Македонија
Ослободителна пресуда за струшкиот градоначалник, Мерко законски го набавил луксузното „ауди“

Основниот суд во Струга го ослободи градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, кој беше обвинет за незаконска набавка на луксузното службено возило „ауди“ А6 од 67.000 евра и уште три други автомобили.
Судот не утврдил дека Мерко го прекршил законот при набавката на службените возила.
Мерко беше обвинет за злоупотреба на службента положба, поради набавката на четири моторни возила во вкупна вредност од околу 114.000 евра, во време кога општината имала долгови и блокирана жиро сметка.
Обвинението беше поднесено лани во март, а судскиот процес почна во април.
САД го ставија струшкиот градоначалник на таканаречената црна листа, со што го означија како генерално неподобен за влез во Соединетите Американски Држави поради негова вмешаност во значителна корупција.
Против Мерко има девет обвиненија за несовесно работење, за бесправно градење, како и за фалсификување исправа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
АВМУ ќе врши мониторинг на медиумското известување во предизборниот период

По распишување на Локалните избори, закажани за 19 октомври 2025 година, започнува мониторингот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги врз радиодифузерите за начинот на известување во периодот пред започнување на изборната кампања и за почитувањето на одредбите од Изборниот законик што се применуваат со распишување на изборите.
До почетокот на изборната кампања, АВМУ ќе врши секојдневен мониторинг на девет телевизиски програмски сервиси на државно ниво, со најголем просечен дневен досег до публиката, додека сите останати програмски сервиси ќе се мониторираат врз основа на претставки.
„При известувањето за изборниот процес, радиодифузерите треба да ги почитуваат професионалните начела, посебно начелото за објективно, непристрасно прикажување на настаните, со еднаков третман на различните гледишта и мислења, така што ќе ѝ овозможат на публиката слободно да оформи свое мислење за одделни настани и прашања, како и да ги почитуваат посебните забрани за поттикнување омраза и нетрпеливост. Известувањето за редовните активности на државните органи, органите на општините и на градот Скопје, на државните институции и организации, како и за други правни лица со јавни овластувања, не смее да биде во функција на изборно медиумско претставување на ниту еден политички субјект“, соопшти АВМУ.
Јавниот радиодифузен сервис и телевизиите на државно ниво треба да обезбедат информирање за изборниот процес и за лицата со сетилна попреченост, а за содржините што ќе ги направат пристапни во текот на изборната кампања треба навреме да ја информираат Агенцијата.
Од распишување на изборите до почетокот на изборната кампања не е дозволено да се емитуваат реклами финансирани од Буџетот на државата, ниту платено политичко рекламирање, освен огласи за собирање потписи за поддршка на кандидатури на група избирачи. Исто така, не е дозволено уредници, новинари, водители на програма и презентери истовремено да бидат ангажирани во програмите на радиодифузерите и во предизборни активности на учесниците во изборна кампања. При објавување на резултати од испитувања на јавното мислење треба да се објават и сите неопходни податоци за конкретното истражување утврдени во Изборниот законик.
Радиодифузерите кои ќе емитуваат платено политичко рекламирање (ППР) треба да извршат регистрација во Државната изборна комисија најдоцна до 12 август, а ценовниците да ги достават до ДИК, ДЗР, ДКСК и АВМУ, најдоцна до 14 август 2025 година.
Како и досега, Агенцијата, на својата веб страница постави банер со материјали поврзани со изборниот процес – законски и подзаконски акти, образец за претставки и сл. Банерот е достапен на македонски, албански и на англиски јазик, и континуирано ќе се ажурира во текот на изборниот процес.
Македонија
На Табановце се чека по 40-тина минути за влез и излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, информира АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП Табановце времето на чекање за влез и излез од државата е околу 40 минути, на останатите граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Нуркач од Бугарија исчезна во Охридското Езеро

Нуркач од Бугарија исчезна во Охридското Езеро. Во тек е акција за негово пронаоѓање.
Според информациите на полицијата, денеска во 13.15 часот, во СВР Охрид и езерската полиција е пријавено дека И.Т.(52) од Република Бугарија, исчезнал при нуркање на длабочина од 89 метри во водите на Охридското Езеро, над селото Трпејца.
Од полицијата велат дека во акцијата за негово пронаоѓање се вклучени тимови од езерската полиција и Црвен крст со нуркачи од нуркачкиот клуб „Амфора“.