Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: За една година стабилизирање и раст на економијата, зголемување на плати и пензии
Една година Влада на ВМРО-ДПМНЕ, стабилизирање и раст на економијата, зголемување на плати и пензии, Стратешки договор со Велика Британија, изградба на патишта, велат од владејачката партија.
„Една година Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, една година посветена работа во интерес на државата и граѓаните. Година на големи предизвици со наследена економија фрлена на колена, држава на раб на банкрот, уништени институции. Не беше лесно, но со посветена и макотрпна работа, ВМРО-ДПМНЕ покажа како се работи кога приоритет ти се државата и граѓаните. Прво што се направи, се запре слободниот пад на економија и со добро осмислени мерки и политики, за три последователни квартали забележуваме раст на ДБП од три или на 3%. Со цел поддршка и поттикнување инвестициски циклус, како и реализација на капитални проекти на располагање на стопанството и општините се ставија 500 милиони евра“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според нив, инатата 2024 година завршила со историски највисок износ на странски директни инвестиции од милијарда и 255 милиони евра.
„Се преземаа конкретни мерки за подобрува на животниот стандард на граѓаните и се покажа за најсуштинските сектори во државата како здравство, образование, безбедност. Пензиите се зголемија за 5.000 денари линеарно за сите пензионери, а за 10 проценти покачување на платите добија вработените безбедносниот сектор. Се постигна историски договор со синдикатите во здравство и образование, така што за прв пат раст на платите добија сите вработени во јавно здравствените и образовни установи. До сега, платите во образованието се зголемија за 12 проценти, а до крајот на мандатот предвидено е да пораснат до 46%, додека во здравство до сега платите на сите вработени се зголемени за 15 проценти а до крај на мандатот истите ќе пораснат за над 40%.“, пишува во соопштението.
После долги години, додаваат, се прошири позитивната листа на лекови, а матичните лекари и гинеколози добија покачување на капитациониот бод од 33%, односно од 75 на 100 денари, додека кај стоматолозите од 23 проценти, од 61 на 75 денари.
Во земјоделството, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ, следи редовна и навремена исплата на субвенциите на земјоделците така што, до сега се исплатени рекордни 9 милијарди денари.
„Освен средувањето на пустошот којшто го остави СДС, првата година од Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, инфраструктурно се градеше и развиваше Македонија. Во употреба се пуштија два експресни патишта, Страцин – Крива Паланка и Градско Дреново, како и голем број регионални патишта. Интензивно се работи и на изградба на автопатите дел од Коридорот 8 и 10Д, како и на автопатот Кичево- Охрид од кој во употреба се пушти и првата делница Подмоље до македонскиот туристички центар. Не изостана ниту железничкиот сообраќај, така што во употреба се пушти пругата Куманово-Бељаковце во должина од 31 километар, а интензивно се работи и на втората делница до Крива Паланка. Дополнително, со помош на историскиот стратешки Договор со Обединетото Кралство, ќе се гради и брзата товарна и патничка пруга од Табановце до Гевгелија, што Македонија ќе ја поврзе со Србија и Грција. Стратешкиот договор со ОК ја потврдува и дипломатската посветеноста на Владата, Македонија да ја позиционира на европската и меѓународна сцена како сигурен и доверлив партнер. Овој договор, освен што отвара инвестициски циклус од 6 милијарди евра, тој претставува и дипломатска победа за државата, затоа што покрај со САД, Македонија станува стратешки партнер и со втората најмоќна држава во светот“, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

