Македонија
Муцунски на НАТО самитот во Хаг: Мора да инвестираме не само во силна одбрана, туку и во отпорност
На покана на Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, вчера и денес учествува на самитот на НАТО во Хаг, како дел од државната делегација предводена од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Во рамки на првиот ден од самитот, министерот Муцунски присуствуваше на работната вечера на земјите членки на НАТО, во формат Совет НАТО–Украина, на која учествуваа и украинскиот министер за надворешни работи, Андреј Сибиха, како и високата претставничка на Европската Унија, Каја Калас. За време на вечерата беа разменети мислења за тековната безбедносна ситуација, потребата од одржлива и координирана поддршка за Украина, како и за зголемените капацитети за одбрана и отпорност на сојузниците.
Во оваа прилика, министерот Муцунски истакна дека кохерентноста и единството се нашата најсилна алатка за справување со заедничките закани и предизвици. Тој нагласи дека потребата да се направи и инвестира повеќе во сопствените одбранбени капацитети мора да остане приоритет број еден за сите земји членки, при што континуираната координација е единствениот начин за постигнување заеднички успех. Муцунски ја подвлече и важноста од постигнување праведно и долгорочно решение за Украина, поздравувајќи ги иницијативите за одржување директни средби меѓу претставниците на Украина и Русија, со поддршка од САД и европските сојузници. Тој ја реафирмираше подготвеноста на Северна Македонија за натамошна поддршка за Украина, согласно националните капацитети и можности.
На маргините на самитот, во текот на двата дена се одржа и висок дипломатски настан – НАТО јавен форум, на кој учествуваа високи државни претставници и експерти кои дискутираа на теми поврзани со стратешките безбедносни предизвици.
Министерот Муцунски денеска зеде учество на сесија посветена на лидерството и идната улога на младите во справувањето со современите безбедносни ризици, како и на заложбата за инклузивна и одржлива безбедносна политика. Во своето излагање тој подвлече: „Вистинската мерка за нашиот успех ќе биде дали сме во состојба да изградиме вистинско партнерство меѓу генерациите – каде што искуството и иновацијата не се во судир, туку се надополнуваат.“ Муцунски им порача на младите лидери дека само заеднички може да се изгради мост меѓу наследството и новото лидерство, со цел обезбедување побезбеден и потпорен свет за сите.
„Во суштина, сите се согласуваме без сомнение: без одвраќање, одбрана и безбедност, нема услови за добар образовен, здравствен, социјален или кој било јавен систем. Погледнете што се случува во Украина – кога има војна, општеството е фокусирано на неа, а не на реформите што го подобруваат животот. Ова е повик за будење за сите нас“, истакна министерот Муцунски.
Тој говореше и за улогата на НАТО во обединување на младите и за фрустрациите кај младите генерации, особено поради застојот во процесот на европска интеграција на Северна Македонија. „Покрај безбедносните предизвици, денес се соочуваме и со наративи на конфликт кои се создаваат и во нашите општества, со цел да ги поделат младите. Ја гледам мојата земја како членка на НАТО, но сè уште не сме членка на Европската Унија. За жал, најголемата пречка сега доаѓа од Бугарија – наш сојузник. Тешко е да се објасни како сојузник може да предизвика дестабилизација. Најголемата фрустрација се гледа токму кај младите.“
„Ги повикувам сите нас, како сојузници, да се обединиме, да работиме заедно, да ги зближиме младите генерации и да создадеме простор на меѓусебна доверба. Дури и да инвестираме 5% од БДП и да донесеме правилни воени одлуки – ако постои недостаток на доверба, непријателот ќе го искористи тоа и ќе нè манипулира однатре. Затоа мора да инвестираме не само во силна одбрана, туку и во отпорност, во сајбер и инфраструктурна безбедност, во одбранбена индустрија, како и во борба против штетните наративи, дезинформации и лажни вести кои ја поткопуваат Алијансата“, заклучи министерот Муцунски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Кузеска: Кој е Душан Адамовиќ и зошто е избран за почесен Конзул на Македонија?
„Пред околу еден месец, српското МНР соопшти дека му ја предале егзекватурата на почесниот конзул на Република Северна Македонија во Република Србија: Душан Адамовиќ. Седиштето на Конзулатот на Република Северна Македонија е во Панчево. Кој е Душан Адамовиќ и зошто токму тој е избран за почесен конзул?“, кажа денеска на прес-конференција, Богданка Кузеска – портпаролка на СДСМ.
„На платформата X може да се најдат стари објави на Адамовиќ кој вели дека, цитирам „Српска Македонија“ била окупирана. Ова е скандал сам по себе, но одиме понатаму. Адамовиќ е висок функционер на СНС сестринската партија на ВМРО-ОКГ, и близок со Александар Вучиќ. Бил член на Извршниот одбор на СНС, кородинатор за Срем и координатор за Јужен Банат. Во медиумите во Србија има скандалозни информации за бројни афери кои се поврзуваат со него. Во 2019 години поранешниот министер за внатрешни работи на Србија, Зоран Живковиќ јавно ќе објави дека Душан Адамовиќ е дел од група која се занимавала со трговија со оружје. Вести.рс пренесува дека во 2008 г. на само 24 години бил застрелан во нога затоа што должел пари. Преживеал напад со бомба во 2006 година. Бил уапсен и за други кривични дела. Бројни афери со криминални позадини се поврзуваат. Сега прашањето е како покрај толку угледни бизнисмени, личност со вакво криминално минато, со која се поврзуваат бројни афери во Србија е избран за конзул? Го провериле ли македонските безбедносни служби или Мицкоски лично лобирал за него? Овој скандал отвора сериозен сомнеж. Го повикуваме премиерот Мицкоски да излезе и да одговори: Како од толку угледни бизнисмени во Србија владата го избрала Адамовиќ за почесен конзул на Македонија? Каква е врската на Адамовиќ со Мицкоски?“, истакна Кузеска.
ВМРО-ДПМНЕ испрати реакција на прес-конференцијата.
„Предлогот за конзул на Душан Адамовиќ доаѓа од амбасадорот на Македонија во Белград именуван уште од времето на владата на СДС и ДУИ. Партијата на Башановиќ, СДС треба да разбере дека функцонира во Македонија и е опозиција во Македонија. Не сакаме да се вмрежуваме во дневно политичките настани во соседна Србија иако желбата на СДС е огромна за тоа. Споменатото лице ги исполнува сите критериуми потребни за негово поставување за конзул“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Заев и СДС беа главниот кадија во државата, тие судеа, тие пресудуваа, тие разрешуваа
„Во времето на Зоран Заев и СДС, Македонија беше држава на еден човек. Заев беше и обвинител и судија и главен кадија. Одлучуваше кој ќе биде гонет и кој ќе седи на судиската клупа“, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Судиите и обвинителите не се бираа по закон и интегритет, туку по послушност. Доколку ги следевте насоките на Зоран Заев, останувавте на функција. Доколку покажевте непослушност, веќе следниот ден бевте разрешени. Судските случаи се кроеја по политичка мерка. Наместо правда, имавме политички пресметки, а наместо владеење на право, имавме владеење на страв“, истакна тој.
Членови на ВМРО-ДПМНЕ, вели Манасиевски, беа предмет на политички прогон, а притисокот не застануваше само на нив, се одеше и кон нивните семејства.
„Тоа не беше борба за правда, туку демонстрација на сила. Случајот со Мерцедесот и Гордана Јанкуловска е само еден од симболите на тој систем. Поранешниот врховен судија Катевеновски јавно посочи дека таа немала никакво сторено кривично дело. Кога предметот стигнал до него, на рочиште зад затворени врати јасно кажал дека нема да даде позитивно мислење за притвор и дека одлуката ќе ја координира заедно со неговите колеги. Но, разговорот со колегите никогаш не се случил. Утредента, на седница на Судски совет, која била свикана по насока на тогашната власт, судијата Катевеновски бил разрешен. Разрешен бил поради тоа што не постапил по политичка директива. Тоа е вистинското лице на Зоран Заев и на СДС. Ветуваа вистина и правда, а испорачаа селективност, криминал и корупција. Оние кои зборуваа за независно судство, создадоа зависно правосудство“, рече тој.
Според Манасиевски, денес, клопчето се одмотува.
„Сведоштвата стануваат сè погласни. Индициите и сомнежите за директна поврзаност помеѓу СДС, Заев и одредени одлуки во правосудството не смеат да останат без одговор. ЈО има обврска да постапи. Затоа што вистината, колку и да се прикривала, секогаш излегува на површина“, заклучи Манасиевски.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДС и ДУИ наложувале, а Судски совет експресно, за само еден ден, разрешувале судии неподобни за тогашната власт, како Катевеновски од Врховен
„Власта на СДС целосно го зароби судството и го стави под своја контрола. Со притисоци и уцени се морало да биде по нејзин терк“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„По насока на СДС и Зоран Заев се бирале подобни и послушни судии и обвинители, и по нивна насока, експресно, за еден ден се реазрешувале непристрасни судии и професионалци кои не беа под нивна контрола.
Таков е и примерот на поранешниот судија во Врховниот суд, Ристо Катевеновски кој тоа отворено, пред целата македонска јавност, го кажува.
Во свое телевизиско гостување, Катевеновски тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашната власт и коалициски партнери СДС и ДУИ.
Станува збор за судско рочиште на кое поранешниот судија истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска и дека за тоа ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие.
После само еден ден од оваа негова изјава Судски совет свикал итна седница на која експресно бил разрешен иако, како што вели Катевеновски, изјавата била дадена зад затворени врати.
Тој посочува дека неговото разрешување не било случајно, туку истото дошло од тогашните власти СДС и ДУИ, односно Зоран Заев и Али Ахмети.
Тоа што во изминатите години го зборуваме, дека СДС и ДУИ под своја целосна контрола го ставиле судството и обвинителството и дека судиите и обвинителите ги бирале во партиските седишта во Струмица и Зајас, веќе се потврдува со јавни сведоштва.
СДС и ДУИ, на чело со Заев и Ахмети одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одговорност од одреден случај.
Овој случај уште еднаш покажува дека СДС и ДУИ си ја партизираа државата и ги заробија институциите.
Тоа време веќе заврши и за тоа е потребна одговорност“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

