Македонија
Лимани во Брисел ја потпиша Меѓународната спогодба за учество на Северна Македонија во Програмата на ЕУ: „Граѓани, еднаквост, права и вредности“
Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани во Брисел ја потпиша Меѓународната спогодба за учество на Република Северна Македонија во Програмата на Европската унија „Граѓани, еднаквост, права и вредности“ (Citizens, Equality, Right and Values – CERV).
По повод потпишувањето на оваа значајна спогодба, Лимани ја потврди посветеноста на Владата на Северна Македонија на основните европски вредности – демократијата, владеењето на правото и почитувањето на човековите права.
„Нашето вклучување во Програмата на Европската унија „Граѓани, еднаквост, права и вредности“ не е само пристап до финансиски инструмент, туку суштинска можност за зајакнување на социјалната правда, институционалниот развој и граѓанското учество во Република Северна Македонија. Со потпишувањето на Спогодбата за пристапување кон оваа програмата, Северна Македонија станува рамноправен член со другите Земји членки на ЕУ во овој сегмент,“ рече Лимани по потпишувањето на спогодбата.
Пристапувањето во Програмата „Граѓани, еднаквост, права и вредности“ е значаен чекор во усогласувањето со ЕУ-стандардите и интеграцијата на нашата земја во Унијата – таа директно придонесува кон исполнување на условите во Поглавјата 23 и 24. При тоа, беше нагласено дека, ова не е само процес на усвојување на законски решенија, туку пред сѐ трансформација на општествените вредности и создавање на поинклузивно, праведно и демократско општество.
Програмата обезбедува финансиска поддршка за граѓански организации, кои добиваат можност да аплицираат за грантови за проекти кои поддржуваат еднаквост, толеранција и човекови права. Преку Програмата се овозможува и институционална надградба. Владата и единиците за локална самоуправа можат да користат поддршка за подобрување на нивните капацитети во заштитата на фундаменталните права.
Програмата придонесува за промоција на недискриминацијата, засилена борба против родовата нееднаквост и насилството како и имплементација на препораките од Истанбулската конвенција.
„Само преку колективен ангажман можеме да гарантираме ефективна имплементација на реформите и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните. Ги повикувам сите институции и организации да ги искористат можностите што ги нуди Програмата „Граѓани, еднаквост, права и вредности“, да се вклучат во креирање одржливи решенија и заеднички да работиме на унапредување на владеењето на правото, заштитата на човековите права и јакнењето на демократијата во Северна Македонија,“ порача Лимани од Брисел.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот на ГП „Богородица“ е нормализиран
Сообраќајот на граничниот премин „Богородица“ (ГП Евзони) од 21 часот е нормализиран, информира АМСМ.
Поради блокада на границата за влез и за излез во текот на целиот ден, колони возила чекаа на граничниот премин „Дојран“ за влез во земјава. Претходно од АМСМ информираа дека од 11:00 часот сообраќајот на ГП „Евзони“ (Богородица) е блокиран за влез и излез поради штрајк на земјоделците.

На ГП „Дојран“ сообраќајот се одвива непречено, но поради зголемен интензитет има задржувања за влез во државата.
Македонија
Алијанса за Албанците на 27 декември ќе одржи собрание за реогранизација на партијата
На последниот состанок на Претседателството на Алијансата за Албанците, каде што се дискутираше за политичките случувања во земјата и понатамошните чекори кон структурирање на органите, членовите на Претседателството едногласно гласаа за одлуката за свикување на партиското Собрание, соопштија од партијата.
Според најавата, Собранието ќе се одржи на 27 декември и ќе се дискутира за реорганизација на структурите и органите на партијата, партиските политики и важните стратешки документи.
„Алијансата за Албанците продолжува да останува во одбрана на националната кауза, гласот на артикулирање на уставните и законските права на Албанците и зачувување на евроатлантската ориентација на земјата како единствен пат за перспективата на граѓаните“, пишува во соопштението.
Македонија
Повторно во прекин сообраќајот на „Богородица“
Сообраќајот на граничниот премин „Богородица“ кон Грција (ГП „Евзони“) од 17:00 часот повторно е во прекин, информира АМСМ.
Сообраќајот беше во прекин од 11:00 часот поради штрајк на земјоделците.
Во 15 часот повторно беше нормализиран, а сега повторно е затворен.
На ГП „Дојран“ има задржувања за влез во државата.

