Македонија
Во Кривичниот суд ќе биде изречена пресуда за убиството на Вања и Панче
Во Кривичниот суд денеска треба да биде изречена пресудата за убиството на 14-годишната Вања Ѓоревска и 74-годишниот Панче Жежовски, случај што ја потресе целата јавност.
Судењето против Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов, како и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, траеше десет месеци. Основното јавно обвинителство побара максимална казна доживотен затвор за Палевски, Кешишев, Видевски и Манев, а за таткото на Вања, кој е обвинет за помагање, побара судот да му ја одреди соодветната затворска казна.
Според обвинението, тие заедно испланирале грабнување на 14-годишното девојче Вања Ѓорчевска со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп.
На 22.11.2023 година, првообвинетиот Палевски, заедно со уште тројца претходно обвинети, заеднички извршиле грабнување на оПанче Жежовски во Велес, со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „цитроен“ за да го користат за грабнување на девојчето во Скопје.
Обвинетите отишле до куќата на оштетениот, физички го совладале и го врзале, а потоа го ставиле во багажникот и се упатиле до местото наречено Рудник во околината на Велес, каде што од користољубие и на свиреп начин, со умисла го лишиле од живот со огнено оружје – пиштол во калибар од 9 милиметри.
На 27.11.2023, обвинетите, помогнати од обвинет родител, извршиле грабнување на девојчето во влезот од зграда на улицата Наум Наумовски-Борче во Скопје. Ја врзале и ја однеле во близина на местото наречено Дупки, во атарот на селото Бразда, па таму на свиреп начин со умисла го лишиле од живот малолетното лице.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Костовски: Левица гласаше против поликлиника, водовод, мостови, финансиска помош за новороденчиња
Левица Бутел тргна цврсто по стапките на ДУИ во општина Бутел, отворено гласаше против се што ќе набројам, пишува градоначалникот Дарко Костовски на социјалните мрежи.
„На седница за буџет, советникот на Левица Бутел гласаше против:
-Нова поликлиника
-Доизградба на водоводот за Љубанци и Љуботен
-Традиционален турнир во Баскет во Радишани
-Традиционален турнир во фудбал за загинати бранители во Љубанци
-Нов мото собир во Бутел
-Детска градинка во населеното место Бутел 2
-Нова фасада на ООУ СВ Климент
-Изградба на пливачки затворен базен во ООУ “Ацо Шопов”
-Нови мостови на река Серава во Радишани
-Уредување и чистење на речното корито на Река Серава
-Финансиска помош за новороденчиња
-Реконструкција на клучните сообраќајници во општина Бутел
-Реконструкција и ревитализација на голем број на помали сервисни улици
-Изградба на нова и реконструкција на постоечката атмосферска и фекална канализација
-Изградба на нови спортско рекреативни центри
-Радишани
-Бутел 1, два спортски центри
-Нови детски игралишта
-Нови спортски игралишта
-Нов пешачки и пристапни патеки
-Поддршка на спортски клубови
-Спортски стипендии
-Парична помош за пензионерите
-Зголемен број на финансиски средства за помош на социјално загрозени семејства
-Финансии за културни и спортски настани
Добро е и тие малку граѓани што гласаа за Левица во Бутел да видат за што гласале, тој глас полека директно се претвара во глас за ДУИ. Одговорно тврдам.
Се надевам ова ќе ми биде последниот статус кога ќе направам равенство помеѓу Левица и ДУИ. Дека последен пат ќе се сомневам дека соработуваат. ДУИ ги интересира само згради во Бутел и тоа веќе на сите е јасно, Левица нема “причина” да биде неразумна !
Давам можност и време да се вразумат. Искрено го правам тоа.
Бутел ќе се развива се повеќе, и ќе се чува се повеќе, нема да дозволам бандити пак да ја водат општината. Затоа што народот јасно покажа каде да се движиме“, додава Костовски.
Македонија
Ведро, но студено утро време, сончев ден со северен ветер
Времето утре наутро ќе биде ведро и многу студено, преку денот сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -9 до -2, а максималната ќе достигне од 5 до 12 степени.
Во Скопје, сончево со мала облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 6 степени, јавува УХМР.
Во наредните денови времето ќе биде стабилно и студено со ниски утрински температури кои насекаде ќе бидат негативни и наместа ќе се спуштат до -10 степени. Преку денот ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец.
Македонија
Утре прекин на водоснабдувањето во Маџир Маало
Од ЈП „Водовод и канализација“ информираат дека утре (29 декември 2025 година, понеделник) поради изведување на водоводен приклучок Ф200 мм на улица Титовелешка б.б., ќе има прекин во водоснабдувањето.
Без вода ќе останат корисниците од населбата Маџир Маало, на подрачјето на Општина Центар.
Прекинот ќе започне од 10:30 часот и ќе трае до завршување на работните активности, соопштуваат од јавното претпријатие.
Фото: pexels

