Македонија
Андоновски на Дигиталниот самит во Гдањск: Дигиталните вештини се клучен капитал на малите држави
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, учествуваше на министерскиот панел на високо ниво на Дигиталниот самит во Гдањск, стратешки настан организиран во рамки на полското претседателство со Советот на Европската Унија, во соработка со Европската комисија.
На панелот „Skills Gap – Ensuring ICT Talent Development“ се дискутираше за една од најгорливите теми во дигитална Европа – недостигот на ИКТ талент и потребата од системска изградба на дигитални вештини. На панелот учествуваа и високи претставници од Европската унија, вклучувајќи ја министерката за правда и дигитализација на Естонија Лииса-Ли Пакоста, директорката на Европската фондација за обука Пилви Торсти, извршниот директор на Synerise Јарослав Крулевски, и министерот Андоновски од Македонија.
Министерот Андоновски во своето излагање истакна дека во дигиталната економија, вештините не се само образовна тема – тие се инфраструктура, продуктивност и БДП.
Тој ги претстави конкретните иницијативи на Македонија, како што се проектот за дигиталниот иновациски хаб INNOFEIT EDIH, како основа за градење вештини во јавниот и приватниот сектор, но и соработката со приватниот сектор и меѓународните организации во изградбата на клучните национални платформи, како што се порталот за електронски услуги, националната платформа за интероперабилност, Централниот регистар на население, итн.
„Дигиталниот талент не почнува со диплома. Почнува во училница“, додаде Андоновски, нагласувајќи ја потребата од вклучување на кодирање, критичко размислување и безбедност на интернет уште во основното образование, нешто на што Министерството веќе активно работи.
„Европа не може да си дозволи да ги остави дигиталните вештини на случајност. А ние како мали земји, не можеме да градиме дигитални институции без луѓето што ги движат“, заврши Андоновски во своето обраќање.
Со учество на министри, високи претставници од ЕУ, приватниот сектор и академијата, самитот во Гдањск претставува една од највлијателните дигитални платформи за стратешки дијалог во 2025 година. На панелот свое обраќање имаше и вицепремиерот на Полска, Гавковски, министри од Европската унија, директорот на Дигитална Европа, претставници на Европската комисија, лидери од тек секторот и невладините организации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Над 19.000 сообраќајни прекршоци во февруари регистрирани преку „Безбеден град“
Во периодот од 1 до 28 февруари од страна на системот „Безбеден град“ на подрачјата на градовите и Коридорите каде се поставени камери, регистрирани се вкупно 19.066 прекршоци.
Од вкупниот број на регистрирани прекршоци најголемиот број се за управување на возило со брзина поголема од дозволената 18.172, потоа за минување на затворен сигнал (црвено светло) 220 прекршоци, а за управување со возило со измината важност на сообраќајната дозвола констатирани се 674 прекршоци.
Исто така, изречени се вкупно 653 мерки „забрана за управување со возило“, од кои 220 се за „минување на црвено светло“, а 433 се за „брзо возење“.
Гледано по седмици, најголем број на прекршоци се регистрирани во периодот од 02 до 08 февруари-4.991, а најмал во периодот од 09 до 15 февруари – 4.490, додека по денови најмногу на 28 февруари, а најмалку на 11 февруари – 377. Изминатиот месец дневниот просек изнесува 706 прекршоци.
Најголем дел од прекршоците се регистрирани на подрачје на град Скопје-12.073 или 63,3% од вкупниот број на регистрирани прекршоци. Значаен дел од прекршоците се регистрирани и на патните правци долж Коридорите 8 и 10-вкупно 5.702, а најмал број на подрачјето на СВР Тетово – 370 и останати локации-17 прекршоци.
МВР апелира до сите учесници во сообраќајот да се почитуваат сообраќајните правила и прописи за заеднички придонес за посигурни и побезбедни патишта.
Македонија
Интеграциите во ЕУ и управувањето со отпад во фокусот на средбата меѓу Хоџа и чешкиот амбасадор
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска се сретна со амбасадорот на Република Чешка во Република Северна Македонија, Јарослав Лудва. На средбата беше потврдена одличната билатерална соработка и пријателските односи меѓу двете земји, со акцент на можностите за нивно понатамошно продлабочување.
Министерот Хоџа изрази благодарност за континуираната поддршка што Чешката Република ѝ ја дава на Северна Македонија во процесот на пристапување кон Европската Унија, истакнувајќи ја и активната улога на чешката амбасада во Скопје во унапредувањето на соработката во областа на животната средина.
Во тој контекст, на средбата беше направен осврт и на заклучоците од последната седница на Мешовитата комисија за економска соработка, одржана во март 2025 година во Прага, како и на остварените контакти меѓу ресорните министерства. Се разговараше за квалитетот на воздухот, контролата на индустриското загадување и современите практики во управувањето со отпад, вклучително и искуствата од посетата на центарот за управување со отпад на градот Прага.
Македонија
„Визер“ привремено ги прекинува летовите кон повеќе дестинации на Блискиот Исток
Авиокомпанијата „Визер“ соопшти дека поради неодамнешната ескалација на безбедносната состојба во Иран ги суспендира сите летови кон и од Израел, Дубаи, Абу Даби, Аман и Саудиска Арабија, заклучно со 7 март.
Од компанијата информираат дека континуирано ја следат состојбата и се во постојан контакт со локалните и меѓународните власти, агенциите за безбедност во воздухопловството и други релевантни институции. Во зависност од развојот на ситуацијата, можно е да бидат донесени дополнителни оперативни одлуки и да дојде до измени во распоредот на летови.
„Визер“ наведува дека ќе ги информира патниците за сите очекувани промени што е можно поскоро. Патниците кои направиле резервација преку трети страни треба да се обратат директно до нив за дополнителни информации.
Од компанијата нагласуваат дека безбедноста и сигурноста на патниците, екипажот и авионите останува нивен највисок приоритет. Патниците со засегнати резервации ќе бидат директно контактирани со информации за достапните опции.

