Македонија
„Над 150 дивоградби во Чаир, а власта молчи, до кога Мицкоски ќе коленичи пред ‘Влен’“, прашува СДСМ

„Повеќе од 150 дивоградби се пријавени во Чаир, со објавени докази за незаконска градба без дозволи, без основни стандарди за безбедност и со сомнителни приклучоци во мрежата на ЕВН. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски не преземаат ништо, напротив ја штитат урбана мафија“, велат од СДСМ.
„Во исто време, во Македонска Каменица, МВР поднесува кривична пријава против граѓанин кој го реновирал сопствениот покрив. Еден покрив – кривична пријава. 150 дивоградби – ништо.
Тоа е жив доказ за селективната правда и за политичката заштита на урбаната мафија, особено кога е поврзана со коалициските партнери на власта.
Зошто премиерот Христијан Мицкоски молчи? До кога ќе коленичи пред ВЛЕН?
Дали и тој е влезен во криминалната шема?
СДСМ бара итна истрага, одговорност за сите вклучени – без разлика дали се градоначалници, советници или високи партиски функционери.
Не смее да има недопирливи без разлика дали се коалициски партнери на Мицкоски!
СДСМ ќе продолжиме да се бори за правда, за ред и за правна држава во која законот важи за сите“, се наведува во соопштението на СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Предложен притвор за три лица: ОЈО поведе истрага за загрозување на животната средина со диви депонии на Вардариште

Со координирани дејствија на Основното јавно обвинителство Скопје и Министерството за внатрешни работи во изминатите два дена и извршени претреси на локацијата Вардариште по наредба на судија на претходна постапка, обезбедени се докази кои даваат основано сомнение дека три лица сториле кривично дело – Загрозување на животната средина и природата со отпад од член 230 став 1 од Кривичниот законик.
Основното јавно обвинителство Скопје денеска поведе истрага и предложи на тројцата да им биде определена мерка притвор поради опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци и можност да продолжат да го повторуваат делото.
Осомничените, подолг временски период се до 02.09.2025 година, на ул.„Зендел Џемаил“ бб во Скопје, создале депонија спротивно на прописите за заштита на животната средина, со која можеле да предизвикаат значително оштетување на квалитетот на почвата, воздухот или водата и да предизвикаат опасност за животот или здравјето на луѓето.
Сите тројца вршеле дејност – откуп на старо железо, метални производи, стари акумулатори и други обоени метали на импровизирани пунктови – отпади на предметната локација, без означена фирма, без да регистрираат правно лице и без да поседуваат соодветна дозвола за вршење на дејност за управување со отпад која согласно закон ја издава Министерството за животна средина и просторно планирање.
Македонија
Сиљановска-Давкова им врачи признание „Инженерски прстен 2025“ на 14 најуспешни дипломирани инженери

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова им додели „Инженерски прстен 2025“ на 14 најуспешни студенти, дипломци на инженерски факултети во рамките на универзитетите: „Св.Кирил и Методиј“ – Скопје, „Св.Климент Охридски“ – Битола, „Гоце Делчев“ – Штип и Државниот универзитет – Тетово.
Свечената церемонија се одржа на платото пред црквата „Свети Климент и Пантелејмон“ – Плаошник, во Охрид.
Добитници на „Инженерски прстен 2025“ од УКИМ – Скопје, годинава се: Фросина Станковска – Архитектонски факултет, Марко Ѓорѓиоски – Градежен факултет, Харитина Сакова – Машински факултет, Васка Зарковска – Технолошко-металуршки факултет, Сара Ацковска – Факултет за земјоделски науки и храна, Димитар Пешевски – Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство, Кирил Христовски – Природно-математички факултет, Теа Костадинова – Факултет за дизајн и технологии на мебел и ентериер, Рената Павлеска – Факултет за електротехника и информациски технологии.
Наградени студенти со „ Инженерски прстен“ 2025 од УКЛО – Битола се: Катерина Стојкоска – Технички факултет и Софи Гајтановска – Факултет за информатички и компјутерски технологии.
Од УГД Штип, носители на наградата се: Сара Панева – Факултет за природни и технички науки и Бојана Тасева – Факултет за информатика.
Од ДУТ, признанието го доби Гзим Дервиши – Факултет за применети науки.
Сиљановска-Давкова, честитајќи им го на добитниците престижното признание, ја истакна важноста од континуираната подршка на образованието и науката, како најдобра општествена инвестиција.
Таа ја реафирмира потребата од развојна образовна политика, компатибилна со регионалната и европската, насочена кон наша интегрирација во европската истражувачка сфера и афирмација на меѓународниот истражувачки пазар.
Според неа, само образовани и компетенти луѓе на политички и управувачки позиции можат да ја разберат и поддржат науката.
Андреј Лепавцов, претседателот на Инженерската институција на Македонија, им порача на најдобрите инженери во прстенот да гледаат не само признание, туку и обврска и предизвик за поголемо знаење и повисоки стандарди на квалитет.
„Наша должност е да ве поддржуваме во секоја фаза од вашата професионална кариера. Ние ќе бидеме тука да ве поврземе со индустријата, да ви помогнеме да ги продолжите вашите академски патеки“, рече тој и нагласи дека институцијата со која раководи ќе ги охрабрува да се вклучат во креирањето на инженерската политика на државата.
Македонија
ДУИ во паника, клевети од страв од пораз, каде се вработени сопругата и сестрата на Бујар Османи, прашуваат од „Вреди“

Партијата прогласена за Non Grata од меѓународниот фактор реагирала на вработувањата на Албанците во државните институции. Тие преку клевети сакаат да ги покријат своите неуспеси во периодот додека повеќе од две децении беа на власт, велат од „Вреди“.
Широката јавност, потсетуваат од таму, многу добро знае дека тие 20 години се грижеа единствено за вдомување на своите семејства, и тоа на работни места каде месечната плата е повеќекратно повисока од просечната во РСМ.
„Наместо да дадат отчет зошто Албанците ги претворија во администратори без работа и зошто ги оставија без реална застапеност, функционерите на ДУИ избираат да клеветат.
На оние што излегуваат на прес-конференции, им порачуваме да се вратат во канцеларија и да го прашаат својот шеф Бујар Османи, кој е и шеф на штаб, и кандидат за градоначалник, а воедно и потпретседател на партијата, зошто ги лаже!
Нека го прашаат Османи каде е вработена неговата сопруга, чие име од коректност нема да го спомнеме? Но, пред да прашаат, ние им откриваме дека сопругата на Бујар Османи зема месечна плата над 100 илјади денари, што изнесува колку четири плати на администратори кои ДУИ ги лажеше повеќе од 20 години.
Исто така, нека прашаат каде е вработена неговата сестра и колкава е нејзината месечна плата“.
Албанците, според „Вреди“, добро знаат дека во М-НАВ, сестрата на Бујар Османи зема месечна плата над 3 илјади евра, што е колку шест плати на еден друг администратор.
„Вреди“ како што истакнуваат, нема повеќе да наведува имиња, но предупредува дека во наредните денови целосно ќе го обелодени непотизмот и вработувањата на семејствата на ДУИ во последните 20 години, со име и презиме.
„За направените клевети ќе се иницира соодветна постапка доколку не биде побарано јавно извинување од ДУИ“.