Македонија
Муртезани: Проширувањето мора да се води според Копенхашките критериуми

Во рамките на денешната работна посета на министерката за европски прашања на Кралството Данска, Мари Бјере, во Министерството за европски прашања беше одржана заедничка прес-конференција со министерот за европски прашања, Орхан Муртезани.
Во своето обраќањеж министерот Муртезани се осврна на партнерството меѓу Северна Македонија и Данска како пример за заемна доверба и почит потенцирајќи дека подготвеноста за продлабочена соработка доаѓа во клучен момент за европската перспектива на регионот.
Тој ја поздрави одлуката политиката на проширување со ЕУ да биде дел од приоритетите на претстојното данско претседавање со Советот на ЕУ и ја истакна важноста Копенхашките критериуми да останат единствен темел врз кој се гради политиката на проширување.
„Особено ја цениме принципиелната определба на Данска дека проширувањето на Европската Унија мора да се води исклучиво според Копенхашките критериуми – објективни, мерливи и еднакви за сите. Во време кога процесот е изложен на притисоци и тенденции на билатерализација, токму овие критериуми се нашата заштита. Тие се потсетник дека европскиот пат не смее да се условува со прашања надвор од суштината на демократијата, владеењето на правото и функционалната пазарна економија. Веруваме дека под лидерството на една кредибилна земја членка, како што е Данска, ЕУ ќе може појасно да го артикулира својот ангажман кон регионот и да покаже дека процесот е не само жив, туку и остварлив“, рече Муртезани.
Министерот истакна дека Северна Македонија останува посветена на реформите и конструктивната улога во регионот, што е потврдено и со организацијата на самитот на лидерите од Западен Балкан за планот за раст, кој ќе се одржи во Скопје.
Муртезани рече дека нашата земја, и покрај сите предизвици, останува посветена на патот кон ЕУ.
„Планот за раст на Европската Унија го пречекавме како можност за нова етапа на интеграција, која веќе носи конкретни реформи и резултати. Фактот што Северна Македонија набргу ќе биде земја домаќин на самитот на лидерите од Западен Балкан претставува признание за нашата активна улога во обликувањето на европската агенда во регионот“, рече тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На Табановце откриени непријавени луксузни часовници вредни 38 илјади евра

Царинските службеници на граничниот премин со Србија, Табановце – Прешево, спречија обид на српски државјанин да криумчари во ранец два „Ролекс“ и еден „Омега“ часовник со вкупна вредност од 2,34 милиони денари или 38 илјади евра.
Против лицето е поднесена кривична пријава поради основано сомневање за сторено кривично дело – криумчарење.
Непријавените часовници, Rolex Submariner, Rolex Sky-Dweller и Omega Speedmaster, се пронајдени при детален преглед на возилото и патниците кои патувале со автомобил со српски регистарски таблички. Возачот, со намера да ја избегне царинската контрола, ги ставил часовниците во една мала кожна кутија, која ја сместил во неговиот црн ранец заедно со други предмети за лична употреба.
Запленетите производи се предадени на Основно јавно обвинителство Куманово.
Македонија
Герасимовски: Исчистивме и измивме околу контејнерите во Буњаковец и во Дебар Маало, продолжуваме во цел Центар

Општина Центар изутринава започна со интензивна акција за миење и чистење на просторот околу контејнерите во населбите Буњаковец и Дебар Маало, со цел подобрување на јавната хигиена и овозможување почиста и поздрава средина за центарци.
Градоначалникот Горан Герасимовски потенцира дека чистите улици не се прашање само на изглед, туки и на здравје и квалитет на живот, а приоритет на општината е да биде место кадешто хигиената и редот се видливи на секој чекор.
„Секојдневно вложуваме напори да создадеме уредна и хигиенска средина во која граѓаните ќе се чувствуваат пријатно и безбедно. По завршување на чистењето на самите контејнери, општинските служби спроведуваат дополнителни активности за миење на површините околу нив, со што се спречува ширење на непријатни миризби и се намалува ризикот од појава на нечистотии и зараза. На овој начин обезбедуваме поголема хигиена на јавните простори и го унапредуваме квалитетот на живот на граѓаните. Нашата цел е Центар да биде пример за чиста и уредена општина, бидејќи секој граѓанин заслужува да живее во здраво и уредено опкружување. Преку овие активности го подигнуваме како нивото на јавната хигиена, така и свеста кај граѓаните“, вели Герасимовски.
Акцијата продолжува и во текот на утрешниот ден во други две населби во Центар.
Македонија
Николоски се сретна со унгарскиот министер за национална економија: Регионалните проекти во инфраструктурата и транспортот се заеднички приоритет за двете држави

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во рамки на посетата на Унгарија, денеска оствари средба со министерот за национална економија на Унгарија, Мартон Наѓ.
На средбата се разговараше за движечките проекти на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, планираниот економски раст, нови инвестиции и актуелни политики.
Исто така се разговараше и за економските политики на Владата на Унгарија и нивниот план за раст како и можностите за уште позасилена економска соработка помеѓу двете држави.
Регионалните проекти во инфраструктурата и транспортот се заеднички приоритет на Македонија и Унгарија, како услов за забрзан економски раст и подобра поврзаност во регионот. Договорот Влада со Влада кој се потпиша помеѓу Македонија и Унгарија исто така носи големи придобивки за граѓаните на двете земји, потврдија двајцата министри.
Односите меѓу двете земји се на одлично ниво и истите ќе се интензивираат во делот на економијата и инвестициите.
Вицепремиерот Александар Николоски на покана на премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, од вчера е во посета на Будимпешта и присуствува на прославата на Националниот ден на Унгарија.