Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Филипче по примерот на Заев ја кодоши Македонија и ги поткопува државните позиции среде Атина

Кога помисливме дека поголем штетник за државните и национални интереси од Зоран Заев нема, се појави Венко Филипче, велат од ВМРО-ДПМНЕ преку партиско соопштение.
„Филипче по примерот на неговиот ментор Заев, ја кодоши Македонија и ги поткопува државните позиции, и тоа од сред Атина.
Како главен опозиционер, наместо да биде на линија со националните интереси, Филипче во своите јавни настапи надвор од државата, со измислици, лаги и манипулации го руши државниот углед и позиции.
Но, што може да се очекува од човек кој му се восхитува на Заев, кој освен во Грција и во Бугарија ги рушеше националните интереси на Македонија, каде на национална телевизија викаше дека Македонците и Бугарите се ист народ, а македонскиот и бугарскиот јазик се исти.
Што го тера Филипче да ја кодоши и плука сопствената држава во која добил се, или пак до последно останува верен на муртинската политика на Заев која подразбираше предавства, коленичење и распродажба на националните интереси.
Венко Филипче треба да знае дека како претседател на опозицијата има должност и обврска да биде на линија и во служба на националните интереси.
Стратешката цел за членство на Македонија во Европската Унија е една од главните определби на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, затоа што тоа е сојуз во кој природно припаѓаме.
Но, исто така, тоа не може да биде оправдување за лоши чекори за нејзина реализација, како по примерот на прифаќањето на предавничките договори на СДС и Зоран Заев.
Интеграцијата во најмоќниот европски сојуз мора да биде под јасно утврдени критериуми, а не со билатерални условувања, кои немаат врска со демократија, Копенхашките критериуми, европски вредности и начела.
Покрај членството во ЕУ, државата има должност и обврска да води грижа и да го зачува достоинството на нацијата.
Затоа, Филипче треба да знае, дека кодошејќи ја државата прави огромна штета на државата и на идните генерации и дека го руши достоинството на македонските граѓани.
И како опозиционер, Филипче е дел од оваа генерација политичари, од кои граѓаните очекуваат умерена и одговорна политика во интерес на државата, а не да ја кодоши и да биде срам за Македонија“, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски во дводневна посета на Лондон на Самитот за Западен Балкан

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, заедно со владина делегација ќе присуствува на Самитот за Западен Балкан, кој оваа година се одржува во Лондон, Велика Британија.
Од Владата соопштија дека Мицкоски, заедно со вицепремиерот Александар Николоски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, министерката за финансии Гордана Кочоска Димитриеска, како и министерот за евроинтеграција Орхан Муртезани ќе учествуваат на голем број состаноци во состав на Берлинскиот процес.
„На маргините на самитот, а и во рамки на посетата на Обединетото Кралство, предвидени се голем број на билатерални средби, за што навремено ќе ја информираме јавноста. При посетата на Обединетото Кралство, владината делегација ќе оствари повеќе економски работни средби кои ќе преставуваат економски исчекор за меѓусебната соработка“, велат од Владата.
Македонија
Мојсоска: 3.000 гласа вредни како 30.000, нашата борба можеби е тешка, но е праведна

Скоро 3.000 гласа вредни како 30.000, со овие зборови Јована Мојсоска, актуелен пратеник и кандидатка за градоначалник на Струга, им се заблагодари на своите сограѓани за поддршката на локалните избори. Во објава на социјалните мрежи, Мојсоска порача дека секој глас добиен за Левица е „чист како солза“, без поткуп, уцени или закани, туку даден од искрена желба за подобро утре.
„Мои стружани и стружанки, фала ви од срце за секој глас и поддршка, секој наш глас е чист како солза, без поткуп, уцени и закани – туку од искрена желба за промена и подобро утре. Тие чесни луѓе кои го ставаат јавниот пред личниот интерес се хероите на нашето време! Позитивниот прием кој го осетив изминатиов месец е само показател дека стружани имаат желба за промена и дека нашата борба допрва претстои“, истакнува Мојсоска.
Таа најави дека заедно со советникот Климе Карамитре ќе се борат за интересите на сите граѓани, со цел да се спречат, како што вели „лукративните пазари на бизнис партиите“.
Особено ја радуваат, додава, резултатите во градот, каде што на шест избирачки места, во училиштата „Ибрахим Темо“ и „Јосип Броз Тито“, Левица освоила прво место по број на гласови.
„Ме радуват и драстично зголемениот раст на поддршката во Подгорци, Октиси и Лабуништа – што покажвит дека времето на Левица во Струга допрва доаѓа“, додава таа.
Мојсоска завршува со порака: „Фала ви од срце убај луѓе – нашата борба можеби е тешка, но е праведна!“.
Македонија
Најголема победа во првиот круг има Јане Мицевски во Сопиште со освоени 80,2% од гласовите, вети нов резервоар за вода

Кандидатот за градоначалник на Сопиште од ВМРО-ДПМНЕ, Јане Мицевски, извојува најголема победа во првиот круг на овие локални избори со освоени 80,2% од гласовите на жителите со право на глас. Од запишаните 5.483 гласачи во оваа општина, на гласање излегоа 2.937 жители, а за него гласаа 2.524.
Тој на жителите на Сопиште им вети нов резервоар за вода, како еден од посериозните проекти на кои ќе работи во претстојниот мандат покрај многуте проекти за подобрување на инфраструктурата, спортот, образованието, безбедноста, транспортот и културата на кои рече дека активно ќе работи.
Мицевски на овие избори доби втор мандат од жителите на Сопиште. Тој и досега беше градоначалник на Сопиште. И во 2021 година во првиот круг беше избран за градоначалник со освоени 67,96% од гласовите кога за него гласаа 2.161 жител на општината.
Зад Мицевски со освоени 79,73% од гласовите е победата на Александар Георгиевски од ВМРО-ДПМНЕ во Илинден, кој исто така на овие избори доби втор мандат од граѓаните. Од вкупно запишани 14.908 гласачи, на гласање излегоа 7.746, а за него гласаа 6.386 граѓани.
И на претходните избори во 2021 година кога го доби првиот градоначалнички мандат, Георгиевски беше избран во првиот круг со освоени 54,75% од гласовите кога за него гласаа 4..861 жител на Илинден.
Меѓу тројцата градоначалници кои извојуваа најголема победа во првиот круг на овие избори е и Борче Митевски од ВМРО-ДПМНЕ, кој во Петровец доби петти мандат со освоени 77,43% или 3.493гласа. Во оваа општина се запишани 8.144 избирачи, а на гласање излегоа 4.410.
Убедлива победа има и Иван Јорданов од ВМРО-ДПМНЕ во Штип со освоени 76,74% од гласовите со што доби втор, последователен мандат.
Со 74% од гласовите победа во прв круг и втор мандат освои и Славе Андонов од ВМРО-ДПМНЕ во Василево.
Со убедлива победа трет мандат на овие избори освои Митко Јанчев кој доби 73,89% од гласовите, следуваат Марко Колев со освоени 73,34% од гласовите во Велес, Тодорче Николовски во Кратово со 73,2%, Киро Нацков во Градско со 71,92% од гласовите, Ристо Манчев во Босилово со 70,12 % од гласовите, а останатите градоначалници добија поддршка помала од 70% од гласовите.
Процентуално најголема поддршка вчера доби кандидатот на Алијанса за Албанците во Врапчиште, Исен Шабани. Тој според податоците од Државната изборна комисија доби 88,13 % од гласовите, но гласањето мора да се повтори поради мал одѕив на изборите На гласање излегле 24,41% од запишаните граѓани со право глас место една третина колку што пропишува Изборниот законик.
Во првиот круг избрани се градоначалници во 44 општини,а во останатите, како и во Град Скопје градоначалник ќе се бира во втор круг, на втори ноември.