Македонија
Вештачката интелигенција постепено ќе навлезе во училиштата во Македонија, Јаневска подготвува документ со насоки
Во процесот на дигитална трансформација на образовниот систем, интеграцијата на вештачката интелигенција претставува следен, логичен чекор кој значително ќе го унапреди квалитетот, ефикасноста и инклузивноста на образованието во Македонија. Внимателно планираме и преку стратешки пристап постепено ќе ја имплементираме оваа технолошка иновација во начинот на учење, спроведување на наставата и генерално во развојот на човечките ресурси.
Ова го истакна министерката за образование и наука, Весна Јаневска на Меѓународниот самит за образовни технологии, што се одржува во Истанбул, од 20 до 22 јуни 2025 година, во организација на Министерството за национално образование и наука на Република Турција.
„Препознаваме дека вештачката интелигенција не треба да го замени човечкиот фактор во образованието, туку да го дополни и унапреди, создавајќи услови за персонализирано учење кое ќе одговори на индивидуалните потреби на секој ученик, студент и наставник. Оваа технологија треба да ни овозможи да создадеме образовна средина каде што секој поединец може да го развие својот потенцијал до максимум, независно од неговите почетни способности или социо-економски услови“, рече Јаневска.
Министерката посочи дека воведувањето на вештачката интелигенција во основното образование е првиот и најкритичен чекор. Децата прво треба да стекнат основно разбирање што е вештачката интелигенција, како функционира, каде се среќава во секојдневието и дека треба да се фокусираат на нејзиниот етички пристап.
„Учениците мора да научат да бидат критички кон информациите кои ги добиваат од ВИ системите. Треба да бидат свесни дека вештачката интелигенција може да прави грешки и да има пристрасности и затоа податоците и изворите мора да споредуваат. Во таа насока, улогата на наставникот е клучна и тој треба да ги води учениците низ процесот на критичко размислување и етичка употреба на оваа технологија“, нагласи Јаневска.
Информираше дека работна група на Министерството за образование и наука со професори од факултети по информатика, работи на подоготовка на документ со насоки и посебни препораки за наставниците и учениците за примена на генеративна вештачка интелигенција во процесот на образованието.
Јаневска информираше и дека се дигитализирни најголем дел од услугите кои ги нуди образовниот систем, како запишување на ученици во основно и средно училиште, нострификација на дипломи стекнати во странство, доделување на ученички и студентски стипендии, сместување во ученички и студентски домови и аплицирање на конкурси од областа на науката. Воспоставен е систем за учење на далечина, а етапно се воведуваат и дигитални интерактивни учебници. Училиштата се опремуваат со современа ИТ опрема за безбеден интернет и креативна настава, а наставниците посетуваат обуки за да одговорат на дигиталните предизвици.
Меѓународниот самит за образовни технологии се организира по шести пат. Оваа година над 100 учесници – креатори на образовни политики од повеќе земји, претставници на образовни установи, глобални техничко – технолошки компании и технолошки паркови се фокусираат на обликување на иднината на образованието преку примена на вештачката интелигенција. На повеќе од 50 сесии на кои се дискутира за трансформативната моќ на дигиталните иновации во образованието и се разменуваат искуства поврзани со креирање стратегии за интегрирање на технологијата во образовните системи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одронот е исчистен, сообраќајот на автопатот Скопје – Велес се одвива нормално
Во 20:38 часот на патниот правец Скопје-Велес, тунел Бадар, одронот е исчистен и сообраќајот се одвива нормално, информира АМСМ.
Претходно, од таму информираа дека сообраќајот се одвива по една лента поради одрон во тунелот.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Одлуката за домашен притвор на Груби е на обвинителството со 2 отсто доверба
Правда мора да има и таа мора да биде неселективна и конечна. Одлуката за домашен притвор е на обвинителството. Истото она со 2 посто доверба и за кое СДС се бореше да биде несменето до последниот здив. Сите забелешки може да ги испратат до таа адреса, и до омилените на Венко обвинители, велат од ВМРО-ДПМНЕ, по одлуката на скопското обвинителството да побара замена на мерката притвор со куќен притвор за Артан Груби.
„СДС треба да се договори со себе бидејќи се исклучително недоследни. Изутрина тврдат дека ДУИ одработува за ВМРО-ДПМНЕ, а сега дека е обратно. А всушност СДС се вистински во паника затоа што нивниот криминоген другар Артан Груби може да проговори за сите ортачки криминали на владите на Зоран и Вице, на Венко и Ковачевски, за бизнисите на Зечевиќ. Зошто врхушката на СДС денес заседаваше и “вртеше” телефони интересирајќи се за исказот на Артан Груби во обвинителство. Ова е и причината зошто СДС во случајот со Груби се однесува по логиката иста на онаа: “лопов вели држете го лоповот”. Црната кутија за криминалите на СДС и ДУИ падна. Прашање на време е кога “исплашените” од СДС ќе му прават на судските клупи друштво на Артан Груби“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Куќниот притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, велат од СДСМ
Одредувањето куќен притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, сметаат од СДСМ. Според партијата, затоа судството и обвинителството се ставени под директна контрола на Мицкоски и ВМРО-ОКГ.
„Дилот ВМРО–ДУИ се спроведува пред очите на јавноста. Прво со договореното враќање и режираното снимање на граничниот премин. Не работеа камерите кога Груби си замина преку граница, слободно, со пасош, иако бил на стоп-листата. Но, за договореното враќање на Груби камери има на секој чекор – од граница, пречек, па сè до Обвинителството и Судот. Потоа следуваше веќе подготвената кампања по медиумите под контрола на Орбан, а сега и одлуките за куќен притвор. Ако некој еднаш избегал од државата, зошто му се одредува куќен притвор?“, прашуваат од СДСМ.
Од таму велат дека ништо не е случајно и останува само да видиме која е цената.
„Пеш преминал преку граница и побегнал. А бил на стоп-листа. Сега, после 14 месеци бегство – се враќа и му се одредува куќен притвор. На кого уште не му е јасно ова сценарио? Ништо не е случајно. Ова е дел од договорот меѓу ДУИ и ВМРО-ОКГ. Останува само да видиме која е цената“, велат од СДСМ.

