Македонија
ДОМ ја напушта коалицијата со СДСМ
Централниот одбор на ДОМ (Демократска обнова на Македонија) на седницата која ја одржа викендов одлучи да ја напушти коалицијата со СДСМ.
Ваквата одлука, според ДОМ, претставува принципиелен исчекор кон заштита на вредносниот интегритет на ДОМ.
„Кога процесите стануваат затворени, потребна е нова насока на самостојно, јасно и идеолошки доследно политички дејствување. ДОМ коалициите ги разбира како алатка за остварување на заедничките вредносни цели, но кога тие се губат, доаѓа моментот за нова насока. Оваа одлука е донесена со целосна почит кон соработката од минатото, но како политичка партија која се стреми кон инклузивност, доследност и отвореност, ДОМ верува дека дојде време за нова, самостојна и одлучна насока“, велат од партијата.
На седницата на Централниот одбор беше донесена и одлука со која ДОМ се отвора за вистинско партнерство со граѓанскиот сектор, локалните заедници и сите кои се борат за зелена, праведна и европска иднина.
„’Тивките’ коалициони партнери во два наврати едногласно гласаа за ограничување на граѓанското право на учество – ги избришаа независните кандидати од изборната игра. И затоа со оваа одлука го најавуваме формирањето на ‘Коалиција за зелена иднина’, отворена платформа за идеи, заедничка акција и поддршка на автентични локални кандидати од граѓаните за граѓаните. Оваа одлука е одговор на политичката затвореност, игнорирањето на граѓанските иницијативи и девалвацијата на меритократијата. Наместо следбеници, ДОМ ќе гради инклузивни политики со соработници. Воедно, ДОМ упатува отворен повик до сите активисти и активистки од граѓанскиот сектор, до младите и студентите и до сите граѓани и граѓанки кои се залагаат за еколошко, праведно, одржливо и европско општество: да влијаеме заедно, да делуваме здружено и да ја изградиме зелената иднина на Македонија“, велат од ДОМ.
Третата одлука што ја донесе Централниот одбор е одлуката за настап на претстојните локални избори без партнери од традиционалниот политички спектар.
„Одлуката претставува политички избор што произлегува од желбата на членовите на ДОМ да градат нова култура на локална политика: автентична, вредносно доследна и поврзана со вистинските потреби на локалните заедници. Во оваа насока на исполнување на политичка волја на членството, ДОМ ја нуди својата структура, знаење и поддршка во сите општини каде што има луѓе со идеи, со интегритет, со врска со својата заедница и само за граѓаните. Наместо компромиси со политички партнери без визија, ДОМ ги отвора вратите САМО за граѓанските сојузници кои ја споделуваат вредносната мисија за зелена, праведна и инклузивна локална политика“, велат од ДОМ.
Партијата ги повикуваат граѓаните кои веруваат во зелена, праведна и европска иднина – да им се придружат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, максималната температура до 11 степени
Променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 3, а максималната ќе достигне од 6 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Од среда времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини со врнежи од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во среда засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на експресниот пат Кочани-Штип
Од 23:25 часот, вчера вечер сообраќајот на експресниот пат Кочани-Штип целосно е нормализиран, извести АМСМ.
Претходно, од 19:10 часот, поради сообраќајна несреќа на експресниот пат Кочани – Штип во близина на село Тркање, сообраќајот беше во целосен прекин.
Македонија
Сали во Брисел: Билатералните прашања не смеат да го кочат европскиот пат на земјата
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Матеј Тонин (EPP) во Европскиот парламент.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграции и за спроведувањето на клучните реформи, вклучувајќи го владеењето на правото, јавната администрација и правата на заедниците. Истакната е важноста билатералните прашања да не го попречуваат напредокот на земјата кон ЕУ.
Исто така, беше оценет постигнатиот напредок во Планот за раст и дигитализацијата на услугите, вклучително и проектот WiFi4WB и приклучувањето во SEPA, како и соработката со Претседателството на Кипар и европските партнери за решавање на предизвиците со транспортерите по воведувањето на Системот Entry/Exit.
Првиот заменик-претседател Сали повторно ја потврди посветеноста на Северна Македонија кон европскиот пат и подготвеноста за натамошно унапредување на секоја реформа со европските партнери.

