизборната кампања е купено од фирмата која продавала 3 пати поскап јаглен на ЕСМ.
Во енергетска криза, кланот Заеви и Филипче преку шема на фирми препродавале јаглен на ЕСМ три пати поскапо и профитирале а граѓаните плаќале повисоки сметки за струја.
Најскап договор за јаглен, кој го склучила ЕСМ, а е по цена од 82.5 евра за еден тон со вкалкулиран ДДВ, е со компанијата „Зобек мининг груп“. Зобек мининг груп е компанија која води директно до Венко Филипче.
Газдата на Зобек мининг груп за новинарите потврдил дека тој го купил аудито на Венко Филипче, преку фирмата која препродавала три пати поскап јаглен на ЕСМ и дека сега возилото е на Филипче.
Договорот со „Зобек мининг“ бил склучен во септември 2023 година, првично за испорака на 200 илјади тони јаглен за РЕК „Битола“ во рок од една година. Со два анекса количината на испорака била зголемена, прво за 40 илјади тони, па за уште 48 илјади тони, до вкупно 288 илјади тони.
Според официјално соопштение од „Лигниторихиа Ахладас“, рудникот во Грција каде се копал јагленот, пратено до грчкото Министерство за енергетика, а до кое дошле истражувачките новинари од Македонија, од овој рудник во 2023 година во Македонија биле продадени 768 827 тони лигнит, по цена меѓу 28-30 евра по тон.
Тоа е три пати помалку од тоа што Зобек мининг груп продава.
Заеви и Филипче се богателе и луксузирале врз грбот на народот кој плаќал поскапи сметки за струја за Филипче да ќари Ауди Q8“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ноќеска повремени врнежи дожд насекаде
Управата за хидрометеорологија извести дека кон крајот на денот во крајните западни региони ќе има повремени врнежи од дожд, кои во текот на ноќта ќе се прошират насекаде. На повисоките планини на северозапад врнежите ќе бидат од снег. Во западните делови ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

