Македонија
Герасимовски со aнсамблот „Орце Николов“: Културата е наша трајна заложба – вложуваме во манифестации што ги поврзуваат сите генерации

Градоначалникот Горан Герасимовски, се сретна со претставници од Ансамблот на народни игри и песни „Орце Николов“, еден од најстарите и најзначајни носители на фолклорната традиција во државата. На средбата, се дискутираше за тековните културни активности во општината, за локалната поддршка за културниот развој и за можностите за продлабочување на соработката.
Ансамблот, оваа година одбележува 80 години од своето постоење и е еден од добитниците на Конкурсот за финансиска поддршка на културни проекти на Општина Центар. За проектот „80 години волшебен свет на фолклорот“, ансамблот доби финансиска поддршка во износ од 30.000 денари.
„Преку континуирана и зголемена поддршка на културата, покажуваме дека ја вреднуваме традицијата, уметноста и креативноста. Чест ми е што со Ансамлот имаме одлична соработка и што годинава на нивниот јубилеј ги поддржавме негувајќи го и пренесувајќи го фолклорот како дел од културното богатство на нашата држава. Вложуваме во културата преку низа културни манифестации што обединуваат и радуваат граѓани од сите возрасти – од најмали до највозрасни. За само неколку години го зголемивме буџетот за култура од 3 милиони денари во 2021 година на 13 милиони денари годинава. Тоа е доказ дека културата е и ќе остане наш приоритет“, рече Герасимовски.
Во рамки на средбата, Герасимовски доби плакета од страна на Ансамблот „Орце Николов“, како знак на благодарност за досегашната успешна и долгорочна соработка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Несреќа на патниот правец Македонска Каменица – Делчево, сообраќајот во целосен прекин

Денеска, околу 11:25 часот, на патниот правец Македонска Каменица – Делчево се случи сообраќајна несреќа, извести АМСМ.
Поради незгодата, сообраќајот е во целосен прекин.
Македонија
Герасимовски: Училиштето „Св. Кирил и Методиј“ добива фотоволтаични панели, инвестираме во зелена енергија

Општина Центар и годинава вложува во модернизација на училишната инфраструктура, за децата новата учебна година да ја започнат во современи и безбедни услови. Градоначалникот Горан Герасимовски, го посети Општинското основно училиште „Св. Кирил и Методиј“, каде што треба да започнат тековните подготовки за поставување на фотоволтаични панели. Со нивното инсталирање, училиштето ќе направи значителен чекор кон користење на обновливи извори на енергија и придонес кон заштита на животната средина, известува Општината.
„Наш приоритет се учениците и наставниците, затоа инвестираме во нивниот секојдневен престој во училиште. Реконструкциите што ги правиме изминатиов период во центарските училишта се насочени кон создавање услови достојни за современо образование. Во моментов реконструираме три училишта паралелно и сите деца ќе ја започнат новата учебна година во модерни и функционални училишни објекти. Среќен сум што во наредниот период, ООУ „Св. Кирил и Методиј“ ќе почне со поставување на фотоволтаични панели, со што ќе направиме значителен чекор кон користење на обновливи извори на енергија и заштита на животната средина“ истакна градоначалникот Герасимовски.
Со овие вложувања, Општината продолжува да ја унапредува образовната инфраструктура и да создава училишта кои обезбедуваат квалитетна, здрава и безбедна средина за воспитно-образовниот процес.
Македонија
ФЗО: Вo изминатите четири години не се евидентирани претставки за непотребни операции

Во изминатите четири години не се евидентирани претставки за непотребни медицински интервенции, а по сопствен наод Фондот има извршено девет контроли за приватно наплатени средства, велат од Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) по тврдењата изнесени во јавноста дека во приватните болници се прават непотребни операции за профит.
„Фондот ја истакнува важноста на придржувањето кон професионалните стандарди, медицинската етика и принципите на медицина заснована на докази, кои претставуваат темел на здравствениот систем. Во рамките на своите законски надлежности, ФЗО врши редовни контроли на спроведувањето на договорните обврски со јавните и со приватните здравствени установи со цел да обезбеди здравствените услуги да се изведуваат во согласност со законските прописи и склучените договори. Во сите установи се вршат редовни годишни контроли, а Фондот постапува и по поднесени претставки на пациенти или по сопствен наод“, велат од Фондот.
Од таму наведуваат дека, сепак, ФЗО нема законска надлежност да ја оценува медицинската оправданост на изведените интервенции, ниту да врши инспекциски надзор врз стручната работа на здравствените установи.
Појаснуваат дека овие надлежности се во доменот на Државниот здравствен и санитарен инспекторат или на специјални комисии формирани од министерот за здравство.
„Фондот во рамките на своите овластувања ќе продолжи да работи на спречување евентуални неправилности во користењето на финансиските средства. ФЗО апелира до сите фактори во здравствениот систем, како и до јавноста, за одмерена и аргументирана комуникација заснована на проверливи факти, со цел зачувување на довербата во здравствениот систем и избегнување генерализации, што може да предизвикаат сензационализам“, велат од ФЗО.