Македонија
Неексплодирана артилериска граната пронајдена кај Калишта, ДЗС апелира да не се поместуваат вакви убојни средства

Неексплодирано убојно средство од минатите војни е пронајдено кај село Калишта при изведба на градежни работи во близина на кампот „Рино“ покрај Охридското Езеро оваа работна недела во реон на општина Струга.
Пронајдената артилериска граната во калибар од 105 мм била од Првата светска војна, што практично била во двор меѓу изградени куќи. Безбедно е подигната и транспортирана до место за нејзино складирање, а потоа и за уништување, од страна на пиротехничарот од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Ѓорги Стефанов.
ДЗС информира дека е корисно да се следат препораките и информациите од медиумите за превенција, а и за реагирање при вакви случаи кога ќе се најдат опасни неексплодирани убојни и други средства.
Конкретно, ДЗС апелира дека при прошетки во природата, во случај кога граѓаните ќе пронајдат неексплодирани убојни средства, да не ги допираат и поместуваат, туку едноставно да се јават на единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК.
По пријавата, надлежните институции и служби од Системот за управување со кризи, самостојно или комбинирано со стручни лица, ќе се погрижат безбедно да бидат отстранети или неутрализирани, односно да бидат уништени опасните пронајдени работи во согласност со конкретните просторни услови, ситуации, а и карактеристики на опасните нуспојави.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На граничниот премин Богородица задржувањето од македонска страна е околу половина час

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен, извести АМСМ.
На граничниот премин Табановце времето на чекање за влез во државата изнесува околу 40 минути, додека на граничниот премин Богородица задржувањето од македонска страна е околу 30 минути.
На останатите гранични премини нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Незгода на патниот правец Бошков мост – Дебар, сообраќајот во прекин

На патниот правец Р1202 Бошков мост – Дебар поради случена сообраќајна незгода сообраќајот е во прекин, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Македонија
СДСМ: Мицкоски да каже за парите од осомничени од Кочани кои завршиле во ВМРО-ДПМНЕ, да не се секира за нашата стратегија

„Кога наместо да деде одговор на конкретно поставено прашање во врска со донации кои неговата партија ги добивала од сега осомничен за трагедијата во Кочани, Мицкоски би требало да одговори на тоа прашање наместо да се секира за нашата стратегија“, велат од СДСМ.
„За нас најважна е вистината и разобличувањето на обидот на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски да ја затскријат вистината за трагедијата во Кочани, но и обидот да ги сокријат нивните партиски функционери од одговорност.
Дополнително, апелираме до Христијан Мицкоски да не се секира за нашата стратегија премногу. Се оптеретува, и тоа е очигледно. А никој не сака премиер кој наместо да е оптеретен со подобрување на животот на граѓаните е оптеретен со СДСМ.
Еве и еден бесплатен совет до Мицкоски – најлоша комуникациска стратегија е стратегијата на лажење, манипулација и бегање од одговори. Реалноста Мицкоски не се поврзува со твоите пораки.
На пример, се уште никој не може да ги почувствува ефектите од четвртата најдобра економија во светот.
Никој се уште не може да ги почувствува придобивките од наводното зголемување на платата.
Сите ги чувствуваат ефектите од рекордните задолжувања, инфлацијата и безочното трошење на пари за папаја, манго, бејби биф, приватни авиони и скапи хотели. Парите на граѓаните се потрошени на луксуз за функционерите на ВМРО-ДПМНЕ додека граѓаните живеат во најсиромашната и економски најслабата држава во Европската Унија.
Никој ги нема видено туристите за кои Мицкоски зборува дека биле за 20% повеќе. Дотолку што Охрид се соочува со најлошата туристичка сезона со години.
Мицкоски, нека не те лажат дека ти поминуваат пораките. Никој не го чувствува тоа што го зборуваш.
Уште еднаш да повториме, нема поголем предавник на Македонската идеја од врховизмот. Врховизмот е авторитарност“, соопшти СДСМ.