Свет
Вклучувањето на Америка во војната во Иран би било ужасна спирала на ескалација, смета Кремљ

Техеран и Москва предупредија денеска се против мешањето на САД во конфликтот во Иран нагласувајќи дека тоа може да доведе до опасна ескалација.
Иранскиот заменик-министер за надворешни работи ги предупреди САД да не интервенираат за да го поддржат својот сојузник Израел во неговата војна против Иран додавајќи дека неговата земја е подготвена да се брани во случај на ескалација.
„Ако САД сакаат активно да интервенираат за поддршка на ционистичкиот режим, Иран ќе мора да ги искористи своите алатки за да им одржи лекција на агресорите и да ги брани својата национална безбедност и интересите“, изјави заменик-министерот за надворешни работи, Казем Гарибабади, пренесе државната телевизија.
„Се разбира, нашите воени носители на одлуки ги имаат отворени сите потребни опции“, додаде тој.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека американската интервенција во конфликтот ќе означи ужасна спирала на ескалација, пренесе „Интерфакс“.
Американските медиуми јавуваат дека претседателот Доналд Трамп ги одобрил плановите за напад на Иран, но сѐ уште не донел конечна одлука.
Во средата, на прашањето на новинарите за американското учество, Трамп рече: „Можеби ќе го сторам тоа, можеби нема“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Путин: Мојата внука течно зборува кинески

Рускиот претседател Владимир Путин рече дека неговата внука течно зборува кинески бидејќи нејзината дадилка е од Пекинг. Путин се обидуваше да ги нагласи блиските врски меѓу Москва и Пекинг.
„Споменав дека некои од моите блиски роднини учат кинески, мислев на мојата внука, чија дадилка е од Пекинг. Таа течно зборува кинески со неа“, рече Путин за време на состанокот со странски новинари во Санкт Петербург.
„Русите покажуваат зголемен интерес за учење кинески јазик како што се продлабочуваат економските врски меѓу двете земји. Годишната трговија достигнува 240 милијарди долари“, истакна тој.
Забелешката на Путин понуди редок поглед во личниот живот на рускиот претседател и ги илустрираше блиските врски меѓу двете земји.
Кина не се придружи на меѓународните санкции што ја погодија Русија по нејзината инвазија на Украина во 2022 година, туку се позиционираше како клучен трговски партнер.
Европа
Зеленски назначи нов командант на копнените сили

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес го назначи Генадиј Шаповалов за нов командант на Копнените сили, откако неговиот претходник поднесе оставка поради рускиот напад на полигон за обука.
Шаповалов, чие назначување беше објавено со претседателски декрет, претходно беше офицер за врска во координативниот центар на НАТО во Германија.
Претходно ги водеше силите на Оперативната команда „Југ“.
Шаповалов го заменува Михаило Драпатиј на функцијата врховен командант на Копнените сили, кој поднесе оставка овој месец поради смртоносен напад на полигон за обука во југоисточна Украина.
Зеленски го премести Драпатиј на функцијата командант на здружените сили како дел од воената реконструкција.
Свет
Трамп ќе одлучи дали да го нападне Иран во рок од две недели, објави Белата куќа

Белата куќа објави дека американскиот претседател Доналд Трамп ќе донесе одлука за евентуален напад врз Иран во следните две недели.
Во разговор со новинарите денес, портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, се осврна на пораката од самиот Трамп во која се вели:
„Врз основа на фактот дека постои значителна веројатност преговорите да се случат или да не се случат со Иран во блиска иднина, ќе донесам одлука дали да одам или не во следните две недели.“
Ливит додаде дека „кореспонденцијата со Иран продолжува“.