Македонија
(Фото) Ѓорѓиевски: Расадник добива нова современа градинка

Расадник добива нова, современа детска градинка. Со одлична динамика се одвива изградбата на уште еден капитален објект за најмладите жители на Кисела Вода, велат од Општината.
Новата градинка ќе се простира на површина од 800 квадратни метри и ќе има капацитет за згрижување на 120 деца. Објектот ќе располага со вкупно шест занимални, од кои две се наменети за јасли. Со оваа инвестиција Општината продолжува со исполнување на целта за целосно затворање на листите на чекање за прием во детските градинки.
На почетокот на мандатот на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски бројката на дечиња што чекаа место во градинка беше над 400. Сега, со изградбата и со отворањето нови објекти во населбите 11 Октомври, Потстаница и оваа во Расадник, Кисела Вода не само што обезбедува место за сите деца од општината туку отвора можност да прими и деца од соседни општини, соопшти Општината.
„Ова не е само инвестиција во инфраструктурата – ова е инвестиција во иднината. Обезбедуваме квалитетни услови за секое дете, но и големо олеснување за секој родител. Го исполнуваме ветувањето што го дадовме пред граѓаните – дека децата ќе бидат наш приоритет број еден. Благодарен сум им на Владата на Република Македонија, на премиерот Христијан Мицкоски, на Министерството за труд и социјална политика и на сите институции и луѓе што се вклучени во реализација на овој значаен проект“, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) „Над 11.000 фирми не исплатиле плати, владата има 900 милиони евра неисплатени обврски“, вели Кузеска

„Над 11.000 фирми не исплатиле плати, причините секако се лошите економски политики на власта. Состојбата во економијата и во стопанството е алармантна, драстично е намалена ликвидноста во стопанството, фирмите едноставно немаат средства за исплата на плати и обврски а владата не им испорачува навремени средства“, вели Богданка Кузеска – портпаролка на СДСМ.
„Неисплатените обврски од страна на државата се огромни, за поврат на ДДВ и други договорни обврски достигнаа околу 900 милиони евра.
Унгарските пари се уште не стигнаа, ветените средства кои требаше да ја возобноват ликвидноста ги нема. Банките не го поддржуваат стопанството затоа што ја кредитираат државата, нема дополнителна поддршка од финансискиот сектор.
Власта нема јасни цели за развој на економијата – отсуствуваат стратегија и визија, што доведува до „разурната економија“ која се распаѓа пред очите на граѓаните и на фирмите“, изјави Богданка Кузеска – портпаролка на СДСМ.
Македонија
Пожарот во Влае се става под контрола, нема информации за повредени или настрадани

Пожарот на опожарените бараки во Влае се става под контрола, извести ДЗС. Во гаснењето учествуваат повеќе возила и екипи на БППЗ Скопје под водство на командантот на единицата Звонко Томовски.
Нема информации за повредени или настрадани лица.
Македонија
(Видео) „Грантот од ‘Еразмус+’ на фамозната фризерница првенствено бил одбиен, па Димова ургирала и го преиначиле во одобрен“, вели Манасиевски

„Грантот од ‘Еразмус+’ на фамозната фризерница првенствено бил одбиен, па Димова ургирала и го преиначиле во одобрен. Преку свиркачи добивме информација за која СДС и Димова треба да одговорат, а тоа дека еден од проектите на фризерницата, која има добиено 270 илјади евра преку ‘Еразмус+’, бил првенствено одбиен, па потоа одобрен“, вели Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Дали е точна информацијата дека раководителката на одделението за буџетска контрола во ‘Еразмус+’, Маја Колеќеска, вработена од страна на Лидија Димова, лично интервенирала за овој проект?
Ако е точна оваа теза, треба да се постави и прашањето – зошто фирмата на Златковски, „В.Е.З. трејд“, била одбиена, па потоа прифатена? Дали блискоста на триото Колеќеска – Димова – Златковски довело до злоупотребување на службената положба и грантот од одбиен, станал одобрен.
Исто така, дали овој проект бил пониско рангиран од другите, кои имале повеќе бодови, меѓутоа бил одобрен поради блискоста на Димова и Златковски, која можеме да ја видиме на оваа фотографија?
Лицемерно е СДС да зборува за криминал и корупција кога тие се предвесници на криминалот и корупцијата. За СДС никогаш нема одговорност, затоа што тие купуваат судии, потплаќаат обвинители, даваат грантови на професори и нивни активисти.
Затоа, народот, кога ќе ја слушне кратенката СДС, првата асоцијација му е криминал и корупција“, изјави Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.