Македонија
Планина поместивме да го изгрaдиме експресниот пат од Фариш до Дреново, рече Николоски
Експресниот пат делница Фариш – Дреново, кој од денес е пуштен за сообраќај, е втората најтешка делница за работа, после автопатот Кичево-Охрид, изјави вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски.
Изјави дека патот ќе го користат граѓаните од Тиквешкиот регион, од Прилеп, Битола, Ресен, Могила, Новаци, Кривогаштани и оние што сакаат полесно да патуваат до Охрид и таму да го поминат одморот.
„Навистина честитки до сите кои беа вклучени во реализацијата на можеби втората најтешка делница од сите што ги работиме во моментов. Гледано како подвиг после автопатот Охрид-Кичево, ова е дефинитивно најсложениот подвиг кој што беше за решавање. Тунелите позади нас и планинанта позади нив беа голем предизвик. Буквално планина се помести за да се изгради овој експресен пат и да е безбеден што е многу значајно“, рече Николоски.
Министерот појасни дека отворањето било поместено за неколку месеци, за да се добие максимално безбеден експресен пат по кој граѓаните ќе можат да сообраќаат, но исто така и да ги отстранат сите пречки кои што стоеле на реализацијата на овој пат.
„Замислете претходната Влада не помислила дека ако цела карпа стои на патот дека е возможно во дадени временски услови недајбоже истата да се сруши и на патот. Затоа на крајот на минатата година заедно со Премиерот донесовме одлука да се реши тој проблем, еве денеска е решен, ќе може да се види позади овие тунели дека планината не постои и тоа ќе е најлесниот и најбезбедниот начин за комуникација“, рече Николоски.
Истакна дека со новиот пат од Скопје до Прилеп да се доаѓа за 1 час и 15, односно 1 час и 20 минути , а од Скопје до Битола да се патува за 1 час и 40 минути, а после реализацијата на автопатот Прилеп – Битола кој што доста интензивно се работи и за многу, многу пократко.
Свое обраќање имаа и претседателот на Владата, Христијан Мицкоски и директорот на ЈП за државни патишта Коце Трајановски.
Претходно беше пуштен за сообраќај експресниот пат делот од Градско до Дреново.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево со мала до умерена облачност, ќе дува повремено засилен северен ветер
Сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец (локално до 50 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и сончево време со мала до умерена облачност и со пониски утрински температури. Во четврток ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.
Македонија
Дел од Автокоманда денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека за денеска имаат планирано неколку интервенции и тоа:
· поради промена на вентил од 2.5“ на улицата Јани Лукровски 12, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво

