Македонија
Десетгодишно девојче од Македонија се удави во Италија

Десетгодишно девојче од Македонија се удави во реката Пјаве, во близина на Тревизо.
Како што јавуваат италијанскитее медиуми, девојчето се капело заедно со нејзините браќа и сестри во реката. Околу 16 часот скокнало во вода, но не испливало на површината поради силната струја што го повлекла под водата и сосема го сокрила од видикот.
„На повик дојдоа околу 20 пожарникари од засебните единици на Монтебелуна и Тревизо, како и специјалисти за водни интервенции, нуркачи, дрон и хеликоптер од Венеција, како и припадници на карабињерите. Поради непредвидливата струја, спасувачките операции беа исклучително тешки. По околу два часа потрага, околу 18:30 часот нуркачи го пронајдоа телото на девојчето меѓу големи карпи на реката. Лекар од итната помош констатира смрт“, јавува „РАИ Њуз“.
Смртоносно давење во Пјава имаше и пред 11 дена, кога животот го загуби 21‑годишен маж со венецуелско потекло.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муртезани – Кос: Следниот период е клучен за процесот на пристапување кон ЕУ

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, утрово во пресрет на официјалниот почеток на Самитот на лидерите од Западен Балкан, оствари билатерална средба со европската комесарка за проширување, Марта Кос. Ова, како што информираат од неговиот кабинет, е прва официјална посета на Кос во ова својство, а средбата со Муртезани претставува потврда за континуираната ангажираност и поддршка на Европската комисија за процесот на интеграција на Северна Македонија во Европската Унија.
Во рамки на средбата беа истакнати резултатите кои Северна Македонија досега ги постигна во спроведувањето на Планот за раст, кој е носечка тема на Самитот, како и Реформската агенда 2024-2027. Еврокомесарката Кос ги поздрави посветеноста и реформските напори на Владата, посебно во делот на успешно реализираните реформи, новоусвоените закони и динамиката на спроведување на приоритетните мерки во повеќе клучни сектори како што се: управување, енергетика, зелена транзиција, дигитализација, развој на човечкиот капитал, бизнис климата и владеење на правото. Комесарката ја охрабри Владата да продолжи со оваа динамика на реформи, истовремено укажувајќи на важноста од искористување на актуелниот момент за натамошен напредок и надминување на преостанатите предизвици.
Муртезани, во разговорите со Кос, изрази уверување дека оваа Влада останува цврсто определена за европската интеграција како апсолутен стратешки приоритет, осврнувајќи се на финализирањето на Патоказот за владеење на правото и Патоказот за реформа на јавната администрација, кои се одредници за отворање на првиот преговарачки кластер „Фундаментални вредности“ и ја реафирмираше подготвеноста на Северна Македонија за продолжување на тесната соработка со ЕК во контекст на целосна реализација на овие документи. Муртезани исто така ја нагласи и отвореноста на земјата активно да се вклучи во новите иницијативи што ќе бидат разгледани на Самитот, меѓу кои се подобрување на заштитата на потрошувачите, развојот на квалитетниот туризам и продлабочување на економската интеграција со Единствениот европски пазар.
На билатералната средба, беше заеднички констатирано дека Самитот во Скопје се одржува во период кога Северна Македонија ја потврдува својата водечка улога во регионот, како прва земја што ги заврши сите правни процедури за стапување во сила на финансиските договори од Планот за раст, овозможувајќи исплата на предфинансирање од ЕУ средства во износ од 52,4 милиони евра. Соговорниците се осврнаа и на неодамнешната апликација на Северна Македонија до Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF) со четири нови проекти во областите кибер-безбедност, дигитализација и унапредување на образовната инфраструктура, како и на тековното спроведување на законите и мерките од Реформската агенда.
Муртезани и Кос се согласија дека следниот период е клучен за процесот на пристапување, нагласувајќи ја потребата од јасна политичка волја, динамична реализација на реформските обврски и искористување на сите нови иницијативи кои ќе произлезат од Самитот во Скопје. Воедно, беше реафирмирана заложбата на Владата да остане конструктивен и доверлив партнер на ЕУ, со фокус на конкретни резултати во интерес на граѓаните и стабилноста на целиот регион.
Македонија
Фетаи со делегацијата на Европската служба за надворешни работи: Владата е посветена на враќањето на владеењето на правото и борбата против корупцијата

Заменик-претседателот на Владата задолжен за добро владеење, Арбен Фетаи, денес оствари средба со делегацијата на Европската служба за надворешни работи, предводена од Зузана Михаљцова Шутиакова, шефица на одделението за Западен Балкан.
На средбата, Фетаи нагласи дека Владата на Северна Македонија е посветена на враќањето на владеењето на правото во земјата, преземајќи конкретни чекори во борбата против корупцијата и нејзиното спречување.
Фетаи ја информираше европската делегација за чекорите што ги презел неговиот кабинет во оваа насока, вклучувајќи го усвојувањето на Годишниот план за работа, кој е главно насочен кон борбата против корупцијата, формирањето на Меѓуресорското тело за координација на борбата против корупцијата, како и усвојувањето на новата Стратегија за финансиски истраги и конфискација на незаконски стекнат имот.
Беше разговарано и за Реформската агенда на Владата, која продолжува со полн капацитет, во согласност со целите за усогласување со законодавството на ЕУ.
Македонија
За влез на Табановце се чека до половина час

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На ГП Табановце се бележи зголемена фреквенција на возила времето на чекање за влез во државата е околу 20-30 минути. На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.