Македонија
Сиљановска-Давкова прими Американци кои се на аџилак во земјава
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова прими група американски државјани предводени од Мајк Зафировски, кои од денеска престојуваат на аџилак во земјава.
Изразувајќи огромна благодарност за приемот, истакнатите и угледни членови на американското општество ја запознаа претседателката со мотивот и инспирацијата за посетата на земјава, како една од нивните три дестинации за аџилак, покрај Грција и Турција, посочувајќи дека на Македонија гледаат како на духовна и културна ризница со богата традиција и историско наследство.
Поздравувајќи го нивниот избор за аџилак, Сиљановска-Давкова им посака успех и изрази уверување дека ќе понесат незаборавни спомени и впечатоци од автентичноста на земјава и особено од Охрид, како дел од библискиот и цивилизациски мозаик. Како припадници на Епископалната црква, којашто ужива голем углед во американското општество, претседателката верува дека со нивната мисија, спознавање на различностите и промовирајќи мир и верба, ќе придонесат за зајакнување на вредностите на солидарност, толеранција и духовно единство.
Сиљановска-Давкова укажа на важната улога на македонската дијаспора во градењето на блиски врски меѓу американското и македонското општество, како додадена вредност на нашето стратешко партнерство со САД.
Таа упати благодарност до Мајк Зафировски за постојаните врски со татковината, заложбите преку „Македонија 2025“ за афирмација и промоција на земјава и посветеноста на проектите коишто го потикнуваат растот на македонската економија.
Соговорниците разменија мислења за актуелните состојби во светот и ги слушнаа ставовите на претседателката за глобалните предизвици и проблемите со кои се соочува државава во однос на надворешната политика.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Неколку скопски општини денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– од 08:30 до 14:00 часот, корисниците од дел од улиците: Полог и Кочанска, општина Кисела Вода;
– од 08:30 до 16:00 часот, корисниците од населените места и објектите од село Алдинци кон Солунска Глава, општина Студеничани;
– од 09:00 до 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Македонско Косовска Бригада, општина Шуто Оризари;
– од 09:00 до 14:00 часот, корисниците од објектите во околината на зграда бр. 17 на бул. Партизански Одреди, општина Центар;
– од 09:30 до 13:00 часот, корисниците од ул. 6 во село Бардовци, општина Карпош.
Македонија
Непречен сообраќај по влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Времето денес облачно со повремени врнежи од дожд и засилен ветер
Времето денес ќе биде променливо облачно и релативно топло со повремени локални врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат поројни со услови за појава на грмежи. Ќе дува засилен до силен ветер од југозападен правец (над 70 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 15, а максималната ќе достигне од 19 до 24 степени.
Во Скопје, променливо облачно, претпладне со повремен дожд, локално пороен. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 13, а максималната ќе достигне до 23 степени.
Во утре ќе има преодно стабилизирање на времето. Од недела до вторник ќе преовладува променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Во понеделник наместа врнежите ќе бидат пообилни и поројни со услови за појава на грмежи. Ќе дува засилен, повремено силен ветер од јужен правец (над 70 km/h).

